Во периодот од октомври до декември 2020 во Британија бројот на странски работници во споредба со истиот период од годината претходно се намалил за 795.000, покажуваат податоците на ОНС.
Извештајот покажува и одлив на речиси милион граѓани постари од 16 години, родени надвор од Британија.
Според податоците на ОНС, најголемиот дел од одливот во минатата година се работници родени во земјите од Европската Унија.
Британија забележа најголем број смртни случаи поврзани со коронавирусот во Европа и најголем пад на економијата меѓу европските земји. Особено тешко беа погодени секторите како угостителскиот, кои обично вработуваат голем број странски работници, пишува Ројтерс.
Новите проценки се засновани на официјална анкета за состојбата на британскиот пазар на труд, а не врз клучните податоци за миграциите чие собирање е оневозможено од пандемијата. Од ОНС напоменуваат дека, од низа причини, треба да се земат со доза претпазливост.
Едната е тоа што податоците поради пандемијата исклучиво се собирани по телефон, а не со методот „од врата до врата“ како што ОНС претходно правеле.
Коментирајќи го извештајот на ОНС, Џонатан Портс, професор по економија и политика на Кингс колеџ во Лондон и главен економист во британското министерство за труд и пензиски систем, вели дека податоците упатуваат на заклучок за масовна миграција.
„Не се сомневам дека сведочиме на најголемиот одлив на луѓе во поновата историја“, кажа Портс. „Тешко е да се процени дали работниците ќе се вратат по завршувањето на пандемијата“.
Напоменува дека вистинскиот одлив, имајќи ги предвид методите на пресметката, може да биде уште поголем.
Неуверливи му изгледаат сигналите од извештајот за наводното враќање на повеќе од милион Британци од странство, пренесува Ројтерс.