Анализа

Цената на воената интервенција во Хонг Конг

Пекинг сè поотворено му се заканува на Хонг Конг дека ќе испрати вооружена војска во градот. Сепак, се чини дека одлуката сè уште не паднала, бидејќи цената е висока, вели Матијас Белингер за Дојче веле.

Долги колони оклопни возила се упатуваат на југ и веќе ги закрчија улиците на пограничниот град Шенжен - од почетокот на неделава на интернет кружат филмски записи според кои може да се заклучи дека Кина на границата со Хонг Конг трупа членови на „Народната полиција“, паравоена формација што е опременa со тешко оружје.

Тоа е последното камче во мозаикот составен од закани што Пекинг ги упатува со недели. Пораката е јасна: Подготвени сме да ги задушиме протестите во Хонг Конг со сила.

 

Закани без ефект

Стравот стана диктатура. Моќниците се плашат од народот и затоа прават сè за да го натераат народот да се плаши од нив. Кина го усоврши овој систем на заплашување. Државата има безброј можности постојано да ги потсетува граѓаните дека е спремна да употреби сила. Од телефонскиот повик што работодавецот ќе ѝ го упати на Државната безбедност, преку забраните за патувања во странство, до апсењето и мачењето.

Меѓутоа, во Хонг Конг кинеските власти се соочени со фактот дека нивните закани не се делотворни. Граѓаните се десетина недели на улиците. Ниту полициското насилство, ниту масовните апсења, ниту драконските казни не помагаат - учеството во инциденти носи казна до десет години затвор. Дури ни заканите со воена интервенција не ги исплашија претежно младите демонстранти.

Лесно е да се замисли дека државниот врв на Кина сето тоа го гледа со неверица. Имено, заканите што доаѓаат од Пекинг не се празни зборови. Имено, комунистичкото раководство пред 30 години на Плоштадот на небесниот мир во Пекинг покажа дека е подготвено да пука врз сопствениот народ доколку смета дека е загрозен нејзиниот опстанок на власт. Не треба да се очекуваат обѕири.

 

Чувство на пораз

Тоа го знаат и демонстрантите. Ако ги прашате дали гледаат некаква шанса нивниот протест да даде плод, честопати одговорот е без двоумење - не. Во последниве години Пекинг сè повеќе се обидува да го зајакне своето влијание во градот. Опозиционите политичари беа исклучувани од парламентот, недостигот од почит кон националното знаме беше санкциониран со затвор, лидерите на демократското движење од 2014 година исчезнуваа зад решетки.

Многу демонстранти на улица не ги тера надежта дека ќе го прекинат или ќе го променат тој тренд, туку можеби чувството дека можеби последен пат можат да покажат што мислат. Градоначалничката ги предупредува демонстрантите дека го туркаат „градот во бездна“, а демонстрантите одамна сметаат дека се во слободен пад. Нивниот впечаток дека секако загубиле ги прави заканите од Пекинг толку неефикасни.

 

„Западњаците ќе го заборават тоа“

А Хонг Конг сè уште има многу да загуби. Воената интервенција би значела крај на меѓународниот финансиски центар. Слободите што градот ги уживаше ќе бидат загубени засекогаш. Исто така, и Пекинг не би излегол од сето ова без последици. Хонг Конг е најважната финансиска порта за светскиот капитал, која им е потребна на кинеските компании.

Крвавите слики на улиците би му нанеле голема штета на имиџот на амбициозната светска сила. Евентуалните санкции би ја затекнале кинеската економија во незгодна фаза. А во трговскиот спор со Соединетите Американски Држави позицијата на Кина значително би ослабнала.

Човекот што ја имаше моќта за време на масакрот во Тјананмен, Денг Сјаопинг, на забелешките дека употребата на војска против студентите ќе предизвика остри меѓународни реакции, рече: „Западњаците ќе го заборават тоа“.

Ако кинеското раководство повторно го вкалкулира сето ова, ни овојпат нема да има кој да го спречи. Она што западните демократии овојпат би можеле да го направат е да му стават на знаење на Пекинг дека употребата на сила навистина би чинела скапо.

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе

Добар изборен систем треба да биде репрезентативен, но и да овозможува ефикасно владеење.

повеќе

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе