Би-би-си

Брегзитот и суспендирањето на парламентот: што се случи денес во Британија?

Во драматичен потег утрово новиот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, го почна суспендирањето на британскиот парламент - што значи дека пратениците имаат многу помалку време да дебатираат за брегзитот, процесот на заминување на Велика Британија од Европската Унија.

Парламентот треба да биде суспендиран пет недели пред 31 октомври, денот кога Велика Британија треба да ја напушти ЕУ.

Останаа само девет недели.

Луѓето што сакаат Велика Британија да остане во ЕУ ова го нарекуваат државен удар - па дури и некои што сакаат брегзит го критикуваа овој потег.

Џонсон сака да почне нова парламентарна сесија, со нова програма, од 14 октомври. Наместо нормалниот тринеделен есенски одмор, парламентот сега ќе се собере некаде околу 10 септември.

Со толку малку време, на пратениците ќе им биде тешко да спречат Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор.

 

Чекај, што се случи денес?

Парламентот секогаш престанува да работи неколку недели наесен. Но ова не е вообичаен одмор: Џонсон ја прекинува тековната парламентарна сесија во многу важен период.

Првично, Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ на 29 март. Откако парламентот трипати го отфрли договорот постигнат со ЕУ, тој рок беше продолжен. Денот на заминување сега е 31 октомври.

Џонсон, кој беше една од клучните фигури во кампањата за заминување, вети дека ќе го комплетира брегзитот „по секоја цена“ - со или без договор.

Сепак, повеќето членови на опозицијата во парламентот и многумина од владејачката Конзервативна партија не сакаат да ја напуштат ЕУ без договор. Тие стравуваат дека тоа ќе ја оштети британската економија, ќе ги зголеми цените и ќе ѝ го ограничи на Велика Британија пристапот до најголемиот пазар.

Тие се заканија дека ќе донесат закон со кој ќе се забрани брегзитот без договор. Во спротивно, тие би можеле да повикаат и на гласање за недоверба во владата.

 

Дали е законски да се суспендира парламентот?

Да. Тоа е она што обично се случува помеѓу крајот на една сесија и почетокот на следната. Сепак, околностите се невообичаени.

Поднесувањето тужба би одело тешко, бидејќи владата не прекршува закон. Таа само користи една парламентарна процедура, бидејќи Џонсон се обидува да го исполни предизборното ветување дека Британија ќе излезе од ЕУ.

Пратениците можат или да ја прифатат суспензијата, со ризик да се излезе од ЕУ без договор, или би можеле да покренат нови избори со гласање недоверба во владата.

Претседателот на долниот дом, Џон Беркоу, ја нарече суспензијата „уставен скандал“ наменет да ги спречи пратениците да дебатираат за брегзитот.

 

Што е со кралицата?

Таа има збор, ама ограничено. Технички, владата мораше од неа да побара дозвола за суспендирање на Парламентот.

Ова обично е формалност: кралицата се држи надвор од политиката. Ако таа одбиеше, тоа ќе беше без преседан.

Таа не одби.

 

Што ќе се случува сега?

Добро прашање.

Парламентот ќе се врати на работа следниот вторник, на 3 септември, но потоа ќе замине на одмор.

Ако Џонсон го истера своето, парламентот се враќа на 14 октомври, две и пол недели пред Велика Британија да ја напушти ЕУ.

Меѓутоа, ако пратениците гласат за недоверба пред 10 септември, во октомври би можело да има парламентарни избори.

 

Ако има избори, дали брегзитот сепак ќе се случи?

Зависи. Ако победат конзервативците, тогаш да. Тие водат на анкетите на јавното мислење, минатата недела со околу 31%, откако Џонсон во јули ја замени претходната премиерка Тереза Меј.

Најголемата опозициска Лабуристичка партија заостанува со 10 до 12 проценти, на околу 21%. Лабуристите се поделени помеѓу традиционалните области на работничката класа, кои имаат тенденција да го поддржуваат брегзитот, и гласачите во градовите како Лондон, кои повеќе сакаат да останат во ЕУ.

Но не мора да значи дека конзервативците ќе победат. Другите партии, вклучувајќи ги и централно-левичарските либералдемократи и шкотските националисти, сите се категорично против брегзит.

Потоа, тука е брегзитерската партија на Најџел Фараж, чија централна политика е да ја извлече Велика Британија од ЕУ.

Менливата политичка состојба и анкетите со тесно водство отежнуваат да се каже кој би можел да добие мнозинство, ако воопшто некој добие.

Ова ги прави сите избори тешко предвидливи. Само прашајте ја Меј: таа распиша предвремени избори во 2017 година, но се врати со намалено мнозинство, зависна од 10 пратеници од Северна Ирска.

Како резултат на тоа, таа мораше да се согласи на договор што ќе ја задржи Велика Британија покорна на правилата на ЕУ подолго време отколку што би прифатиле приврзаниците на брегзитот.

И така, ете нè.

Извор: Би-би-си

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе