По интервјуто на Раша тудеј

Британија: Тие се агенти на ГРУ, приказната за Русите е навреда за интелигенцијата на јавноста

Двајцата Руси што личат на луѓето што Велика Британија ги обвини дека дошле во Англија за да го отрујат поранешниот руски шпион, вчера рекоа дека се обични туристи што таму биле за забава и дека го посетиле Солзбери за да ја видат познатата катедрала.

Велика Британија соопшти дека е јасно дека мажите што се појавија на државната телевизија Раша тудеј се агентите на руската воена разузнавачка служба ГРУ што го извршиле нападот, а интервјуто го опиша како пример за „измама и лаги“.

Тие се обвинети дека во март се обиделе да ги убијат Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка така што нивната врата ја испрскале со нервен агенс.

„Лагите и ноторните измислици во ова интервју се навреда за интелигенцијата на јавноста. Уште поважно е тоа што тие се длабоко навредливи за жртвите на ужасниот напад и за нивните најблиски“, изјави портпаролот на премиерката Тереза Меј.

Рускиот претседател Владимир Путин во средата рече дека тие двајца се цивили и дека не сториле ништо криминално.

Таткото и ќерката Скрипаљ го преживеаја нападот со нервниот гас новичок, но една жена од блискиот град подоцна почина бидејќи нејзиниот партнер го донел дома фрленото шишенце со лажен парфем во кое бил отровот.

Осомничените, кои делуваа нервозно и како да им е непријатно, се претставија како Александар Петров и Руслан Боширов. Британските иследници велат дека оние што го извршиле нападот ги користеле истите имиња.

Русите, интервјуирани од главната уредничка на РТ, Маргарита Симонјан, рекоа дека биле жртви на „неверојатна случајност“.

Раскажаа дека се занимаваат со трговија со производи за спортска исхрана и дека заминале во Лондон на краток одмор.

На прашањето за новичок, категорично негираа дека го носеле.

„Зарем не е смешно нормални мажи да носат женски парфем?“, рече Боширов.

Симонјан не побара да ги објаснат трагите од новичок што британската полиција наводно ги нашла во нивната хотелска соба.

Допосничката на Би-би-си од Москва го опиша интервјуто како внимателно осмислено и режирано, укажувајќи дека тонот и содржината се совпаѓаат со севкупниот руски одговор на случајот - целосно отфрлање и потсмев.

Британските власти велат дека имаат доволно докази за тие да бидат прогласени за виновни, но дека нема поента да бараат екстрадиција бидејќи Русија не ги екстрадира своите граѓани.

Сепак, по нив е издадена европска потерница.

„Ги презедовме сите чекори за да осигуриме дека тие ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата во Британија доколку некогаш излезат од Русија“, соопшти Даунинг стрит.

Објаснувањето на двајцата осомничени за престојот во Солзбери е толку неуверливо што наметнува интригантни прашања за тоа зошто Русија го избрала ова алиби и што кажува тоа за состојбата на пропагандната машинерија на државата, пишува Гардијан.

„Можно е пропагандистите толку да се навикнале на лажење без последици што навистина мислеле дека ова објаснување ќе им помине. Меѓутоа, ако ова било обид да се посее сомнеж дека МИ6 има погрешни луѓе, интервјуто ќе предизвика спротивен ефект. Малкумина во Велика Британија ќе поверуваат дека нивната посета на Солзбери во времето на нападот е чиста случајност“, вели весникот.

Како најверојатно објаснување, весникот вели дека интервјуто е првенствено наменето за употреба во Русија. Обвинувањата на британската полиција, вклучувајќи и снимки од безбедносните камери, беа нашироко објавувани во руските медиуми и била потребна некаков вид контраприказна за така лошо изведената операција.

Британските официјални лица мислеа дека Путин нема да одговори на резултатите од истрагата на полицијата и дека Москва ќе каже само дека не знае ништо за обвинетите и ќе ги отфрли снимките како измислица, пишува Гардијан.

Тоа што Путин не постапи така и ѝ дозволи на РТ да го направи интервјуто преведено на англиски е показател за одредена нервоза, се проценува во коментарот.

„Руското објаснување е толку слабо што веројатно само ќе му помогне на Форин офисот во напорите да ја убеди Европа да заземе поцврст став за санкциите против државите што користат хемиско оружје“.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе