10 милијарди евра фрлени во море?

Данска е новата пречка за гасоводот Северен тек 2

Копенхаген бара градителите на новиот гасовод, покрај двете веќе понудени, да разгледа и „алтернативна рута“ за која можеби ќе мора да се прашува Полска.

Залудно финансирачите и градителите на Северен тек 2, најавениот 1.220 километри долг гасовод од Сибир до Германија преку Балтичкото Море оценија дека „постојат добри причини“ да се очекува дека Данска на време ќе даде зелено светло за изградба на последниот дел (од 180 километри) низ територијалните води на нордиската држава.

На почетокот на неделата Јенс Муелер, портпаролот на Северен тек 2, изјави за Ројтерс дека „постојат добри причини“ за верување дека Копенхаген на време ќе го обработи вториот предлог за трасата на идниот гасовод (првиот предлог за трасата беше поднесен во април 2018, а вториот во август минатата година), за да биде завршен во декември 2019, според планираното.

Наместо зелено светло, Копенхаген донесе сосема спротивна одлука. Во екот на повеќемесечните притисоци од Вашингтон и Брисел изградбата на Северен тек 2 да се заузда „со сите средства“, Копенхаген излезе со целосно нова и неочекувана „рампа“ на гасоводот кој треба да двојно да го зголеми количеството сибирски гас на пазарот во Германија, а преку неа и во Европа.

Данската државна агенција за енергија (ДЕА) излезе со ново барање за Северен тек 2, кое и покрај забрзаните работи (моменталното темпо е шест километри поставени цевки на дното на морето на ден), може да го доведе во прашање пуштањето на тој гасовод во функција на 1 јануари 2020.

На учесниците во проектот тежок околу 10 милијарди евра им стигна барање за Северен тек 2, покрај двата веќе поднесени предлози за правецот на трасата – низ данските територијални води или низ нејзината ексклузивна економска поморска зона (во која важи светското поморско право) – да разгледаат и трета, „алтернативна рута“. Таа би минувала јужно од островот Борнхолм, во близина на границата со Полска, инаку еден од најголемите непријатели на новиот руско-европски гасовод.

„Кога компанијата Северен тек 2 на данските власти ќе им поднесе процена на еколошкото влијание на алтернативната рута, таа ќе биде ставена во нормална процедура која подразбира и јавна дебата“, ја пренесува Блумберг изјавата на неименуван портпарол на ДЕА.

На гласините од Копенхаген дека данската влада е спремна целосно да му забрани минување на Северен тек 2 или да побара мислење од „целата ЕУ“ за тој крак на гасоводот, ДЕА возврати со порака дека бара „само“ проценка на еколошките последици.

Компанијата Северен тек 2 воздржано ги кометираше вестите од Данска.

„Двата претходни предлози не се одбиени во Данска. Многу внимателно ќе го разгледаме новото барање на ДЕА и потоа ќе одлучиме што треба да преземеме“, се вели во соопштението на компанијата. Според претходните најави, финансирачите и градителите на гасоводот Северен тек 2 од пред некое време размислуваат за варијанти како да го остварат завршувањето на изградбата во случај Копенхаген да им постави некаква пречка.

Веста дека Данска поставила ново барање пред Северен тек 2 наиде на одушевување во Украина.

„Газпром наиде на ново одбивање од Данска по повод рутата на Северен тек 2“, оцени украински Нафтогас, кој се соочува со можноста до 2020 година да спроведува минимално количество сибирски гас кон Европа.

Во Копенхаген се изгледа решени Северен тек 2 да не го пропуштат по таканаречената северна рута која е пократка и поевтина за градење, туку да ја пренасочат дебатата околу преминот на гасоводот кон таканаречена јужна рута. А на таа рута данските закони наложуваат проектот да се стави под лупа на проценка од аспект на меѓународната политика и безбедносните интереси на Копенхаген.

Сѐ до неодамна, поставувањето на гасоводот по таканаречената јужна рута на Балтичкото Море меѓу Данска и Полска беше „невозможна мисија“ поради четириесетгодишниот спор на тие две земји околу прецизирањето на нивната поморска граница. Според повелбата на ОН за правата на море од 1982 година, секоја крајбрежна држава има право на користење на морето до 200 наутички милји од својот брег. Во случајот на примената на тој закон на водите на Балтичкото море, поморските граници на Данска и Полска се преклопуваат. На 28 февруари годинава, ДЕА објави дека Копенхаген и Варшава го завршиле поморскиот спор со границата, што според тамошните закони значи дека може од Северен тек 2 да се бара нова проценка на последиците на минувањето на гасоводот низ локалните територијални води.

Поморската зона позната како „Полска банана“ би можела да се смета за една од алтернативните рути на морето меѓу данскиот остров Борнхолм и Полска, шпекулира бриселскиот портал Јуроактив. Во тој случај, за изградба на финалната секција на Северен тек 2 можеби ќе треба да се праша и Полска.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе