Њујорк тајмс

Цела Европа премина на шведскиот модел, но не го признава тоа

Со новиот бран на епидемијата, европските земји повторно воведуваат некои мерки, а експертите оценуваат дека Европа сѐ повеќе се обидува да го имплементира шведскиот модел.

EPA-EFE

Основата на тој модел, пишува Њујорк тајмс, е довербата во одговорноста на секој граѓанин.

„Новата нормалност“ така никаде не е понеобична отколку во Шведска, која е единствената земја од Западот која оваа пролет одби да воведе целосно затворање, односно карантин, а немаше ни други задолжителни рестриктивни мерки.

Во текот на „црната пролет“ Шведска не ги затвори ни своите граници, јавниот превоз непречено функционираше, а останаа отворени дури и рестораните, баровите, јавните установи, фризерските салони и студијата за вежбање јога.

Превенцијата на заразата се базираше на шведската солидарност и доверба, однонсо на довербата на власта во граѓаните дека доброволно ќе ги почитуваат мерки како држење дистанца и редовна хигиена на рацете. Дали тоа беше правилна одлука или не веќе со месеци е предмет на дебати во целиот свет.

Многу научници тврдеа дека резултат на таквото однесување е порастот на бројот на умрените од коронавирусот, додека полиберално настроените политичари и активисти тврдеа дека Шведска може да им биде пример на сите земји, додека водечките шведски здравствени експерти сметаат дека шведскиот модел е соодветен и дека спречил економски колапс на земјата.

Шведска призна дека пристапот можеби не е совршен и дека имало грешки, особено во домовите за постари лица каде што има голем број смртни случаи. Анализите покажуваат дека стапката на смртност во таквите установи во Шведска била забележливо поголема од таа во соседните земји кои воведоа карантин.

Но Њујорк тајмс го поставува прашањето дали покажува евентуално нискиот раст на нови случаи во Шведска, во споредба со релативно високиот раст во другите европски земји, дека Шведска го нашла балансот, нешто по што останатите земји копнеат со месеци.

Или станува збор само за привремена аберација која на сите ќе им се удри од глава со доаѓањето на новиот посилен бран кој се предвидува.

„Ситуацијата засега изгледа позитивно“, вели Андерс Тегнел, главниот шведски епидемиолог кој стекна светска слава со своите либерални мерки во борбата против ковид-19.

Шведска има популација од околу 10 милиони луѓе, а просечно во изминатите недели има само по 200 новозаразени дневно, иако во изминатите денови таа бројка порасна на 380. Но, стапката на заразата по жител е пониска отколку во Данска или Холандија, а значително пониска од земјите како Франција и Шпанија кои и покрај рестрикциите бележат по повеќе од 10.000 заразени дневно.

Критичарите на слободниот модел имаат одговори и на тоа тврдење – сметаат дека Шведска тестира премал број луѓе па релативно ниските бројки на новозаразени се резултат на недоволниот „скрининг“ на граѓаните.

Повторно, и тие тези може да се доведат под сомнеж бидејќи бројките покажуваат дека од сите тестирани само 1,2 отсто во Шведска се позитивни, досека на северозападот на Британија, на пример, има седум отсто позитивни.

Њујорк тајмс потсетува дека пред новиот бран на пандемијата многу европски земји се одлучуваат за построги рестрикции. Но, политичките лидери кои се свесни дека новиот карантин би можел да предизвика големи проблеми апелираат на максимално придржување до мерките, како хигиена, одржување дистанца и носење маски, а прават сѐ за да спречат колапс на економијата кој би се предизвикал со затворање на училиштата, претпријатијата, продавниците, баровите и рестораните.

Затоа, сметаат експертите, Европа и покра рестрикциите сѐ повеќе се обидува да го имплементира шведскиот модел чиј главен темел е довербата во одговорноста на секој граѓанин.

„Сите земји од Европа денес помалку или повеќе го комбинираат својот пристап – тестирање, карантин, следење на контактите на заразените – со шведскиот модел, но ниедна не сака тоа отворено да го каже. Наместо тоа, постојано од Шведска прават карикатура, го нарекуваат нивниот модел нехуман и неуспешен“, смета директорот на женевскиот Институт за глобално здравје Антоан Флахолт.

Единствената построга мерка воведена во Шведска е забраната за собирање на повеќе од 50 луѓе, вклучувајќи ги музеите и спортските настани, но шведскиот модел, истакнува Флахолт, се базираше на „самоизолација“, односно доверба во граѓаните дека самите ќе се грижат за здравјето и ќе работат на сузбивање на заразата, без тоа никој да мора да им го нареди.

Тегнел признава дека е можно Шведска да е моментално во добар, но би можела да заврши во лош период, но истакнува дека стигнале од една од земјите со најмногу случаи до ситуација кога бележат сразмерно ниска стапка на зараза.

Додаде дека во некои случаи земјата би можела да донесе мерки како воведување обврска за носење заштитни маски, но само во локални жаришта.

Сепак, додаде, размислувајќи денес за пролетта сепак би размислил за некои мерки како локално ограничување на движењето или затворање на некои училишта. Главниот шведски епидемиолог и понатаму истакнува дека доброволното одржување дистанца се покажало како најуспешна мерка, поуспешна од, на пример, маските, кои според него можат да дадат лажно чувство на безбедност.

Ситуацијата денес е радикално поинаква од таа на пролет и во шведските болници каде на почетокот на епидемијата возилата на брза помош постојано носеле новозаболни од ковид-19.

„Во април изгледаше како речиси секој да има ковид. Сега пациенти има многу помалку“, вели Карин Хилдебранд, кардиолог во единицата за интензивна нега на болницата Содерсјуксухет.

За време на првиот бран токму таа ги предупреди Швеѓаните дека ситуацијата е смртно сериозна и дека мерките мора да се почитуваат. Сега, вели, е спремна за потенцијален нов бран, пренесува Њујорк тајмс.

„Го сменивме однесувањето. На пример, повеќе не гледам некој да се ракува. Животот се врати на нормала, со мали измени. Нормално, секогаш може да ни дојде втор бран, но мислам дека сме спремни за него“, вели таа.

Некои експерти сметаат дека Шведска речиси целосно воспоставила контрола врз епидемијата.

„Постојат индиции дека Швеѓаните создале некој вид имунитет на болеста кој, покрај другото што го прават за превенција на заразата, го држи коронавирусот под контрола. На почетокот можеби можеше да се избегне високата стапка на смртност, но Шведска од средината на април ја врати контролата врз болеста. Шведска е далеку од фамозниот имунитет на стадо, но можеме да заклучиме дека почитувањето на мерките на физичката дистанца даде резултат и се покажа како клучно во борбата против коронавирусот“, заклучува Ким Снепен, професор по биодиверзитет од Институтот Нилс Бор.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе