Интервју

Бил Гејтс: Ќе беше уште полошо ако не потрошев две милијарди долари на вакцините

Основачот на Мајкрософт и филантроп Бил Гејтс даде интересно интервју за Вајрд.

EPA-EFE

Примајќи честитки за првото место на листата на бестселери на Њујорк тајмс за книгата Како да се избегне климатска катастрофа, неговото алармантно но необично оптимистично дело за светската еколошка криза, Гејтс напомена дека книгата на таа позиција се држи веќе три недели: „Тоа е добро за книга за климата“.

Малкумина го имаат авторитетот на Гејтс бидејќи е признат експерт не само за технологијата и бизнисот туку и за поинакви теми како глобалното здравство и енергијата, што е резултат на неговата работа во Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Тој се подготвувал својот еколошки прирачник да го објави уште пред една година, но се воздржал бидејќи како и остатокот на светот се фокусирал на другиот голем проблем – ковид-19. Сè уште не сме го решиле, но климата нема да чека. Очигледно е дека многу купувачи на неговата книга се сложуваат со тоа, пишува Вајрд.

Книгата на Гејтс е делумно поплака, а делумно славеничко дело. Систематски ѝ пристапува на климатската криза, обработувајќи ја по различни индустрии кои генерираат најмногу штетни емисии. Ни кравјиот прдеж не е изоставен. Решението го поставува во рамки на она што го нарекува зелени премии – разликите во трошоците меѓу производите и услугите кои не емитуваат штетни гасови во споредба со поевтините загадувачи до кои во моментов зависиме. Дознаваме изненадувачки факти, како тој дека цементот е полош од климатизацијата. Го истакнува и парадоксот дека нашата огромна потрошувачка на енергија не е сама по себе штетна – евтината енергија, па дури и расчистувањето на шумите им го подобрило животот на најсиромашните на Земјата. Нормално, поради тоа е потешко да се избегне климатска катастрофа.

Сепак, Гејтс смета дека тоа може да се постигне и тоа со иновации. Ќе бидат потребни десетици иновации во различни сфери, се надева со помош на владите, за да се намалат или елиминираат зелените премии и за сегашните 50 милијарди тони штетни гасови кои се испуштаат секоја година да се намалат на нула.

Навистина сте оптимистични околу начините на кои можеме да ја победиме климатската катастрофа. Наведувате долга листа на научни откритија кои мораме да ги направиме за тоа да се оствари. Од каде таквиот оптимизам?

Може да ме обвините дека сум генерално оптимистична личност. Карактеристично е тоа за некој кој ќе се откаже од школото мислејќи дека може да создаде софтверска фирма, да вработи многу луѓе и потоа во тоа всушност и успее. Потоа дојде Фондацијата, целата работа која ја завршивме со новите вакцини и подобрувањето на глобалното здравје исто така супер помина. Така стигате во категоријата „уф што сè можам да направам“. Се сложувам дека тоа е опасно. Признавам дека климата се разликува од тие две нешта и ќе биде многу потешко. Најмногу ме загрижува политичката волја, особено ако не успееме да ги убедиме младите републиканци како генерација да сфатат дека доцнат и дека нивните лидери грешат. Ќе биде тешко ако во тоа не успееме бидејќи на власта ќе се менуваат демократите и републиканците. Бараме од големите индустрии, комуналните услуги, производството на челик и цемент драматично да реинвестираат во инфраструктурата. Ако политиките не се трајни, туку краткорочни, нема начин тоа да успее.

Во книгата со негирањето на климатската криза се бавите само на две страници во последната глава. Зошто не повеќе?

Некако сум повеќе насочен на луѓето кои мислат дека е лесно да се реши проблемот отколку на луѓето кои мислат дека тоа не е проблем. Имаме четири табори: 1. нема проблем, 2. имаме проблем, но не е голем, 3. нема решение, одиме понатаму. И имаме четврти табор во кој сум и јас и велам: Ова е важно, многу е тешко, но не толку тешко за да немаме шанси за успех. Постојат нешта како електричниот автомобил со кој во 15-годишна рамка, како што се намалува почетниот трошок, како што се појавуваат полначите, како што расте радиусот, како што времето на полнење се намалува на 15 минути, ќе имаме зелена премија од нула. Тоа значи дека големите автомобилски компании ќе може да кажат дека повеќе нема автомобили на бензин и купувачите нема да се бунат. И тоа е прилично неверојатно имајќи предвид дека денес електричните автомобили се само два отсто од вкупната продажба.

Некои луѓе сметаат дека противењето на решавање на проблемот не произлегува од незнаењето, туку од лобирањето и дезинформациите кои доаѓаат од индустријата на фосилни горива. Со други зборови, проблемот е само во капитализмот.

Ситуацијата во човештвото денес е подобра отколку пред 20 или 40 или 200 години. Капитализмот има одредени заслуги за тоа. Денес е полесно да се биде жена, да се биде хомосексуалец или да се има рак. Што ќе беше ако пандемијата се појавеше пред 10 години, пред интернетот и пред да можеме да произведеме модерни вакцини? Ако луѓето мислат дека пред 100 години се живеело подобро од денес, тогаш можам да кажам дека и капитализмот бил голема грешка.

Избегнувањето на патувањата покажува колку се плашиме за своите животи. Го менуваме своето однесување. Би требало да бидеме оптимистични околу тоа.

Со тоа што богатите земји ќе сменат по нешто, нема да дојдеме до нула. Вистинскиот тест е дали Индија ќе го прифати зелениот пристап до 2050 година. Таму ќе се користи сè повеќе струја, ќе има сè повеќе климатизација и повеќе станови. И кога ќе им побараме да го прифатат зелениот пристап, ќе ни кажат дека ние сме го предизвикале проблемот и дека тие само им пружаат основни животни услови на своите граѓани. Значи, не е пресудно дали богатите земји ќе дојдат на нула. Идејата за национално одредени придонеси не води кон нулата.

Пред некое време кажавте дека финансирате погони за производство на вакцини и пред да бидат одобрени за да имаме доволно кога ќе добијат зелено светло. Но се чини дека сепак ги нема доволно. Што се случи?

Никој не може преку ноќ да произведе 14 милијарди дози вакцини. Фабриката на Астра Зенека денес произведува повеќе од која било друга фабрика во светот благодарение на нашето финансирање. Проблемот е рамноправноста околу вакцините. Вакцините на Фајзер и Модерна се прилично скапи и се одлични решенија за богатите земји, но проблемот со земјите во развој нема да може брзо да се реши. Да се случеше пандемијата за пет години, мРНК ќе беше стабилна платформа во смисла на трошоците, траењето и производните капацитети. Но потрошив две милијарди долари и занм дека ќе беше полошо ако не ги потрошев.

Кога ќе може да им се вратиме на конференциите и гледањето филмови во кино-салите?

На есен сè ќе биде понормално. Би бил изненаден ако до тогаш некои училишта не се отворени. Мораме да ја зголемиме стапката на прифаќање на вакцините во заедниците со пониски примања. Прифаќањето и понатаму е под просекот. Треба да се испратат најпаметните луѓе за да покажат дека ја примаат вакцината и дека таа дејствува. Но дури и ако успееме да го зголемиме нивото на покриеност, нема да имаме целосен ефект. Во остатокот од светот тоа ниво нема да биде достигнато до крајот на 2022. Некогаш на вакцините им требаа 20 години за да излезат од богатиот свет и да стигнат во земјите во развој. Значи, подобро е, но сè уште не е доволно добро.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе