Брисел не сака да ѝ попушти на Полска

Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент рече дека Европската комисија ќе побара од Варшава да го почитува владеењето на правото како услов за користење на средствата од европските фондови.

Фото: ЕПА

„Пораката за помирување“ на премиерот Матеуш Моравјецки упатена до европските лидери – дека Полска ѝ останува лојална на ЕУ, но само се противи на централизацијата на власта – се чини дека не поминува кај Брисел.

Шефицата на „европската влада“, Урсула фон дер Лајен, во вторникот во Европскиот парламент, по повод повикот за дијалог од Варшава, јасно стави до знаење: пресудата на полскиот Уставен суд е закана за ЕУ.

Овој одговор и не е изненадувачки, бидејќи лидерот на владејачката партија Право и правда (ПИС), Јарослав Качински, де факто лидер на Полска, во последното интервју за провладиниот портал „Сјеч“ децидно рече: „Ние не попуштаме пред уцените“.

Инсистирањето на Полска да го применува европското законодавство според принципот „шведска маса“, да ги зема прописите што според мислењето на властите не го нарушуваат националниот суверенитет и Уставот на земјата, завчера во Стразбур беше тема на жестока дебата.

Еден ден по отвореното писмо до европските лидери, полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги отфрли обвинувањата во Европскиот парламент дека полската влада е антиевропска, нагласувајќи дека европската интеграција е „судбина“ на Полска, но повтори дека Уставот е највисокиот закон во Полска.

Моравјецки повторно ги демантираше тврдењата дека национално-конзервативната влада предводена од партијата Право и правда се подготвува за „полегзит“ по неодамнешната одлука на Уставниот суд дека полскиот Устав е супериорен во однос на договорите на ЕУ, што предизвика остри критики од Европската комисија.

„Полска ќе остане дел од Европската Унија. Нашата влада е дел од проевропското мнозинство, што не значи дека полските граѓани не се загрижени за иднината на Европската Унија, таа загриженост е оправдана“, истакна Моравјецки.

Сепак, тој, исто така, нагласи дека треба да се спротивстави на проширувањето на овластувањата на европските институции што не ги одобриле националните држави и граѓани, додавајќи дека Европа станала силна токму поради рамнотежата помеѓу конкурентноста и соработката на државите. Полскиот премиер потсети дека претходно францускиот, германскиот, шпанскиот, данскиот и италијанскиот уставен суд исто така донеле одлуки според кои Судот на Европската Унија ги надминал своите овластувања.

Така, на пример, Сојузниот уставен суд на Германија го оспори правото на Европската централна банка да купува обврзници од јавниот сектор, што претходно беше одобрено од Судот на ЕУ.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, рече дека полскиот Уставен суд не е независен и легитимен поради влијанието на извршната власт, а тоа го нагласи и лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, како разлика помеѓу полскиот и случаите споменати од Моравјецки.

Фон дер Лајен смета дека пресудата на полскиот Уставен суд ја доведува во прашање независноста на судството, кое е темел на Европската Унија.

„Должност на комисијата е да ги заштити граѓаните во Европската Унија, каде и да живеат“, нагласи претседателката на „европската влада“.

Затоа, Европската комисија прво правно ќе ја доведе во прашање одлуката на полскиот Уставен суд и ќе го постави прашањето дали почитувањето на владеењето на правото е услов за користење на европските фондови.

„Полската влада мора да објасни како ќе ги заштити парите, со оглед на пресудата на Уставниот суд“, рече таа.

Фон дер Лајен им рече на европратениците во Стразбур дека е длабоко загрижена поради одлуката, за која таа тврди дека е „директен предизвик за единството на ЕУ“ и ја поткопува заштитата на независноста на судството, пренесува агенцијата АП.

„Не можеме и нема да дозволиме да бидат загрозени нашите заеднички вредности. Владеењето на правото е лепакот што ја поврзува нашата унија“, рече Лајен, додавајќи дека сите сакаат силна Полска во обединета Европа.

Од Луксембург стигна поддршка за Фон дер Лајен.

„Европа нема да го преживее крајот на владеењето на правото. Европа ќе умре од таквото сценарио. Европа е изградена врз демократија, слобода, почитување и владеење на правото“, рече министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, пред состанокот со европските министри задолжени за европски прашања во Луксембург, пренесува Ројтерс.

Иако Полска и владеењето на правото не се на дневен ред на дводневниот самит на европските лидери што почнува денес во Брисел, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека ќе се бори ЕУ да ги замрзне средствата за оваа членка на Унијата. Европската комисија веќе го забави одобрувањето 24 милијарди евра грантови и 12 милијарди поволни заеми за Полска како дел од пакетот за економско закрепнување на Европската Унија од последиците од пандемијата на ковид-19. Меѓутоа, германската канцеларка Ангела Меркел веќе ги предупреди ЕУ и Европарламентот да не брзаат со блокирањето средства за закрепнување на полската економија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе