Израелската гордост

Дали Хамас ја откри Ахиловата петица на Железната купола и дали Иран и Хезболах ќе учат од него? (ВИДЕО)

Железната купола отсекогаш имаше слабост, вели Ерусалим пост.

Фото: ЕПА

Таа во последните борби собори 85-90% од ракетите на Хамас – и тоа од оние што беа проектирани да паднат во населени области.

Сè додека обемот на ракетите што Хамас можеше да ги испука во една салва беше мал, ова беше скоро херметичка одбрана.

Но израелските разузнавачи и службеници за национална безбедност долго време предупредуваа дека Хезболах има доволен број ракети за да ја преплави еврејската држава со над 1.000 ракети за еден ден, количество што може да го пробие штитот на Железната купола.

Дали Хамас сега најде начин да ја поткопа Железната купола?

Железната купола е израелски противвоздушен систем со краток дострел, кој во радиус од пет до 70 километри исклучително брзо пребарува, лоцира и го следи движењето на секој објект во воздухот.

Долго време се сметаше за совршен и беше гордост на израелската одбранбена индустрија.

Сепак, последната воена епизода меѓу Израел и Хамас ја доведе во прашање вредноста на овој систем. Најголемата воено-технолошка иновација во историјата на оваа земја можеби не е она што нејзините креатори велат дека е, вели израелскиот медиум.

Железната купола досега во многу наврати играше клучна одбранбена улога во постојаните израелско-арапски конфликти, пресретнувајќи многубројни обиди за ракетни дејства во тамошните градови. Но нејзината неефикасност овој вторник не можеше така лесно да се скрие.

Военото крило на Хамас тој ден испука повеќе од 130 ракети кон Тел Авив, лесно пробивајќи го метафоричкото „железо“ на противвоздушниот чадор: мртвите граѓани, урнатите згради, запалените нафтоводи, затворениот и оштетен аеродром Бен Гурион сведочеа за неговата несовршеност.

Ова беше скок и во бројот на ракетите испукани кон Тел Авив, и во капацитетите на терористичката група симултано да испукува големо количество ракети.

Ова е способност за која Хезболах се знаеше дека ја има, но се сметаше дека сѐ уште е недостижна за Хамас.

Многу воени аналитичари со тага забележаа дека палестинската ракета од 1.000 долари лесно ја пробива пресретнувачката „купола“ во која се вложени околу 2,5 до 3 милијарди долари.

Ерусалим пост отворено се прашува дали завршила ерата на нејзина доминација и херметичка безбедност, која досега секогаш им ја даваше на граѓаните на Израел, додека во својата анализа покренува една уште поважна безбедносна дилема: дали Иран и Хезболах во меѓувреме научија нешто од палестински Хамас?

Дали ова значи дека Железната купола веќе не е ефикасна? Не.

Таа сѐ уште пресретнува најголем број од ракетите испукани кон израелските населени места, иако некои успеваат да се пробијат.

Израелската Железна купола е систем за противвоздушна одбрана заеднички создаден од израелските компании Рафаел адвенс дифенс системс и Израел аероспејс индастрис, со финансиска и техничка поддршка од Соединетите Држави. Неговиот мозок претставува повеќенаменски радар, кој во радиус од пет до 70 километри исклучително брзо пребарува, лоцира и го следи движењето на секој објект во воздухот: авиони, ракети, бомби, беспилотни летала.

Откако ќе ја открие потенцијалната опасност, компјутерот активира ракети-пресретнувачи, кои ги соборуваат ваквите ракети на позиции доволно далеку од бранетите зони. Американската армија пред неколку години ја анализираше можноста за набавка на Железната купола, но се откажаа од сè, проценувајќи дека системот има значителни шуплини и несовршености. Американските процени се потврдија и во практиката: Железната купола не може да се справи со малку погуст „дожд“ од ракети од ист тип.

Палестинците очигледно ја пронашле неговата „Ахилова петица“, преплавувајќи го појасот Газа со многу густа балистика од ракети од свое сопствено производство, евтини ракети од советско производство, но и многу поопасни и попрецизни советски ракети како што е Град, со дострел од 40 километри. Токму последниве се покажаа најопасни за штитот на Железната купола над израелските градови, со што Хамас покажа дека се развил во лукав противник чиј ракетен арсенал станува сè потежок за уништување.

Воениот кабинет и израелските разузнавачи очигледно ги изненади тоа што кога станува збор за располагањето со борбен арсенал, многу го потцениле палестински Хамас.

Ако израелската доктрина по 50-дневната војна во Газа во 2014 година беше дека ќе го надживее Хамас, бидејќи Железната купола е скоро херметичка заштита за поголем дел од земјата, ова сега значително ги менува односите. Ако и Хамас има повеќе од овие ракети со долг дострел, тогаш тоа може многу лесно да влијае на израелските воени планови, а особено на процените за времетраењето на оваа војна. Ако „бедниот“ Хамас може да го пробие противракетниот штит со 100 ракети за неколку минути двапати на ден, колкава штета ли можат да направат Хезболах и Иран со далеку подолгострелните, поголеми и попрецизни ракети што ги поседуваат.

Израелските политичари и воени стратези ќе треба да го земат предвид ова кога одлучуваат колку долго може да трае ова и колку брзо ќе треба или да ескалираат со копнена офанзива за да се намалат ракетните напади од Хамас (јасно е дека обемното бомбардирање на ИДФ во вторникот не успеа доволно во тоа) или побрзо да го најдат патот до прекин на огнот и да направат нови планови за следната рунда.

ИДФ ќе треба да ја преиспита и брзината со која ќе треба да се движи во еден конфликт со Хезболах, а камоли, пак, со Иран, завршува Ерусалим пост.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе