„Потрошувачката инфлација на највисоко ниво во последните 40 години“

Цената на бензинот во САД го премина прагот од пет долари за галон

Новиот рекорден раст на цените на бензинот низ САД создава тензии за милиони потрошувачи и стопанството, отежнувајќи ги политичките предизвици со кои се соочува владата на претседателот Џо Бајден пред ноемвриските избори на средината на мандатот, пишуваат светските медиуми.

EPA-EFE

Откако американската потрошувачка инфлација го достигна највисокото ниво во последните 40 години, просечната цена на галон (3,8 литри) обичен безоловен бензин во САД на 9 јуни вечерта достигна рекордно високи пет долари, пишува Волстрит џурнал.

Цените на бензинот нагло пораснаа по руската инвазија на Украина во февруари оваа година, истакнува весникот додавајќи дека и онака малите резерви нафта се уште повеќе исцрпени без назнаки за попуштање.

Тоа дополнително ги намали домашните буџети на Американците кои се веќе погодени од високите цени на сè – од производите во продавниците до оброците во рестораните и патувањата со авион. Цените на енергенсите скокнаа за 34,6 отсто во однос на година претходно, додека цените на продуктите пораснаа за 11,9 отсто во однос на претходната година.

Аналитичарите велат дека високите цени на бензинот би можеле и понатаму да растат, истакнува Волстрит џурнал укажувајќи на мајскиот извештај на американската банка Џеј Пи Морган во кој се наведува дека малопродажните цени на бензинот би можеле да скокнат на дури 6,20 долари по галон до август.

Високите цени на бензинот како и сè поголемите трошоци за другите продукти се голем проблем за Бајден, пишува Њујорк тајмс, додавајќи дека многу политички експерти веруваат дека демократите би можеле да претрпат големи загуби на изборите во ноември бидејќи гласачите се гневни и фрустрирани поради високата инфлација.

Американскиот претседател во последните недели ги повика домашните произведувачи да црпат повеќе нафта, иако големите нафтени компании не сакаат значително да ги зголемуваат вложувањата, туку повеќе сакаат да им враќаат профит на инвеститорите преку дивиденди и откуп на акции.

Просечната цена на бензинот во САД во саботата беше пет долари, што е 60 центи повеќе отколку пред еден месец, додека минатата година бензинот се продаваше за 3,08 долари, наведува Њујорк тајмс укажувајќи на проценките на експертите за енергетика кои тврдат дека секое пени поскапување на бензинот ги чини Американците дополнителни четири милиони долари дневно.

Новиот рекорд на цената на бензинот од пет долари по галон – што е 1,26 евра по литар – значи дека цените на бензинот во САД пораснале за две третини во изминатата година и дека се повеќе од двојно поголеми откако Бајден стапи на должност, пишува Фајненшал тајмс, со оценка дека тоа создава дополнителен притисок покрај високата инфлација која станала политички скапа за неговата администрација.

Бајден и други високи функционери, вклучувајќи ја министерката за финансии Џенет Јелен, повеќе пати кажаа дека решавањето на високата инфлација е „приоритет број еден“ на администрацијата – порака која, како што истакнува британскиот весник, ја пренесоа додека популарноста на американскиот претседател падна на рекордно ниско ниво.

Бајден ја охрабри Централната банка да направи сè што е потребно за да се спротивстави на високата инфлација. Американската централна банка од март ја крена референтната каматна стапка за 0,75 процентни поени и во следните денови би требало да воведе уште едно зголемување на стапката за половина поен.

Повисоките цени на горивата навлегуваат во речиси секој поголем дел од стопанството, пишува Вашингтон пост додавајќи дека тие ги зголемуваат трошоците за електрична енергија, транспорт, логистика, воздушен сообраќај, земјоделство, ѓубриво и производство на други стоки.

Одделни експерти сметаат дека повисоките цени на енергијата се често претходница на економскиот пад, бидејќи потрошувачите на повисоките цени одговараат со намалување на потрошувачката на друга стока и услуги.

Растот на цените не покажува знаци на ослабување во блиска иднина, наведува Вашингтон пост истакнувајќи дека се очекува укинувањето на ограничувањата за ковид-19 во некои кинески градови да доведе до повторно зголемување на побарувачката за гориво, што дополнително ќе ги зголеми цените на меѓународниот пазар.

Во САД, меѓутоа, економијата по пандемијата во повеќе наврати им пркосеше на очекувањата на експертите и постојат доволно причини за верување дека силен раст би можел да ги преживее високите цени на енергијата. Поголемото трошење за енергија би можело, се надеваат некои економисти, да ја исцрпи побарувачката во други сектори, овозможувајќи ублажување на другите притисоци врз цените, што генерално би можело да помогне.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе