Годишнина од Втората светска војна

Дали е можна војна во денешна Европа?

Европа е главно мирна по Втората светска војна. Шокот од тој конфликт едноставно беше преголем. Но сега сеќавањата на насилството бледнеат и национализмот е во пораст, па далеку од сигурно е дека мирот ќе остане статус кво.

„Војната промени сè“. Оваа изјава на покојниот британски историчар Тони Џудт ја содржи сржта на денешна Европа. Војната беше таа што овозможи подолг период на мир. Работите мораше да станат екстремно лоши пред повторно да станат добри. Во последните 75 години, на континентот се одржува мирот, со само неколку исклучоци.

Сега, денешнава Европа се наоѓа во криза. Повеќе не е онаа Европа во која националните мисли полека слабеат. Повеќе не е онаа Европа што чекор по чекор заедно расте. Повеќе не е онаа Европа во која се чини дека сите држави се посветени на вечна демократија. Се чини дека насоката на европската историја е сменета - веќе нема спојување и се враќаме назад на цртањето граници.

Што значи ова за најважното од сите прашања, прашањето за војна или мир? Во моментов воопшто не изгледа како да му се ближи крајот на мирниот период. Нема причина за тревога. Но ако се менува насоката на европската историја, треба да разгледаме што може да значи. Не во непосредна иднина, туку на долг рок. Историјата е полжав што упорно ползи по својот пат.

Пред точно 80 години, почна војната што смени сè - на 1 септември 1939 година, кога Адолфхитлеровата Германија ја нападна соседна Полска. Речиси шест години подоцна, повеќе од 60 милиони луѓе низ целиот свет беа мртви како резултат на насилството, беа уништени огромни делови од континентот, милиони Европејци беа избркани од своите домови, а уште милиони беа втурнати во сиромаштија. Владееше состојба на шок.

Тоа беше моментот во кој насоката на историјата се смени, во тоа време придвижувајќи се во вистинскиот правец. Европа успеа да го прекрши правилото дека старите ривалства нужно завршуваат во војна.

Примарна причина беше шокот. Никогаш порано не беше видена тотална војна со ваков обем. На „Виенскиот конгрес“ https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%92%D0%B8%D0%B5%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8_%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D0%B3%D1%80%D0%B5%D1%81 од 1814 до 1815 година, големите сили се обидоа своите војни да ги ограничат на конкретни региони и на убивање само војници. И во подоцнежните конфликти, бројот на цивилните жртви остана релативно низок, а градовите во голема мера беа поштедени. Така беше, на пример, во трите војни што доведоа до првото германско обединување - против Данска, против Австро-Унгарија и, во голема мерка, против Франција. Во тој момент, рајх-канцеларот Ото фон Бизмарк се обиде да воспостави рамнотежа на моќ меѓу големите сили, но насоката на историјата се смени кога тој беше истиснат во 1890 година. Земјите почнаа повеќе да се фокусираат на ривалството и големата војна стана само прашање на време.

 

Голем шок

Таа дојде во 1914 година и резултираше со 15 милиони мртви. Но борбите беа главно ограничени на фронтовите, каде што уништувањето беше комплетно - пред сè во источна Франција и во Белгија. Цивилното население страдаше од рестрикции и глад, но повеќето градови останаа недопрени. Откако војната заврши на 11 ноември 1918 година, Германија изгледаше главно исто како и пред војната.

Шокот не беше доволно голем. Само 21 година по завршувањето на Првата светска војна, избувна Втората светска војна - и сите ограничувања отидоа во неврат. Таа заврши кога САД фрлија атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки на 6 и 9 август 1945 година. Шокот тешко дека можеше да биде поголем.

Повоените политичари во Западна Европа ги извлекоа точните заклучоци: националните ривалства што ги предизвикаа двете светски војни требаше да бидат елиминирани. Соседите на Германија веруваа дека земјата што го донесе нацизмот треба да се скроти, треба да биде интегрирана затоа што национализмот таму се покажа како особено заразен. Тоа во Западна Германија беше пречекано со расположение што беше комбинација од резигнација, застрашување и срам од тоа што ја предизвикале војната и го спровеле холокаустот.

Резултатот беше тоа што Западна Европа полека можеше да расте заедно. За да се обезбеди мир, Источна Европа му беше оставена на Советскиот Сојуз, а Советите воведоа брутален систем на социјалистичка диктатура. Избувна Студената војна, системското ривалство почна да ги турка Соединетите Држави против Советскиот Сојуз, заедно со нивните сојузници. Но шокот од Втората светска војна и стравот од нуклеарна ескалација го гарантираа мирот на континентот, мир што трае до денес.

Европските војници, секако, беа испраќани во битка. Франција се бореше за одржување на своите колонии во Алжир и Виетнам, Велика Британија се бореше со Аргентина за Фокландските Острови во Јужен Атлантик. Обете земји им се приклучија на САД во голем број војни, исто како и Италијанците, Шпанците и Германците, особено во Авганистан.

 

Ништо со приближно ист нагон

Шокот не беше доволен за во целост да се искорени војната, но помогна насилството да се ограничи на регионални конфликти. Мирољубивите елементи во општествата, кои инсистираа војниците да бидат вратени дома, исто така играа улога, иако повеќе во Германија отколку во САД. Во периодот пред Втората светска војна, населението тежнееше да биде поеуфорично кога стануваше збор за водење војна.

Освен тоа, кон крајот на 90-тите години, политиката во голема мера ја водеа мажи и жени што самите ја искусиле Втората светска војна. Длабоко врежаниот став „никогаш повеќе“, оној вкоренет во сопствените мината, беше одлика на германските канцелари сè до Хелмут Кол и француските претседатели сè до Жак Ширак. Крајот на нивните мандати е длабоко поврзан со тоа што европскиот проект го загуби моментумот.

Влијанието на очевидците избледе со текот на годините и се загуби. Во 2000-тите, вечниот европски мир се сметаше за толку сигурна работа што идејата за мир повеќе не беше доволна како оправдување за подлабоката европска интеграција. Се бараа нови идеи, но не се најде ништо со барем приближно ист нагон.

Бидејќи шокот избледе, посветеноста кон нацијата-држава уште еднаш доби простор да расте. Во својата неодамнешна книга „Der Gewaltsame Lehrer“ (Насилниот учител) историчарот Дитер Лангевише ги опишува основните причини за современите војни во Европа. Една е формирањето на нации-држави во 19 век, како во Грција, Италија и Германија. „Нема нации без војна, нема држави-нации без војна“, пишува Лангевише.

Но дури и по траумата од Втората светска војна, националното прашање сè уште успеваше да предизвика војна во Европа, како што може да се види од распадот на мултиетничката земја Југославија по Студената војна. За други земји, Втората светска војна донесе јасна ситуација затоа што една од нејзините последици беше „етничкото чистење“. Таа предизвика да страдаат милиони луѓе, но и помогна во причината за долг мир во Европа.

Тоа е она што ги прави ваквите размислувања толку тешки за прифаќање. Ужасите на војната може да имаат позитивни ефекти врз следните генерации. Иако тоа не мора да значи дека високата цена била оправдана. Невозможно е да се знае како ќе се одвиваше историјата ако ја немаше Втората светска војна.

 

Јасен израз на национализам

Во денешна Европа градењето нации не игра голема улога освен во копнежот на сепаратистите, како оние во Каталонија или Фландрија. Украина е поделена на источна и западна половина, ситуација што Русија ја искористи. Резултатот беше комбинација на војна и граѓанска војна, но конфликтот остана локализиран. Реваншизмот, исто така, досега не играше голема улога во повоена Европа, а денешниве граници во голема мера се прифатени.

Како и да е, националната идеја, која е одговорна за толку војни, повторно напредува. За време на кризата со еврото, европската солидарност претрпе значителна штета, а и бегалската криза остави белег. Не се границите тоа што се доведува во прашање, туку отвореноста на тие граници. А Британците дури сакаат повторно да бидат комплетно сами; брегзитот е јасен израз на национализам.

Лангевише ги идентификува револуциите како дополнителен предизвикувач на војна. По востанието во 1789 година, француската револуционерна влада внатре водеше граѓанска војна, а надвор војна со соседите. Дури по поразот на Наполеон во Ватерло во 1815 година и Виенскиот конгрес од 1815 година, континентот го обви мир. Руската револуција во 1917 година, исто така, резултираше во долга граѓанска војна, која привлече интервенции и од други земји.

 

Тежок предизвик

Но каде сме сега? Секако не изгледа како наскоро да ќе се соочиме со револуција, во смисла на насилни системски промени. Но либералната демократија, која порано се чинеше дека е цврст елемент на европскиот консензус, е под притисок. Таа воопшто не постои во денешна Унгарија, а исчезнува и во Полска. Во Италија либералната демократија е загрозена, а десничарскиот популизам во многу други земји претставува тежок предизвик за системот.

Во рамките на Европската Унија, ги има првичните знаци на системското ривалство: либералната демократија наспроти авторитаризмот. И системските ривалства во минатото водеа кон војна: монархијата против демократијата; фашизмот против демократијата; фашизмот против социјализмот. Во Студената војна, социјализмот се соочи со демократскиот капитализам и двата система се бореа еден против друг во индиректни војни што се водеа во светот во развој.

Досега правилото беше дека демократиите не водат војни една против друга. И тоа помогна да се заштити европскиот мир. Но едно мрачно идно сценарио може, на пример, да предвиди дека некоја авторитарна земја во Европа стапува во сојуз со некоја Кина како држава-заштитничка. Тоа ќе означи крај на правилото.

Сето ова е многу далечно. Но бледеењето на шокот од Втората светска војна, враќањето на националните мисли, зголемената закана за либералната демократија и можноста за системско ривалство во Европа: ова се четири фактори што претендираат да ја направат војната повозможна. Полжавот ползи во погрешната насока. Неговото запирање уште еднаш стана должност на Европа - а запомнувањето на ужасите од нашето минато е првиот чекор.

Извор: Шпигл

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе