Дали Израел навистина ќе завојува со Сирија зависи од Путин

Војната во Сирија, една од најхаотичните и најбрутални војни на денешнината, за време на викендот дополнително ескалираше со серија воздушни и противвоздушни напади и контранапади меѓу сириската и израелската војска.

Израел и претходно вршеше чести воздушни напади врз воени цели во Сирија, главно врз сојузниците на режимот на Башар Ал Асад, иранските сили и либански Хезболах, но ова беше првпат сириската војска успешно да одговори. Отворената војна меѓу Дамаск и Тел Авив никогаш не изгледала понеизбежна.

За тоа се „заслужни“ двете страни: Сиријците досега главно не се осмелуваа да одговараат на израелските воздушни напади, од либанскиот воздушен простор или при упадите во сирискиот, но тоа во последно време почна да се менува. Веројатните причини се поразот на Исламска држава што ослободува ресурси и луѓе на сирискиот режим и голем број воени и паравоени сили кои за него се бореа против ИСИС и бунтовниците, како и сѐ поголемата самодоверба по воените успеси.

Израел од своја страна не влезе активно во војната на страна на антирежимските бунтовници, а своите воздушни напади сепак ги држеше под радарот и со низок интензитет, главно за да избегне ескалација чии последици во хаотичниот конфликт тешко може да се предвидат и контролираат.

Но сириската војска сега одговори на израелскиот напад на начин што веројатно никој не го очекуваше – успешно соборување на израелски авион, прв таков инцидент од 1982. Израелците сепак одговорија жестоко, со „најголемиот напад“ врз Сирија од крајот на Либанската војна од 1982, и наводно уништиле осум сириски и четири ирански воени цели. „Нема да му дозволиме на (иранскиот) режим воено да се вкопа во Сирија, што се обидува да го направи, со отворена цел за уништување на нашата држава“, даде до знаење израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште во декември во Вашингтон, пренесува Вашингтон пост. Во неделата тој излезе со слична реторика: „Израел сака мир, но упорно ќе се брани против каков било напад или обид на Иран да нѐ напаѓа од Сирија“.

Отворен конфликт во Сирија веројатно не им одговара ни на Израел ни на Сирија, а особено не на Русија која со интервенцијата во Сирија го зацементира своето присуство во таа земја и регионот, враќајќи се на голема врата како клучен фактор во светската геополитика. Меѓутоа, меѓусебните напади и противнапади покажуваат дека ниедна страна не е спремна да попушти, што ескалацијата ја прави можна.

„Гледаме повторно преговарање на правилата на игра имајќи ги предвид видот на воените активности кои секоја страна ги толерира на другата. Ќе гледаме сѐ повеќе и повеќе триење меѓу страните, бидејќи сѐ повеќе се добива впечаток дека Асад е во предност“, коментира аналитичарот Офер Залзберг од Интернешнел крајсис груп за Њујорк тајмс. Тоа го потврдуваат и извештаите за израелските противракетни системи на окупираната Голанска висорамнина, на границата со Сирија.

Ескалацијата, според израелските медиуми, ја спречи рускиот претседател Владимир Путин кој му се јави на Нетанјаху и побара итен прекин на воздушните напади во Сирија. За разлика од многубројните залудни барања и апели на САД, ЕУ и Он за прекин на сириските и руските напади, Нетанјаху веднаш го послуша Путин. Ова е само најновата потврда за тоа дека ако Путин уште не е победникот, тогаш е барем најмоќниот играч во оваа војна.

Москва од свои геополитички причини се обидува да маневрира меѓу Дамаск, Техеран, Истанбул, Тел Авив и Вашингтон, поддржувајќи ги своите сојузници, согласувајќи се на компромиси со своите противници, односно толерирајќи ограничени воени акции на израелските, турските и американските сили, но и интервенирајќи кога се заканува ескалација на конфликтот, благодарение на отворените комуникациски канали со политичките и воените врвови.

Во секој случај, Израел во моментов нема избор освен да ги прифати руските правила на игра. Истото важи и за Турција, чии сили неодамна се најдоа под напад на сириските во провинцијата Идлиб, каде на бунтовниците им се заканува целосен пораз. И Турција и Израел истражуваат до каде можат да одат без да испровоцираат руска интервенција, но тоа повторно значи дека Русија ја контролира ситуацијата.

Треба да се истакне дека Путин сепак не е во состојба да спречи американски противнапади врз режимските сили. но ни Трамповата администрација, очигледно, не е заинтересирана активно да се вклучи во војната против Асад повеќе од заштита на своите курдски сојузници. Исто така, симболично е тоа што Пентагон не вети отворено дека ќе застане на страната на Израел во случај на продолжување на конфликтот во Сирија. Колку и да му удоволи Трамп на Израел признавајќи го Ерусалим како негов главен град, изглед сепак не е спремен да влезе во војна за својот сојузник. „Американците немаат тежина на теренот бидејќи не ја зголемија својата улога во Сирија и повеќе не се во игра“, коментира поранешниот израелски амбасадор во САД Мајкл Орен за Блумберг.

За тоа време цивилите се тие кои ја плаќаат највисоката цена, и во Идлиб и во предградијата на Дамаск кои режимот и Русите ги бомбардираат без какви било хуманитарни ограничувања, или пак во Африн кој е под напад на турските сили и протурските бунтовници. Јасно е дека оваа војна не е завршена, како што сакаат да ја претстават аналитичарите склони на Асад и Путин, и нејзината најлоша фаза можеби допрва претстои.

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе

Mоменталната правна поставеност на урбанистичкото планирање не обезбедува соодветна судска заштита на граѓаните.

повеќе