Весникот напоменува дека Руси во Црна Гора се сопственици или косопственици на 19.000 недвижнини и речиси четири милиони квадрати земјиште.
Најголемиот дел од тие недвижнини, 98 отсто, е во приморските општини, главно во Будва и Бар.
Според Блумберг, чии новинари имале увид во документите на Европската комисија, забраната за работење со недвижнини нема да се однесува на Русите кои имаат државјанство или престој, односно дозвола за престој во членките на Европската Унија и Швајцарија.
Со законскиот предлог на Европската комисија ќе се прекинат имотните зделки со руските граѓани, резиденти и субјекти со тоа што ќе се забрани продажбата или преносот, директно или индиректно, на „сопственичките права на недвижниот имот кој се наоѓа на територијата на Унијата или уделите во компаниите и инвестициските фондови кои се изложени на недвижности во руска сопственост“.
Не е познато колкава е вкупната вредност на руските недвижнини во Црна Гора, ниту дали се поврзани со олигарси блиски до рускиот претседател Владимир Путин на кои, во согласност со санкциите на ЕУ, САД и Британија, им се замрзнува имотот поради руската инвазија на Украина.
Само во првите девет месеци во 2021, руски државјани инвестирале речиси 13 милиони евра во недвижнини на црногорското приморје, покажуваат податоците на Централната банка.
Кога најголемите руски банки беа исфрлени од програмата СВИФТ, со што беше оневозможено плаќање од руски сметки или на нив, речиси четврт од Русите кои планирале да продаваат имот во Црна Гора се откажале, бидејќи имале проблем каде да ги примат тие пари и како да располагаат со нив, тврдат сопственици на агенции за продажба на недвижнини за Побједа.
Наместо да продаваат, Русите сега купуваат недвижнини во Црна Гора, наведува весникот додавајќи дека дел од таканаречената средна класа ја напушта Русија под санкциите и се заинтересирани да се населат трајно или привремено во Црна Гора.
Услов за одобрување престој, според законот за странци, е вработување или сопственост над недвижнина во Црна Гора, што им овозможува и отворање банкарски сметки во црногорските банки.
Богатите Руси главно имаат недвижнини во луксузните станбени комплекси како Порто Монтенегро, Завала, Портонови или Луштица беј. Русите беа и главни корисници на економското државјанство, доколку вложеа 250.000 евра во недвижнина на северот, односно 450.000 евра на приморјето.
Од попознатите Руси, недвижнини во Црна Гора имаат бизнисмените Олег Дерипаска и Андреј Малевски, и московскиот обвинител Денис Попов, пишува Побједа.