Часовникот отчукува

Брегзит: Историска недела по тешкото разделување долго три и пол години

Пред Британија е историска недела во која, во петок, ќе стане првата земја што ја напуштила Европската Унија, по три и пол години долгиот процес на тешкото раздвојување.

Некои ќе слават, на некои срцата ќе им бидат скршени, но брегзитот, три пат одбиван во парламентот, ќе се случи во петок на 31 јануари 2020 година на полноќ по централноевропско време (23:00 во Лондон).

Меѓу Британија и европските дваесет и осум останува и понатаму да се среди сѐ за идните односи. Раздвојувањето нема веднаш да се забележи со конкретни промени, тоа пред сѐ ќе претставува почеток на преговорите да се утврдат модалитетите на односите на двете страни.

И покрај обидите на најжестоките евроскептици ѕвоното на Биг бен, кој е во поправка, да се огласи на тој ден, тоа нема да се случи. Наместо тоа светлечки часовник поставен во Даунинг стрит ќе го одбележи големиот момент со одбројување наназад.

Монета од 50 пени (во вредност од 60 евро центи) ќе биде издадена за да го одбележи настанот, во вкупно девет милиони примероци.

Гласниот поддржувач на брегзитот премиерот Борис Џоносн ќе ѝ се обрати на нацијата во текот на вечерта.

„Не е важно како сте гласале во 2016 (на референдумот за брегзит), време е со доверба да се гледа на пионерската земја која ќе станеме во децениите пред нас и да се излечат поделбите од минатото“, изјави Џонсон вчера.

Таа задача нема да биде мала, имајќи предвид дека парламентите на Шкотска, Велс и Северна Ирска го отфрлија неговиот закон за брегзит.

Борис Џонсон кој дојде на чело на владата во јули успеа во тоа во што не успеа неговата претходничка Тереза Меј. Таа го напушти кабинетот во Даунинг стрит со солзи во очите по трите одбивања на нејзиниот договор за брегзит во парламентот, наведува Франс прес.

Џонсон повторно преговараше за текстот со Брисел, вклучи ново решение за избегнување на враќањето физичка граница меѓу Ирска и Северна Ирска и конечно успеа во парламенот да се усвои законот со кој се придвижува брегзитот. Тоа му успеа благодарение на големото мнозинство во законодавниот дом, најголемо за конзервативците од Маргарет Тачер, осигурено по неговата убедлива победа на предвремените избори во декември.

Текстот со кој договорот за разидување од 535 страници станува закон го промовираше кралицата Елизабета Втора на 23 јануари, осум дена пред рокот за разидување. Останува последната формалност пред да се стави крај на 47-те години заедништво, ратификацијата на договорот за брегзит во среда во Европскиот парламент.

Меѓутоа, 31 јануари е пред сѐ симболичен датум. Договорот за разидување предвидува транзициски период за земјата да може постепено да излезе од Унијата, до 31 декември оваа година. во текот на тој период Британија ќе продолжи да ги применува ЕУ прописите, но повеќе нема да има право на глас.

Во тој период Лондон и Брисел треба да се договорат за идните односи, особено околу трговските прашања. Џонсон сака тоа да се заврши во рекордно време и исклучува какво било понатамошно продолжување на рокот на крајот на годината. Европејците сметаат дека рокот е многу краток, оценувајќи дека треба да се утврдат приоритетите.

Џонсон кажа дека со ЕУ би сакал договор сличен на оној што го постигна со Канада, без примена на прописите на Европската Унија.

Паралелно со тоа Британија сака да постигне сопствени договори за слободна трговија со другите земји, особено со САД, чиј претседател Доналд Трамп најави дека со Лондон ќе има „фантастичен договор“.

Во порака на Твитер со европското и британското знаме и срце поранешниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск ѝ порача на Британија: „Ние, Европската Унија, секогаш ќе ве сакаме“.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе