ЕУ обзервер

Дали Русија ги добива најголемите тајни на НАТО?

На белгиските разузнавачи им беа потребни неколку години за да одлучат дали еден висок полковник шпионира за Русија, потенцијално нанесувајќи му „сериозна штета“ на НАТО, вели ЕУ обзервер.

Па дури и да бил невин, протечените досиеја ги претставија НАТО и земјата-домаќин на ЕУ како гнездо на шпиони што возат ферари и криминалци што пушат наргиле.

НАТО има четири нивоа на тајност.

Највисоката, наречена „космички врвна тајна“, опфаќа информации што може да предизвикаат „исклучително сериозна штета“ на западниот сојуз доколку излезат, велат правилата на НАТО.

Пристапот на белгискиот полковник до документи со „космичка доверливост“ значел, на пример, дека тој бил „детално запознаен со целата одбранбена политика на нашата земја и на нашите сојузници во НАТО“, вели едно протечено досие.

„Ова е особено валидно во случајот со украинскиот конфликт и политиката на Атлантската алијанса во однос на Русија. Тој помага во сите брифинзи во оваа област“, се вели во досието.

Полковникот знаел за „движењата на руските трупи во Украина“ и за „присуството на неидентификувани подморници во Норвешка“.

Тој знаел за воените операции на НАТО и во странство.

А со оглед на тоа како генерално се шират тајните на НАТО и ЕУ во ИТ-системите на земјите-членки, полковникот имал „пристап до сите пораки примени и испратени од белгиската армија“, се вели во досието.

„Се разбира, ако тој работи за Русите... тоа би претставувало голема опасност за нашата земја и нашите сојузници“, забележува едно од протечените досиеја, вели ЕУ обзервер, кој не го именува полковникот, бидејќи за него никогаш не се докажало дека е виновен.

Но тој бил предмет на повеќе сомничави извештаи поради неговото однесување од периодот 2014-2015 година во белгиската служба за безбедност и контраразузнавачката служба, Велигхајд ван де Стаат (ВССЕ). Сомничавоста се темелела на врската на полковникот со еден резервист во белгиската воена разузнавачка служба АДИВ. Двајцата мажи биле другари од војска, а полковникот му бил кум на синот на резервистот.

Но резервистот шпионирал за Русија, веруваат белгиските ловци на шпиони.

Протечените досиеја, исто така, прикажуваат еден скриен свет во Белгија, гнездо на непријателските агенти.

АДИВ регрутирала луѓе што имале контакти со високи руски функционери, за да можат да ги шпионираат за Западот.

А резервистот се фалел со своите патрони олигарси, меѓу кои во еден момент и со Михаил Ходорковски, руски поранешен нафтен барон, кој сега живее во Велика Британија.

Резервистот еднаш дошол на работа во ферари, за кое тврдел дека Ходорковски му го дал затоа што на Русинот „не му се допаднала бојата на седиштата“.

Белгискиот резервист постојано патувал во и од Русија и поранешните советски земји.

Тој и белгискиот полковник заедно ловеле антилопи, елени и волци во Австрија, Белгија и Чешка.

Еден од руските пријатели на резервистот некогаш му купил ноќна пушка во САД, но подарокот заглавил во белгиската царина затоа што било оценето дека е „само за воена употреба“.

И некои други соработници на резервистот биле подеднакво интересни.

Еден од нив бил пријавен дека престојува во домот на Белгиецот во 2014 година.

Но „тешко може да се замисли дека еден чеченски олигарх престојува во ваква мала семејна куќа“, се вели во досието на ВССЕ, додека имало знаци дека чеченскиот посетител всушност престојува во хотел со пет ѕвезди во Брисел.

А во секој случај, „однесувањето на чеченскиот гостин додека беше во канцеларијата на... (една белгиска фирма) беше прилично невообичаено за еден бизнисмен: тој пушеше наргиле“, се вели во извештајот на ВССЕ.

Приказната за тоа како Русија би можела да ги краде тајните на НАТО и што направила Белгија за да го спречи тоа доаѓа во време на засилена геополитичка напнатост.

Се верува дека руските и кинеските служби имаат стотици тајни оперативци во Белгија.

И државите од НАТО, исто така, ги шпионираат своите противници во новата студена војна, како што покажа протечениот белгиски документ за воените разузнавачки „офицери што работат во Русија“.

Неодамна француските и германските весници и ЕУобзервер објавија вести за сомнителна кинеска шпионажа во институциите на ЕУ и белгиските научни институти.

Но пикната помеѓу насловите за Кина, Русија продолжи да претставува закана, посочуваат белгиските досиеја.

Руската закана беше поинаква поради поврзаноста со организираниот криминал, покажале досиејата на ВССЕ.

Но истовремено со напорите на Кремљ, сојузниците на НАТО и ЕУ, исто така, соработувале во контраразузнавањето на помалку формални начини од оние утврдени во договорите.

А Брисел можеби е премногу мал свет за да ги скрие сомнежите од космички размери, покажаа протекувањата на ВССЕ.

Во една прилика во почетокот на 2015 година, кога веќе се трупале многуте извештаи на ВССЕ за полковникот, НАТО одржало состанок на високо ниво за тоа како да реагира на последната агресија на Русија во источна Украина.

Но на негово „изненадување“, белгискиот полковник не бил „поканет“, се вели во извештајот на ВССЕ.

„Се чинеше дека оваа мерка е дел од заедничкиот план (на НАТО) да формира 'заштитен ѕид' околу него“, се вели во извештајот.

Дали е аксиом дека со членството во НАТО е гарантирана безбедноста на Македонија? Дали почеток на преговори значи и отворен пат за членство во ЕУ?

повеќе

Што е со оние граѓани кои не се вклопуваат во нашиот (би)етнички дискурс?

повеќе

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе