Ден на победата над фашизмот: дали идеологијата е победена?

Што е фашизмот?

Низ цела Европа денеска се слави 9 мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, во знак на сеќавање на крајот на Втората светска војна во Европа во 1945 година и почетокот на создавањето на Европската Унија пет години подоцна.

Оваа година се одбележуваат 74-годишнината од крајот на Втората светска војна и 69 години од покренувањето на иницијативата за создавање на денешната Европска Унија. Овие два значајни настани во историјата на Европа, како и секоја година, ќе бидат одбележани со низа манифестации и оддавање почит кон жртвите на фашизмот и паднатите борци во Втората светска војна.

Во земјите на Европската Унија посебно значење има Денот на Европа како ден што претставува пресвртница во односите меѓу европските земји и го отвори патот за заедница на држави на континентот, додека во Русија во фокусот на прославата е Денот на победата во Втората светска војна.

Институциите на ЕУ на 9 мај традиционално ги отвораат вратите за граѓаните, а канцелариите на ЕУ низ светот организираат разни активности и собири за граѓаните, како што се дебати, концерти и посети.

Со одбележувањето на Денот на Европа годинава се совпадна и самитот на процесот Брдо-Бриони во Тирана, иницијатива покрената заради забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Во Русија 9 мај се одбележува како Ден на победата на фашизмот со традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва, на која се прикажуваат руските воени достигнувања.

Денот на победата над фашизмот се слави на 9 мај, во спомен на денот кога во 1945 година нацистичка Германија ја потпиша капитулацијата во Втората светска војна. Денот на Европа, 9 мај, е утврден како ден на сеќавање на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман од 1950 година, која се смета за прв официјален чекор во настанувањето на ЕУ.

Декларацијата беше предлог од поранешните непријатели, Франција и Германија, да основаат организација што заеднички ќе ги управува нивните индустрии за јаглен и челик, за војната во Европа никогаш да не се повтори.

Предлогот доведе до создавање на Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година, предвесник на Европската економска заедница, или на сегашната ЕУ.

 

Што е фашизмот?

Самиот термин фашизам е еден од најкомплексните поими во општествената наука и неговата употреба во секојдневниот живот доведува до негова банализација, бидејќи овој термин се користи за секој што е нетолерантен и нелиберален. Фашистичкиот режим не треба да се идентификува со секој вид репресија, расизам или диктатура, бидејќи основата на фашизмот е комбинација на одредени расистички, социобиолошки и психолошки идеи.

Иако се идентификува уникатен збир на фашистички вредности, се прави разлика помеѓу идеите што се развиле во фашистичка Италија, каде што најмногу се негувал идеалот на државата, и во нацистичка Германија, каде што се истакнувала важноста на расата.

Идеологијата на фашизмот се развивала во првите децении на минатиот век. Фашизмот на некој начин е „чедо“ на 20 век, бидејќи во него фашистичките идеи беа јасно кристализирани и спроведувани на историската сцена. Овие идеи доведоа до нешто што се смета за најмрачен период во човечката историја.

Германскиот филозоф Теодор Адорно рече дека „по холокаустот повеќе не може да се пишува поезија“, бидејќи како може воопшто да се поетизира по сè што се случи, и тоа во време што се сметаше за духовно најразвиено во историјата. „Сликата на напредок на човечкиот дух, таква каква што ја наследивме од крајот на 18 век, не се одржа пред глетките на ужас и перверзиите на нацизмот“ (Жилијар, 1999, стр. 24). Сите просветителски приказни паднаа во вода, бидејќи на светската сцена се покажа дека развојот и напредокот не мора неизбежно да водат кон подобро.

Самиот термин фашизам влече корени од царскиот Рим, кога италијанскиот збор fasces, што значи сноп прачки од кои излегува сечило на секира, го означувал авторитетот на магистратот. До крајот на 19 век терминот фасција во Италија бил користен за одредени политички групи, главно од револуционерен карактер. Сè до фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, овој термин не добил јасно идеолошко значење. Со терминот фашизам Мусолини ги означувал паравоените вооружени единици што ги формирал во војната.

На политичката сцена, фашистичките идеи дошле преку политичките партии што победиле на демократски избори со јасен став за борба против современиот начин на живот. Заговорниците на овие идеи сакаа да ги ревитализираат традиционалните текови на живот, а сепак не успеаја да увидат дека патот по кој тргнале е крајност што никогаш не требаше да се случи.

Поразувачки е фактот дека фашизмот не исчезна затоа што беше отфрлен од народот, со протести или со граѓански отпор, туку со воен пораз. Фашизмот, односно неговата манифестација во одреден историски период, е поразен, меѓутоа многу теоретичари сметаат дека опасноста што фашизмот ја носеше и понатаму е присутна бидејќи неговите корени се наоѓаат во човековата психологија и од тоа е невозможно да се избега.

Длабоко во него ги препознаваме патријархалните и елитистичките идеи што ја нагласуваат доминацијата на еден вид луѓе, кои безусловно мора да владеат со светот и за таа власт се спремни да се борат до крај. Таквите експанзионистички намери не можеа да се остварат, а ни да се спречат, на ненасилен начин.

Фашистичките „идеи се засновуваат на верувањето дека апсолутното раководство и владеењето на елитата се природни и пожелни. Човечките суштества се раѓаат со радикално различни својства и способности, што се манифестира преку фактот дека оние со редок квалитет на лидерство со борба се искачуваат над оние што се способни да бидат само следбеници. Фашистите верувале дека општеството, општо гледано, е составено од три вида луѓе. Прво и најважно, тука е врховниот лидер, кој гледа сè, кој поседува неспоредлив авторитет“ (Хејвуд, 2005, стр. 232).

Во спроведувањето на овие идеи се користени методи што доведоа до концентрационите логори, масовните прогонства, убивањата, и поради тоа сите што учествуваа во изградбата на фашизмот во 20 век мораше да бидат запрени. Меѓутоа, како што претходно видовме, се поставува прашањето дали фашизмот е укинат за сите времиња?

Извор: Бука

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе