„Британски суперчетврток“: Избори во Англија, Велс, а особено се важни тие во Шкотска

Британија се подготвува за изборен суперчетврток, гласањето за регионалните парламенти на Шкотска и Велс, локалните совети во Англија и градоначалник на Лондон. Сите очи се повторно вперени во Шкотска бидејќи победникот ќе одлучува за идниот референдум за независност.

EPA-EFE

Изборот на 129 пратеници во шкотскиот парламент на следните пет години поттикна повторно расправа за тоа дали треба тој регион со 5,5 милиони луѓе да тргне по сопствениот пат, а владејачката партија сака да добие зелено светло за нов референдум за независност од Обединетото Кралство.

Шкотската национална партија (СНП) на премиерката Никола Стурџон се надева на мнозинство во парламентот во Единбург бидејќи тоа мнозинство треба да го поддржи нејзиниот план вториот референдум да се одржи на крајот на 2023 или кога ќе заврши пандемијата.

Тогаш британскиот премиер Борис Џонсон „не би имал ни демократско, ни изборно или морално оправдување“ да го блокира референдумот, порача Стурџон неделава.

Меѓутоа, предизборните анкети навестуваат дека СНП може да не оствари јасно мнозинство па ќе мора да склучува коалиција.

Педесет и пет отсто од Шкотите гласаа во 2014 година на референдумот „против“ независност“ и премиерот Џонсон се противи на ново изјаснување истакнувајќи дека тоа се одржува „еднаш во генерација“.

Анкета која неделава ја спроведе консултантската куќа Саванта комрес покажува дека денес резултатот би бил ист, односно дека 49 отсто Шкоти би гласале против независност кога референдумот би се одржал сега, а 42 отсто би гласале за.

Заговорниците на излегувањето од Британија тврдат дека брегзитот радикално ја сменил ситуацијата бидејќи шкотските економски гранки риболовот и земјоделството се тешко погодени од раздружувањето со Европската Унија.

Тие го фалат и решителното лидерство на премиерката Стурџон во пандемијата.

СНП тврди дека независноста би создала подобри, почесни услови за Шкотска која како независна држава би можела да влезе во ЕУ.

Но партиите кои сакаат да останат во Британија стравуваат дека новиот референдум би му наштетил на опоравувањето по пандемијата. Даглас Рос, лидерот на опозициските конзервативци, кажа за Франс прес дека уште еден референдум за независност би бил „одвлекување на вниманието“ од тоа.

Лидерот на лабуристите Анас Сарвар истакна дека на Шкотска ѝ требаат „политичари кои ќе ја обединат земјата, а не да ја делат“.

„Во принцип сум за независност, но мислам дека не е вистинскиот момент, особено не со пандемијата“, смета 42-годишниот Дејвид Колин, кој работи како маркетинг експерт во Глазгов.

Поради пандемијата предизборните собири се забранети, па партиите сета сила ја фокусираа на телевизиската и интернет кампањата и делењето летоци.

„Навистина сме во чудна ситуација: станува збор за важни избори, а јавноста не е вистински вклучена во нив“, кажа Кристофер Карман, професор по цивилно општество на Универзитетот во Глазгов.

Изборниот систем е мешан па Шкотите можат да гласаат двапати, за кандидат во својата изборна единица и за партија.

Поранешниот лидер на СНП и поранешен шкотски премиер Алекс Салмонд се надева дека ќе привлече гласови со својата нова партија Алба.

Неодамнешните анкети предвидуваат сè поголема поддршка за Алба, која сака да формира „супермнозинство“ и референдумот за независност да го распише веднаш.

Стурџон го обвинува дека со тоа „се коцка со иднината на земјата“.

Салмонд и Стурџон беа партнери, но односите пукнаа кога Салмонд беше обвинет за полово малтретирање и го присили да отстапи. Подоцна беше целосно ослободен од обвинувањето, но односот им беше неповратно нарушен и тој нивен спор од минатата би можел да му наштети на движењето за независност на Шкотска.

Англија нема свој парламент па утре бира 5.000 членови во 143 градски и општински собранија. Во 13 места ќе се бираат градоначалници, меѓу кои и во главниот град Лондон.

На актуелниот градоначалник Садик Кан анкетите му предвидуваат нов мандат, но дури во вториот круг во кој веројатно ќе се соочи со конзервативецот Шон Бејли.

Бидејќи Кан е со потекло од Пакистан, а Бејли од Јамајка, Лондон и на овие избори ја покажува својата мултикултурност.

Би-би-си наведува дека првите резултатите се очекуваат во петок, дури и во сабота.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе