Делта-сојот се шири како пожар, но уште не се знае дали предизвикува тешка болест

Додека земјите низ целиот свет се борат со нов бран ковид -19 поттикнат од делта-сојот, здравствените експерти се обидуваат да утврдат дали луѓето - главно невакцинираните - од најновата верзија на коронавирусот страдаат потешко од порано.

Фото: ЕПА

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) предупреди дека делта-сојот, кој првпат беше откриен во Индија, а сега доминира во светот, „веројатно е поопасен“ од претходните верзии на вирусот, според внатрешниот извештај објавен во петокот.

ЦДЦ се повикува на истражување во Канада, Сингапур и Шкотска што покажува дека луѓето заразени со делта-сојот почесто се хоспитализирани отколку пациентите во претходниот период на пандемијата.

Во интервјуа за Ројтерс, медицинските експерти рекоа дека трите студии укажуваат на поголем ризик од делта-сојот, но дека клиничките испитувања се штури и дека наодите сѐ уште не се оценети од надворешни експерти. Лекарите што лекуваат пациенти заразени со делта-сојот опишаа побрза појава на симптомите на ковид-19, и во многу делови на светот севкупно зачестување на потешките случаи.

Сепак, експертите веруваат дека е потребно повеќе работа за да се спореди исходот меѓу поголеми бројки поединци во епидемиолошките студии, со цел да се направи разлика дали еден сој предизвикува потешка болест од друг.

Исто така, се верува дека за поголемиот број тешки случаи што завршуваат во болница придонесува и екстремно високата стапка на преносливост на делта-сојот, велат експертите.

Според извештајот на ЦДЦ, делта е заразен како варичелата и е многу позаразен од обичната настинка или грипот.

Шејн Кроти, виролог од Институтот за имунологија во Сан Диего, вели дека најјасниот показател дека новиот сој може да предизвика потешка болест го дава шкотската студија, која покажа дека делтата го удвоила ризикот од хоспитализација во споредба со претходниот сој.

Поголем дел од хоспитализациите и смртните случаи од коронавирусот во Соединетите Држави се невакцинирани. Сепак, постојат докази дека вакцините се помалку ефикасни кај луѓето со ослабен имунолошки систем, вклучувајќи ги и постарите лица.

За вакцинираните, инаку здрави луѓе, веројатноста е дека доколку се заразат со ковид-19, ќе добијат само асимптоматска или блага болест, рече д-р Грегори Поланд, експерт за заразни болести од американската клиника Мајо.

„Сепак, тие можат да им го пренесат на членовите на семејството и на други, кои можеби немаат толку среќа. Мораме да се вакцинираме и да носиме маска, во спротивно, по четврти пат, ќе претрпиме уште еден бран, од кој ќе се појават полоши соеви“, рече Поланд.

Поради стапката на сериозни заболувања, особено во делови од светот каде што опфатот на вакцинираните е мал, здравствените работници во првите редови на одбраната против пандемијата повторно се под голем притисок.

„Ова е како шумски пожар, а не како жарче што тлее. Во моментов е распламтен“, вели д-р Мишел Барон, директорка за превенција и контрола на инфекции во болницата Ју си хелт во Колорадо.

Истражувачите од Кина велат дека делта-сојот многу побрзо се размножува и дека произведува илјада пати повеќе вирус во телото во споредба со првобитниот сој, што ја нагласува најголемата опасност од овој нов бран, рече Барон.

„Тешко е да се каже дали се потешко болни поради делта-сојот или во секој случај би биле потешко болни“, рече таа.

Други лекари велат дека пациентите заразени со делта-сојот се разболуваат побрзо и во некои случаи имаат потешки симптоми од оние третирани порано за време на пандемијата.

„Гледаме дека повеќе пациенти бараат кислород порано“, вели д-р Бенџамин Барлоу, главен медицински службеник во Американ фемили кер, синџир од 28 клиники за давање брза помош.

Во неговата клиника во Бирмингем, Алабама, Берлоу рече дека околу 20 проценти од пациентите биле позитивни на тестовите за ковид, во споредба со два до три проценти пред неколку недели.

Агенцијата АП пишува дека американските работодавци го губат трпението кон невакцинираните работници и дека го зголемуваат притисокот врз нив да бидат вакцинирани. Повеќето работодавци со месеци се потпираа на информативните кампањи, бонусите и други иницијативи за да ги поттикнат работниците да добијат заштита од ковид-19. Сѐ поголем број сега воведуваат правила што им отежнуваат на вработените да одбијат, од директна наредба до барања за редовно тестирање.

Меѓу работодавците што стануваат поостри се федералната влада, владите на Калифорнија и Њујорк, технолошките гиганти Гугл и Фејсбук. Некои болници, универзитети, ресторани, кафулиња, исто така почнаа да бараат вакцинираност.

Меѓутоа, како што истакнува АП, малку е веројатно дека новите мерки ќе влијаат на милионите невакцинирани Американци.

Комбинацијата на Астразенека со Фајзер и Модерна е ефикасна

Комбинирањето на вакцината Астразенека со втора доза Фајзер / Бајонтек или Модерна обезбедува „добра заштита“, објави вчера данскиот државен институт Серум.

Сѐ поголем број држави размислуваат да се префрлат на друга втора доза вакцина против ковид-19. Оваа мерка е особено потребна во Данска откако здравствените власти во април ја прекинаа имунизацијата со Астразенека поради ретки несакани ефекти.

Повеќе од 144.000 Данци, главно медицински персонал и постари лица, примиле прва доза Астразенека, но потоа примиле вакцина на Фајзер или Модерна.

„Таа студија покажа дека 14 дена по програмата за комбинирана вакцинација, ризикот од инфекција со вирусот САРС-КоВ-2 е 88 проценти помал во споредба со невакцинираните луѓе“, рече институтот Серум, објави Ројтерс.

Тоа е „висока ефикасност“, додаде ССИ, во споредба со 90-те проценти ефикасност на две дози од вакцината Фајзер, што беше потврдено со посебна данска студија.

Студијата, објавена минатата недела, опфаќа период подолг од пет месеци од февруари до јуни оваа година, во кој доминираше делта-сојот на вирусот.

Не е потврдено дали таа заштита важи и за новиот сој, кој сега е најраспространет во Данска.

Во Германија од септември трета доза и вакцинација на деца

Германија во септември ќе почне да нуди трета доза вакцина за ранливите граѓани, како што се пензионерите и лицата со ослабен имунитет, објавија вчера 16 покраински министри за здравство.

Имунизацијата ќе се изврши со иРНК-вакцините Фајзер и Модерна, без разлика која од нив била користена порано, објави Ројтерс.

Во разговорите со федералниот министер за здравство Јенс Шпан, министрите се согласија дека вакцинацијата ќе биде достапна и за деца на возраст од 12 до 17 години.

Одлуката ја одразува загриженоста во Германија дека делта-сојот би можел повторно да ја принуди земјата на рестрикции и карантин, додека најголемата европска економија се доближува до парламентарните избори во септември.

Само нешто повеќе од 52 проценти од населението се целосно вакцинирани, а околу 62 проценти добиле барем една доза.

Вакцинацијата на деца на возраст од 12 до 17 години ќе биде доброволна, како и за останатото население, и ќе се прави само со согласност од родителите и лекарски преглед што ќе исклучи сериозни здравствени ризици, најавија министрите.

Околу 10 проценти од 4,5 милиони деца во таа возрасна група веќе се целосно вакцинирани, наведува Ројтерс.

Германија од средата забележа повеќе од 2.000 нови случаи. Просечната седумдневна инциденца вчера беше нешто под 18 на 100.000.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе