Анализа на Би-би-си

Дали топлото време навистина ќе го убие ковид-19?

Некои луѓе се надеваат дека епидемијата на новиот коронавирус ќе згасне со зголемувањето на температурите, но пандемиите честопати не се однесуваат на ист начин како сезонските епидемии. Би-би-си фјучр ги издвојува досега познатите факти.

Многу заразни болести доаѓаат и си одат со годишните времиња. Грипот обично пристигнува со постудените зимски месеци, како и норовирусот, односно „повраќачката бубачка“. Други, како што е тифусот, имаат тенденција да нападнат во текот на летото. Бројот на заразените од сипаници паѓа во текот на летото во умерените клими, додека во тропските региони пикот е во сушната сезона.

Очекувано, многу луѓе сега прашуваат дали со ковид-19 можеме да очекуваме слична зависност од годишното време. Откако првпат се појави во Кина околу средината на декември, вирусот се шири брзо, а бројките на заразените сега нагло растат во Европа и САД.

Голем број од најголемите епидемии се случија во регионите каде што времето е постудено, што доведе до шпекулации дека болеста би можела да почне да бледнее со доаѓањето на летото. Меѓутоа, многу експерти веќе предупредуваа да не се надеваме премногу дека вирусот ќе умре во текот на летото.

И во право се што се претпазливи. Вирусот што предизвикува ковид-19, кој официјално беше именуван САРС-КоВ-2, е премногу нов за да има цврсти податоци за тоа како ќе се менува бројот на заразените со годишните времиња. Мошне сличниот вирус САРС, кој се рашири во 2003 година, беше брзо спречен, што значи дека има малку информации за тоа како на него влијаеле годишните времиња.

Но има некои знаци од другите коронавируси што ги заразуваат луѓето за тоа дали ковид-19 на крај може да стане сезонска болест.

Една студија спроведена пред 10 години од страна на Кејт Темплтон, од Центарот за заразни болести на Универзитетот во Единбург, Велика Британија, покажа дека три коронавируси, сите добиени од пациенти со инфекции на респираторниот тракт во болниците и амбулантите во Единбург - покажале „забележлива зимска сезоналност“. Овие вируси се чини дека предизвикуваат инфекции главно помеѓу декември и април - слична шема со онаа што се забележува кај грипот. Четвртиот коронавирус, кој главно бил пронајден кај пациенти со намален имунолошки систем, бил далеку поспорадичен.

Постојат некои рани знаци дека ковид-19 исто така може да варира со годишните времиња. Ширењето на епидемиите на новата болест низ целиот свет се чини дека навестува дека вирусот претпочита студени и суви услови.

Една необјавена анализа што ги споредува временските услови на 500 локации низ целиот свет каде што имало случаи на ковид-19 се чини дека укажува на поврзаност помеѓу ширењето на вирусот и температурата, брзината на ветерот и релативната влажност. Друга необјавена студија исто така покажа дека повисоките температури се поврзани со пониска стапка на ковид-19, но забележува дека само температурата не може да биде одговорна за глобалното варирање на стапката.

Понатаму, други сè уште необјавени истражувања предвидуваат дека умерените топли и ладни климатски услови се најранливи на сегашната епидемија на ковид-19, а по нив се сушните региони. Тропските делови на светот веројатно ќе бидат најмалку погодени, велат истражувачите.

Но во недостиг од вистински податоци во тек на повеќе годишни времиња, истражувачите се потпираат на компјутерско моделирање за да предвидат што може да се случи во текот на годинава.

Извлекувањето податоци за сезоналноста на ковид-19 засновано на ендемските коронавируси (вируси што веќе некое време кружат меѓу човечкото население) е голем предизвик. Во најмала рака затоа што ендемските вируси се сезонски поради голем број причини што во моментов не може да се применат на пандемијата ковид-19.

Пандемиите често не ги следат истите сезонски модели забележани при повообичаените епидемии. На пример, шпанскиот грип го достигна пикот во текот на летните месеци, додека повеќето епидемии на грип се појавуваат во текот на зимата.

„На крај очекуваме ковид-19 да стане ендемски“, вели Јан Алберт, професор по контрола на заразни болести, специјализиран за вируси, од институтот Каролинска во Стокхолм. „А тогаш навистина би било изненадувачки ако не покаже сезоналност. Големото прашање е дали чувствителноста на овој вирус на годишните времиња ќе влијае на неговиот капацитет да се шири во пандемиска ситуација. Не знаеме со сигурност, но треба да имаме на ум дека тоа е можно“.

Затоа, треба да бидеме претпазливи кога го користиме она што го знаеме за зависноста на другите коронавируси од годишните времиња за да направиме предвидувања за тековната пандемија на ковид-19. Но зошто сличните коронавируси се сезонски и зошто тоа нуди надеж за оваа епидемија?

Коронавирусите се семејство на т.н. „обвиени вируси“. Ова значи дека тие се обвиени во мрсна обвивка, позната како липиден двослој, избоцкана со протеини што штрчат како боцки на круна, по што го добиле и името - корона е латински збор за круна.

Истражувањата за некои други обвиени вируси сугерираат дека оваа мрсна обвивка ги прави вирусите поподложни на топлина од оние што ја немаат. Во постудени услови, мрсната обвивка се зацврстува до гумена состојба, слично како што маснотиите од зготвеното месо се зацврстуваат кога ќе се олади, за подолго време да го штити вирусот кога е надвор од телото. Повеќето обвиени вируси како резултат на ова имаат тенденција да покажат силна сезоналност.

Истражувањата веќе покажаа дека САРС-КоВ-2 може да преживее и до 72 часа на тврди површини како пластика и не'рѓосувачки челик на температура од 21 до 23 Целзиусови степени и во релативна влажност од 40%. Како точно се однесува вирусот ковид-19 на други температури и влажност допрва треба да се тестира, но истражувањето на други коронавируси сугерира дека тие можат да преживеат повеќе од 28 дена на 4 Целзиусови степени.

За мошне сличниот коронавирус што ја предизвика епидемијата на САРС во 2003 година исто така е откриено дека најдобро преживува во постудени и посуви услови. На пример, исушениот вирус САРС на мазни површини остана заразен повеќе од пет дена на температура од 22 до 25 степени со релативна влажност од 40-50%. Колку биле поголеми температурата и влажноста, толку пократко преживеал вирусот.

„Климата влегува во игра бидејќи влијае на стабилноста на вирусот надвор од човечкото тело кога е исфрлен со кашлање или кивање, на пример“, вели Мигел Араухо, кој ги проучува ефектите од климатските промени врз биолошката разновидност во Националниот музеј за природни науки во Мадрид, Шпанија. „Колку подолго вирусот останува стабилен во надворешната средина, толку е поголем неговиот капацитет да зарази други луѓе и да стане епидемија. Иако САРС-КоВ-2 брзо се рашири низ целиот свет, најголемите епидемии се случија главно на места изложени на студено и суво време“.

Неговите компјутерски модели секако се совпаѓаат со моделот на епидемиите насекаде низ светот, бидејќи најголемиот број случаи се надвор од тропските предели.

Араухо верува дека ако ковид-19 има слична чувствителност на температурата и влажноста, тоа би можело да значи дека случаите на коронавирусот ќе се разгоруваат во различни периоди низ светот.

„Разумно е да се очекува дека двата вируси се однесуваат слично“, вели тој. „Но ова не е неменлива равенка. Вирусот се шири од човек на човек. Колку повеќе луѓе има на кое било дадено место и колку повеќе тие стапуваат во контакт едни со други, толку повеќе инфекции ќе има. Нивното однесување е клучот за разбирање на размножувањето на вирусот“.

Една студија од Универзитетот во Мериленд покажа дека вирусот најмногу се шири во градовите и регионите во светот каде што просечната температура е околу 5-11 степени, а релативната влажност е мала.

Но има и значителен број случаи во тропските региони. Една неодамнешна анализа на ширењето на вирусот во Азија од страна на истражувачите од Медицинскиот факултет на Харвард сугерира дека овој пандемичен коронавирус ќе биде помалку чувствителен на временските услови отколку што многумина се надеваат.

Тие заклучуваат дека брзиот раст на случаите во студените и суви провинции на Кина, како Џилин и Хејлонгџанг, заедно со стапката на пренесување на тропските локации, како Гвангси и Сингапур, укажуваат дека зголемувањето на температурата и влажноста на пролет и во лето нема да доведе до пад на случаите. Тие велат дека ова истакнува дека се неопходни строги мерки за да се контролира болеста.

Ова е затоа што ширењето на еден вирус зависи од многу други работи освен едноставно од неговата способност да преживее во надворешната средина. И ова е точката во која разбирањето на сезоналноста на болестите станува комплицирано. За една болест како ковид-19, луѓето се тие што сега го шират вирусот, па така промените во човечкото однесување поради годишните времиња може да доведат и до промена на стапката на заразување.

На пример, случаите на сипаници во Европа имаат тенденција да се совпаѓаат со училишните термини и да се намалуваат за време на празниците кога децата не си го пренесуваат вирусот едни на други. За огромната миграција на луѓе околу кинеската Лунарна нова година на 25 јануари исто така се сугерираше дека одиграла клучна улога во ширењето на ковид-19 од Вухан во другите градови во Кина и низ целиот свет.

Временските услови, исто така, може да се плеткаат во нашиот сопствен имунолошки систем и да нè направат поранливи на инфекции. Постојат некои докази што покажуваат дека нивото на витамин Д во нашите тела може да влијае на тоа колку сме ранливи на заразни болести. Во зима нашите тела создаваат помалку витамин Д од изложеноста на сончевата светлина, главно затоа што поминуваме повеќе време во затворено и облекуваме многуслојна облека за да се заштитиме од студениот воздух. Но, според некои истражувања, оваа теорија не влијае на сезоналните варијации што се јавуваат кај болестите како грипот.

Поконтроверзно е дали студеното време го ослабува нашиот имунолошки систем - некои студии сугерираат дека е така, но други сметаат дека студот всушност може да го зголеми бројот на клетките што ги бранат нашите тела од инфекција.

Сепак, постојат посилни докази дека влажноста може да има поголемо влијание врз нашата ранливост од болести. Кога воздухот е особено сув, се смета дека го намалува количеството слуз со која се обложени нашите бели дробови и дишни патишта. Овој леплив секрет формира природна одбрана од инфекции и кога го имаме помалку, ние сме поранливи на вирусите.

Една интригантна студија на научници во Кина сугерира дека постои некаков однос помеѓу смртноста на ковид-19 и временските услови. Тие разгледале скоро 2.300 смртни случаи во Вухан, Кина, и ги споредиле со влажноста, температурата и нивото на загадување на денот кога се случиле.

Иако допрва треба да се објави во академско списание, нивното истражување покажува дека стапката на морталитет била пониска во деновите кога влажноста и температурите биле повисоки. Нивната анализа исто така посочува дека во деновите кога опсегот на максималната и минималната температура бил поголем, имало повисоки нивоа на смртност. Но ова дело во голема мера се засновува на компјутерско моделирање, така што точната природа на овој однос и дали ќе биде присутен и во други делови на светот допрва треба да бидат истражени.

Бидејќи вирусот што ја предизвика пандемијата на ковид-19 е нов, малку е веројатно дека многу луѓе, ако воопшто има такви, ќе имаат имунитет против него сè додека не бидат заразени и не оздрават. Ова значи дека вирусот ќе се шири, ќе заразува и ќе предизвикува болест на начин многу поинаков од ендемските вируси.

Авионското патување беше главната рута на која вирусот толку рапидно се рашири низ целиот свет, вели Виторија Колиза, директорка за истражување на Францускиот институт за здравство и медицински истражувања. Но откако ќе почне да се шири во рамките на една заедница, блискиот контакт помеѓу луѓето го раководи преносот. Прекинот на контактите помеѓу луѓето исто така треба да ги намали стапките на инфекција. Ова е точно она што многу влади се обидоа да го направат со затворањето на јавните места низ целиот свет.

„Сè уште нема докази за сезонално однесување на ковид-19“, вели Колиза. „И компонентата на однесувањето може да игра улога“. Но таа предупредува дека е прерано да се знае дали мерките што се спроведуваат ќе бидат доволни за да се спречи ширењето на вирусот. „Само по себе, тоа може делумно да ја намали ефективната заразност, поради намалувањето на контактите преку кои болеста може да се пренесе“.

А ако случаите на ковид-19 навистина почнат да исчезнуваат во текот на следните месеци, тоа може да биде од повеќе причини - мерките за превенција, како што се изолација и затворања, се успешни; расте имунитетот кај населението; или може да биде ефект на годишното време, како што сугерираат моделите на Алберт.

„Ако има сезонски ефект, тоа би можело да го маскира вистинското влијание на другите две мерки“, предупредува Алберт. „Во земјите каде што строгите карантини ќе значат дека не биле изложени многу луѓе, тогаш не би се изненадил ако видиме втор бран наесен и во зима“.

Дури и ако ковид-19 покаже одредена сезонска варијабилност, малку е веројатно дека тој целосно ќе исчезне во текот на летните месеци, како што сугерираат некои. Но намалувањето на случаите може да донесе некакви придобивки.

„Чекорите што ги преземаме за да ја израмниме кривата се скапи од економски аспект, но тие би можеле да ни помогнат да ја дотераме оваа пандемија до летото“, вели Алберт. „Ако има некаква сезоналност, тоа може да им го купи на здравствените системи времето што им треба за да се подготват“.

А во еден свет што се бори да се справи со рапидно растечкиот број на случаи, тоа можеби ќе биде времето што очајно ни треба.

Објавено

Вторник, Март 24, 2020 - 21:26

Стариот систем е неодржлив затоа што вродува со богатење на поединци наместо на општеството и граѓаните.

повеќе

Секој може да биде менаџер во „добри денови", но најчесто менаџерската работа не е за „добрите денови" туку постојан баланс помеѓу проблемите и можностите за оптимизирано управување на компанијата.

повеќе

Нека се соберат во Дојран, нека се договорат и нека нѐ известат. Сите други пак нека се спремаат за вистински избори во постпандемискиот период.

повеќе