РТ реагира на напис на британскиот сервис

Денот кога Би-би-си одлучи дека Путин си го убил другарот

Плачењето на погреб на свој другар е знак дека сте го убиле, според врвните новинари на Би-би-си. Па, само ако сте Русин, а вашето име е Владимир Путин, одговара Раша тудеј на вчерашниот напис на новинарот на Би-би-си Габриел Гејтхаус.

„Пуштањето солзи на последното збогум, прегрнувањето на сопругата на пријателот и покажувањето емоции биле знак дека на рацете на рускиот претседател има крв.

Еден новинар со очи соколови, претворен во експерт за јазикот на телото, психолог и, па, читач на мисли, во написот под наслов 'Денот кога Путин плачеше' брбори бесмислици и од солзите за блискиот пријател со џиновски скок нè води до заклучок дека 'мистеријата е решена'.

Овие тврдења ќе беа навредливи и необични ако не беа толку урнебесно смешни. Тие се обвиени во маската на сериозно известување. Руските избори се наѕираат и во воведот се споменува тој факт. Тој единствен, осамен факт. А потоа написот добива бизарен пресврт - скокнувајќи назад во времето до 24 февруари 2000 година, на погребот на Анатолиј Собчак.

Собчак беше пропелерот зад политичката кариера на Путин, откако забележа потенцијал во поранешниот агент на КГБ. Собчак беше градоначалник на Санкт Петербург кога го зеде Путин под свое и го направи свој заменик. Кога Путин се кандидираше за претседател, Анатолиј Собчак почина во хотелска соба во Калининград, на возраст од 62 години.

Новинарот на Би-би-си Габриел Гејтхаус напиша: 'Аутопсијата рече дека е срцев застој, но не можеше да се најде трага од срцев удар. Вдовицата на Собчак се сомневаше во матна игра и направи своја сопствена аутопсија. Нејзиното име е Људмила Нарусова. Неодамна ја запознав и ја прашав дали мисли дека нејзиниот сопруг бил убиен. Таа направи пауза доволно долга за 10 пати да каже 'да' и потоа одговори: 'Не знам'.

Значи, таа направила пауза доволно долга и за 10 пати да каже 'не', но ајде да ставаме зборови во устата на една осамена вдовица. Нарусова не е единствената чии непостоечки дела и зборови Би-би-си ги пополнува како лош крстозбор. Гејтхаус го чести и претседателот со ретроспективно 'зборување од стомак'.

Тој напиша: 'Се вратив и ја погледнав снимката од погребот.

Путин навистина е вознемирен. Очите му се црвени, се чини дека се мачи да голта додека ја прегрнува Људмила Нарусова. Путин не е актер. Ниту, пак, е склон кон јавно прикажување емоции. Значи, разумно е да се претпостави дека е погоден од искрена болка. Или нешто друго е во прашање. Вина?'

Сопругата на Собчак јасно ја отфрла идејата дека Путин имал улога во смртта на нејзиниот сопруг во интервјуто за Гејтхаус. 'Ако Собчак бил убиен, дали тоа било од една од оние фракции што се плашеле дека неговиот ментор има влијание врз него? Можеби. И ако е така, дали стариот офицер на КГБ сфатил дека неговиот стар пријател умрел некаде во развојот на Проектот Путин. Тоа е само сомневање, но јас почнувам да мислам така.'

Назад во светот на 'лажните вести', Гејтхаус објаснува како Ксенија, 36-годишната ќерка на Собчак, работи против Путин. Таа не се согласува со владата - очигледно. Нејзините ставови за многу нешта се различни. Слично како што Џереми Корбин не се согласува со Тереза Меј - обвинувајќи ја владата дека е одговорна за смртта на сиромашните луѓе.

Сепак, тоа е Би-би-си, а ова е Русија. Заклучок? Собчак помладата е крт со наредба да зборува лоши работи за Путин, за тој на 18 март четврти пат да биде избран за претседател... природно.

Гејтхаус пишува: 'Поддржувачите на Алексеј Навални, кој е 'вистинскиот' опозициски кандидат, но му беше забрането да учествува, вели дека таа е марионета на Кремљ - стар семеен пријател регрутиран од Путин за изборите да добијат привид на кредибилитет.

Секако, таа не би се кандидирала без премолчана дозвола од властите. Така функционира руската демократија. Но мажите во сиви костуми што го водат Кремљ можеби ќе зажалат за својата одлука. Ксенија ги посетува телевизиските студија именувајќи ги корумпираните другарчиња околу Путин и ја нарекува анексијата на Крим незаконска. Ако, како што тврди, не се кандидирала за да победи, туку за да биде слушната, тогаш таа секако крши некои табуа.'

Гејтхаус често зборува за 'мажи во сиви костуми' и има изобличена слика на својот профил на Твитер, најверојатно поради огромната самоважност или параноја од тоа дека е 'мета'. Во секој случај, ние сметаме дека тој треба повеќе да се грижи за мажите во бели палта...“, завршува Раша тудеј.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе