За рацијата во Сирија

ЦИА ги добила информациите за Ал-Багдади од една негова жена и курир (ФОТО+ВИДЕО)

Ненадејната одлука на претседателот Трамп за повлекување на силите од северна Сирија го принудила Пентагон да ја забрза ризичната ноќна операција во која загина лидерот на ИСИС.

Претседателот Трамп знаеше дека Централната разузнавачка агенција и командосите за специјални операции ја меркаат локацијата за Абу Бакр Ал-Багдади, водачот на Исламска држава, кога им нареди на американските трупи да се повлечат од северна Сирија во почетокот од овој месец, рекоа во неделата официјални лица од разузнавањето, војската и одделот за борба против тероризмот.

Со месеци разузнавачите го известувале Трамп за она што тој го поставил како главен приоритет, ловот на Ал-Багдади, најбараниот терорист во светот.

Но ненадејната Трампова наредба за повлекување пред три недели го попречила прецизното планирање и ги принудила претставниците на Пентагон да го забрзаат планот за ризичниот ноќен напад, пред со повлекувањето да исчезне нивната можност за контрола на трупите, шпионите и извидувачките авиони.

Смртта на Ал-Багдади во саботната рација, велат, се случила главно и покрај постапките на Трамп, а не поради нив, вели Њујорк тајмс.

Одлуката на Трамп, вели весникот, ги ставила командантите на терен под уште поголем притисок да ја извршат комплицираната операција.

Планирањето на рацијата почнало минатото лето, кога ЦИА прво добила изненадувачки информации дека Ал-Багдади веројатно се наоѓа во село длабоко во северозападна Сирија, контролирана од ривалски Каеда групи. Информациите се појавиле по апсењето и испрашувањето на една од сопругите на Ал-Багдади и еден негов курир, соопштија две американски официјални лица.

Откако ја добила таа првична информација, ЦИА тесно соработувала со ирачките и курдските разузнавачки во Ирак и Сирија за да откријат каде поточно се наоѓа Ал-Багдади и да се воспостават шпиони за да ги следат неговите повремени движења. Американските функционери соопштија дека Курдите продолжиле да ѝ даваат информации на ЦИА за локацијата на Ал-Багдади дури и по одлуката на Трамп да ги повлече американските трупи, со која ги остави сириските Курди сами да се борат со турската офанзива.

Сириските и ирачките Курди, рече еден официјален претставник, дале повеќе разузнавачки информации корисни за рацијата од која било конкретна земја.

Според еден сириски инженер што разговарал со селаните што живеат во близина на местото на рацијата, Ал-Багдади побарал засолниште во домот на Абу Мохамед Салама, командант на друга екстремистичка група, Хурас ал-Дин. Судбината на командантот во рацијата, како и точната природа на неговиот однос со Ал-Багдади, не се познати.

Кога елитната воена единица командоси Делта форс почнала да ги подготвува и да ги вежба плановите за спроведување мисија за убиство или заробување на лидерот на ИСИС, тие знаеле дека се соочуваат со огромни пречки. Локацијата била длабоко во територијата контролирана од Ал каеда. Небото над тој дел од земјата го контролираа Сирија и Русија.

Војската најмалку двапати ги откажала мисиите во последен момент.

Конечното планирање за рацијата било завршено во текот на два до три дена минатата недела. Висок службеник на администрацијата рекол дека Ал-Багдади „планира да се сели“. Воените службеници заклучиле дека мора да побрзаат. Ако Ал-Багдади повторно се пресели, ќе биде многу потешко да се следи бидејќи американската војска ги повлекува своите трупи и шпионски капацитети од Сирија.

Локацијата во северозападна Сирија каде што се случила рацијата, прикажана на фотографија од воздух направена во неделата

До четвртокот, а потоа и до петокот, изјави министерот за одбрана Марк Т. Еспер на Еј-би-си, Трамп „ни даде зелено светло да продолжиме“.

Во неделата нешто по полноќ осум американски хеликоптери полетале од воената база во близина на Ербил, Ирак.

Летајќи ниско и брзо за да избегнат откривање, хеликоптерите брзо ја преминале сириската граница и потоа ја прелетале самата Сирија - опасен 70-минутен лет во кој кон хеликоптерите повремено било пукано од земја - кон областа Бариша, северно од градот Идлиб, во западна Сирија. Непосредно пред да слетаат, хеликоптерите и другите воени авиони почнале да пукаат врз комплексот згради, штитејќи ги командосите од Делта форс и нивните воени кучиња додека се спуштаат во зоната на слетување.

Трамп рече дека со пукањето со хеликоптери одозгора, командосите ја заобиколиле влезната врата, плашејќи се од стапица, пред да уништат еден од ѕидовите на комплексот. Тоа им овозможило да упаднат внатре и да се справат со групата борци на ИСИС.

Командосите на Делта форс, под оган, влегле во комплексот, каде што пукале и убиле неколку лица. Кога тимот на Делта форс го пробил ѕидот со експлозиви, еден од неговите членови на арапски јазик почнал да им дава упатства на децата и на другите цивили како да избегаат, со што биле спасени 11 од децата на Ал-Багдади, кои биле во неговиот комплекс.

Ал-Багдади истрчал во еден подземен тунел, а американските командоси тргнале по него. Трамп рече дека лидерот на ИСИС зел три од децата со себе, веројатно за да ги користи како човечки штит од американскиот оган. Стравувајќи дека Ал-Багдади носи самоубиствен елек, командосите испратиле воено куче за да го совлада, рече Трамп.

Тогаш водачот на Исламска држава ги активирал експлозивите, убивајќи ги и трите деца, рече Трамп.

Еспер вака го опиша климаксот на двочасовната рација: „Тој е во комплексот, така е, со неколку други мажи и жени со него и со голем број деца. Нашите специјалци имаат тактики и техники и процедури низ кои поминуваат за да се обидат да ги повикаат. На крај, како што рече претседателот, тој реши да се самоубие и со себе веруваме дека однесе и неколку мали деца“.

Трамп беше поживописен. „Гледав голем дел од тоа“, рече тој. Ал-Багдади, рече тој, „загина откако истрча во тунел без излез, цимолејќи, и плачејќи, и врескајќи по целиот пат“.

Еспер не го повтори тврдењето на Трамп дека терористот „цимолел“ и „плачел“. „Јас немам такви детали“, рече тој. „Претседателот веројатно имал можност да разговара со командантите на теренот“.

Нешто по полноќ во неделата (19.15 во саботата по вашингтонско време) командантот за специјални операции од теренот јавил дека Ал-Багдади е убиен. Пет други „непријателски борци“ се убиени во комплексот, рече Белата куќа, а „други непријатели се убиени во околината“.

Претседателот Трамп се подготвува да објави дека лидерот на Исламска држава е убиен

Двајца американски војници се полесно повредени, соопшти Белата куќа, но се вратени на должност. Американско воено куче е рането во експлозијата од самоубиството на Ал-Багдади и е однесено, рече Трамп.

По рацијата, командосите ги отстраниле 11-те деца од местото и ѝ ги предале на жена во околината. Армијата тогаш наредила да се уништи локалитетот, за во иднина да не стане светилиште на ИСИС, рекло лице запознаено со операцијата.

Севкупно, американските трупи биле околу 2 часа во комплексот, рече Трамп, расчистувајќи ги зградите од борци и копајќи информации за кои претседателот рече дека содржат важни детали за операциите на ИСИС. Трамп рече дека командосите веќе имале примероци на ДНК од водачот на Исламска држава, па ги искористиле за да направат брза процена дека го уловиле вистинскиот човек.

Откако сите Американци се вратиле во своите хеликоптери и полетале назад кон Ирак (користејќи ја истата рута по која доаѓале, рече Трамп) американски воени авиони го бомбардирале комплексот за да се осигурат дека е физички уништен, кажа Еспер. Четири часа по полетувањето на хеликоптерите - Трамп на Твитер напиша: „Штотуку се случи нешто многу големо!“

Објавено

Понеделник, Октомври 28, 2019 - 11:59

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе