По влегувањето на Црна Гора во НАТО

БиХ е новата „мета“ на Москва во регионот

Русија активно работеше на тоа да ја спречи прозападната транзиција на Црна Гора и Македонија, понекогаш на драматичен и насилен начин, и нема сомнеж дека ќе продолжи да се меша во внатрешните работи на тие држави, пишува политикологот Јасмин Мујановиќ за американскиот весник Форин аферс.

Меѓутоа, метата на следниот руски гамбит на Балканот, можеби и најсилниот досега, е во стратегискиот центар на регионот – Босна и Херцеговина.

По двете години криза, Македонија во јуни доби нова влада, реформистичка коалиција на левиот центар, посветена на повторно придвижување на интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО. Истиот месец, потсетува Мујановиќ, Црна Гора стана најновата членка на НАТО, по бурниот пристапен процес кој траеше речиси деценија. Овие настани се добра вест за вкупната стабилност на Западниот Балкан, но се и големи удари за регионалните аспирации на Русија, која се надева дека државите од поранешна Југославија кои сѐ уште не се вклучени, ќе останат „неутрални“, надвор од ЕУ и НАТО.

Во анализата се тврди дека рускиот план за БиХ ќе го обликуваат два главни фактори. Првиот е долгогодишниот однос на Кремљ со претседателот на Република Српска Милорад Додик. Вториот, поалармантен фактор е новата врска меѓу Москва и Драган Човиќ, хрватскиот член на Претседателството на БиХ и шеф на Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ БиХ), огранок на актуелната владејачка партија во Загреб.

„Целта на Русија е едноставна: да се задржи БиХ надвор од НАТО и ЕУ. Москва сака да обезбеди таа држава да остане етнички поделен безнадежен случај во срцето на Балканот. Во рамки на тоа, Русија се обидува да склучи сојуз со Додик и Човиќ, кои се најзаслужни за етничките поделби и нефункционалноста во Босна“, се тврди во написот на Форин аферс.

Мујановиќ го опишува Додик како главен човек на Русија во регионот.

„Дури и повеќе од претседателот на Србија Александар Вучиќ, долгогодишниот сојузник на Кремљ. Додик е балкански лидер кој најгласно ги заговара руските интереси и изразува цврсто противење на НАТО, ЕУ и особено на влијанието на САД на Балканот“.

Се додава дека Додик во изминатите три години често ја посетуваше Москва и „колку економската ситуација стануваше полоша во неговиот нелиберален пашалак, толку поотворено лобираше за руска финансиска подрршка“. Како пример се наведува дека неодамнешната руска исплата на долгот кон Босна во вредност од 125 милиони долари првично служела како спас за Додик, кого американската влада во јануари го казни за спроведување на неуставниот референдум на крајот на 2016.

Мујановиќ тврди дека Човиќ е „значително поматна фигура“ и дека е тешко да се одвои од своите ментори во Загреб.

„Како и националистите во Србија, хрватската владејачка партија ХДЗ никогаш сосема не се откажа од иредентистичките тежнеења во мнозински хрватските делови на Босна. Нејзината сестринска партија ХДЗ БиХ всушност дејствува како инструмент на Загреб за изразување на најекстремните националистички ставови, но така да не се стекне впечаток дека директно се меша во внатрешните прашања на БиХ“, тврди Мујановиќ.

Тој истакнува дека постјугословенска Хрватска, и покрај своите иредентистички тенденции, историски била сомнителна кон присуството на Русија на Балканот.

„На крајот на краиштата, Русија е главниот меѓународен поддржувач на главниот хрватски ривал, Србија, а тој однос датира од времето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Затоа Загреб традиционално гравитира кон Брисел и Вашингтон“.

Се потсетува дека хрватско-српската нетрпеливост прерасна дури и во мини војна преку посредници, кога српските екстремисти се бореа за Русија во конфликтот во Донбас, а хрватските радикали беа на страната на Киев.

Меѓутоа, во Босна, оваа регионлна динамика секогаш се одвивала поинаку. Во 1990-тите, Загреб и Белград разботеа заедно на поделбата на својот помал сосед, и преку премолчена воена координација против Сараево и преку експлицитни договори како неуспешниот договор од Грац во 1992 година. таа соработка преживеа во облик на долгогодишниот сојуз меѓу Додик и Човиќ, кои станаа цврсти пријатели во земјата позната по навидум постојаните меѓуетнички судири.

Во написот на угледниот американски весник се наведува дека идејата за БиХ како членка на НАТО е анатема за Бања Лука и Москва, и дека тие ќе направат сѐ што можат за да го спречат тоа. „Така, во исто време, Русија стана заговорник и на хрватската и на српската националистичка политика во Босна“, истакнува Мујановиќ.

„Во секој случај, следната година ќе биде пресвртница за плановите на Русија во регионот. Ако сојузниците на Москва во БиХ останат на власт и по изборите во 2018, Русија најверојатно ќе се повлече во сенка, бидејќи целта за задржување на Босна надвор од НАТО и ЕУ уште еднаш ќе биде обезбедена. Но, ако комбинацијата од реформски сили направи пробив, Москва ќе биде присилена да одговори со сите неопходни средства“, заклучува Мујановиќ.

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе