Црногорски писател за Индекс: Ние сме готови, Црна Гора повеќе не постои

Андреј Николаидис, писател од Црна Гора, е уверен дека заминувањето од власта на партијата на Мило Ѓукановиќ, еден од најдолговечните европски владетели, нема да ѝ донесе позитивни промени на неговата земја. Не затоа што ја идеализира власта во заминување, туку затоа што не гледа многу добро во победниците. На прашањето на хрватски Индекс што мисли за резултатите на изборите одржани во неделата, тој одговара:

EPA-EFE

„Ние сме готови“

„Тоа е катастрофа. Ние сме готови, оваа земја повеќе не постои, само луѓето не се информирани. Досега имавме клептоманска мека диктатура која е рај во однос на ова“, коментира Николаидис, па подетално го анализира капацитетот на суверенистичките партии – оние кои се залагаат за зачувување на независноста на Црна Гора – и просрпскиот блок близок до режимот на Александар Вучиќ и Српската православна црква.

„Збирот на суверенистичките партии е сосема солиден – 44 наспрема 37 отсто. Партијата УРА ќе направи нешто многу невообичаено и како членови на европските зелени ќе прават „црно-зелена“ коалиција. Притоа нивната реторика е дека сега ќе ја демократизираат Црна Гора и ќе го забрзаат патот кон ЕУ. Значи тоа ќе го прават во коалицијата чиј штаб е далеку најсилен со 33 отсто, сојузот што го собраа Вучиќ и Амфилохие. Не реба да се биде гениј за да се сфати дека во таа коалиција со петте отсто на УРА не може да им ја диктира политиката на оние кои имаат 33 отсто. Човекот кој е главата и рбетот на црковно-Вучиќевата коалиција е Миодраг Давидовиќ. Тоа е човек со немало искуство во демократизацијата и европеизацијата: беше воен министер на Караџиќ во Херцеговина. Нема сомнеж дека е компетентен за европеизацијата и демократизацијата, што тука може да тргне на лошо“, ироничен е Николаидис.

Иритантна постапка на европските зелени

„Исклучително е иритантно што европските зелени и поранешната германска амбасадорка во Црна Гора ја поддржаа УРА во намерата да прави црно-зелена коалиција. Ме интересира дали е вообичаена практика на германските зелени коалицирањето со воените министри на воените злосторници осудени за геноцид или тоа е, како Нутела без лешници, само за Балканот. Во најмала рака сум скептичен дека таа коалиција би можела да ѝ донесе нешто добро на оваа земја“, вели црногорскиот писател.

И покрај поразот на неговата партија, Ѓукановиќ останува претседател. Индекс го праша Никаолаидис дали може да прогнозира како ќе се развива ситуацијата на политичката сцена.

Прва држава која излегува од НАТО?

„Не би ја исклучил можноста тој да се повлече од партијата и од местото претседател, што би значело нови претседателски избори. Немам никаква инсајдерска информација, но тоа не е нешто што може да се исклучи. Еве како ја гледам блиската иднина – ќе се состави коалиција фокусирана на тоа да се отстрани Ѓукановиќ. Во ред, тоа е завршено, но сега кога е завршено, што ја поврзува таа коалиција, ако се сложиме дека тоа не е европеизацијата и демократизацијата, а прилично сум сигурен дека тоа не е приоритетот на Давидовиќ, кој со најголемо гадење зборува за Европската Унија и европската цивилизација. Кога тоа ќе го тргнеме, што ги држи заедно? Гласачкото тело на Ѓукановиќ ќе се растури, моето предвидување е дека најмалку од тоа гласачко тело ќе добие УРА, а најмногу црковната коалиција“, смета Николаидис.

„Во моментот кога ќе сфатат дека имаат мнозинство без УРА, а тоа ќе дојде многу брзо, едноставно ќе ги шутнат, сами ќе ја освојат власта и потоа ќе го можат она што црковната коалиција на Давидовиќ навистина ја интересира, а тоа е промена на самата природа на Црна Гора, која по уставот е граѓанска држава. Тие ја гледаат како српска држава во која, ете, живеат други народи, меѓутоа не Црногорци, бидејќи не го признаваат постоењето на црногорската нација. Ги интересира излегување од НАТО пактот, за тоа им треба мнозинство во парламентот за да распишат референдум кој без проблем ќе помине во Црна Гора, па Црна Гора би можела да стане првата држава која своеволно би го напуштила НАТО. И според мене, ова што сега се случува води кон апсолутно сопирање на сите движења кон ЕУ и директно вртење кон Србија и Русија. На крај, тоа би водело кон исчезнување на Црна Гора“, уверен е Николаидис.

Назнаки на лошата насока видел уште во неделата вечерта:

„Забележав дека победниците возеа низ албанските населби низ Улцињ, турираа и се однесуваа како јунаци од Лудиот Макс, бидејќи сакаа нешто да им дадат до знаење на соседите Албанци, што исто така е залог за мултиетничката иднина на Црна Гора“, заклучува писателот.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

И покрај сета надеж што се роди со објавите за докажана ефикасност на неколку кандидати за вакцини за ковид-19, има долг пат пред нас што треба да се изоди за да се дојде до универзална и лесно достапна „вакцина за луѓето“. 

повеќе

Самиот Никос Коѕијас не го почитува договорот што го потпиша со Заев и Димитров. Ќе реагира ли македонското МНР на терминологијата во неговата колумна, како што вети дека секогаш ќе реагира кога се крши Договорот од Преспа? Треба. Ама не е за верување.

повеќе

За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел.

повеќе