За воена независност потребни се барем десет години работа и вложувања

Без САД и НАТО Европа нема одбрана

По четирите години непријателски став на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, Европската Унија предводена од Франција сака да стане самостојна воена сила, доволно силна да се бори сама и потенцијално да им биде покорисен сојузник на Соединетите Американски Држави.

EPA-EFE

Меѓутоа, одделни експерти и членки на блокот сметаат дека тоа е тешко остварливо и дека на европскиот блок за воена независност од Соединетите Држави му се потребни најмалку десет години интензивна работа и огромни вложувања.

Европските министри за одбрана на денешната онлајн средба ќе го добијат првиот годишен извештај за заедничките капацитети во кои би требало да бидат назначени областите на соработка и заеднички развој на оружје, вклучувајќи борбени тенкови, патролни бродови, спротивставување на дронови и технологија на попречување. ЕУ сака да направи нацрт на воен документ кој би ги дефинирал идните закани, цели и амбиции во областа на одбраната, кажаа вчера дипломати и функционери.

Документот би требало да послужи како основа за напорите кои ќе ги предводи Париз во ерата по брегзитот и Трамп за ЕУ во воена и одбранбена смисла да не зависи толку од трансатлантскиот сојузник.

„Ова не е само уште еден извештај“, кажа за Ројтерс висок претставник на ЕУ. „Ова е патот за ЕУ заеднички да планира, вложува и да се спротивставува на заканите од следната генерација“.

„Стратегискиот компас“ на ЕУ е најблиското што блокот може да го има до воена доктрина и е близок на „Стратегискиот концепт“ на НАТО во кој се претставени целите на Алијансата. Со смената на администрацијата во САД веројатно ќе попушти и директниот притисок, а новоизбраниот американски претседател Џо Бајден веројатно нема да ја користи агресивната реторика на својот претходник кон сојузниците, но тој нема суштински да ја менува американската порака дека европските држави мора повеќе да издвојуваат и придонесуваат на одбраната, сметаат европските дипломати.

„Не сме во стариот статус кво, каде можеме да се претвораме дека мандатот на Доналд Трамп никогаш не постоел и дека светот е ист како пред четири години“, кажа за Ројтерс еден француски дипломат.

Еден функционер на ЕУ кажа дека победата на Бајден „е повик до Европа да изгради заедничка одбрана на ЕУ, да биде корисен и силен сојузник, и за НАТО сојузот“.

ЕУ од декември 2017 работи на развојот на огнената моќ независно од САД. Тие напори ги предводи главно Франција, преостанатата голема воена сила во блокот по излегувањето на Британија.

Додека Британија беше членка на ЕУ, Лондон главно се противеше на идејата ЕУ да има поголема воена улога, ставајќи го акцентот на НАТО како главен фокус на европската одбрана.

Со излегувањето на Британија, Париз доби прилика да ги истурка своите долгогодишни амбиции за ЕУ да има поголема улога во одбраната, со внимателна поддршка од Берлин.

„САД ќе нè почитуваат како сојузници само ако бидеме сериозни во поглед на нашата позиција и доколку сме суверени во поглед на одбраната“, кажа францускиот претседател Емануел Макрон во интервју во неделата.

Ројтерс наведува дека во годишниот извештај за одбраната на ЕУ како проблеми ќе бидат идентификувани недостигот од дрон технологијата, застарената воздухопловна флота и дуплирањето на оружјето во членките на ЕУ.

Франција, Германија, Италија и Шпанија се надеваат дека со заедничкиот развој на националната одбрана, ЕУ ќе заштеди пари и ќе стави крај на конкурентните национални индустрии кои го дуплираат оружјето.

Документот нема да претстави листа на закани, делумно поради тоа што владите на ЕУ имаат поинаков поглед на заканите.

Русија се смета за поголема закана на Балтикот отколку во Франција, каде што како најголема закана го гледаат исламистичкиот екстремизам.

Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел ги информираше вчера министрите за надворешни работи на ЕУ за доверливата анализа на заканите заснована врз разузнавачки податоци.

Борел на приватен состанок со европските амбасадори минатата недела кажа дека ЕУ треба да знае „да го практикува јазикот на моќта, а не само да го зборува“.

Експертите меѓутоа тврдат дека иако ЕУ веќе почнала да работи на заеднички проекти и од следната година за фондот за развој на оружје ќе определи осум милијарди долари, на блокот ќе му требаат најмалку десет години за да има некаква воена независност од Вашингтон.

Разликите во ставовите меѓу Франција и Германија исто така испливуваат, а Берлин е скептичен кон иницијативите надвор од НАТО.

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер кажа дека Европејците не можат да се надеваат дека ќе го заменат американскиот одбранбен систем од нуклеарно оружје.

„Идејата за стратегиска автономност за Европа е нереална доколку ја храни илузијата дека можеме да обезбедиме европска безбедност, стабилност и просперитет без НАТО и САД“, кажа претходно неделава Крамп Каренбауер за Ројтерс и додаде дека на Европа би ѝ требале децении за да изгради конвенционални и нуклеарни воени сили за да го компензира она што НАТО и САД го придонесуваат на безбедноста на континентот.

„Германија и Европа не можат да се заштитат без американската нуклеарна и конвенционална моќ. Тоа е едноставно факт“, кажа Крамп Каренбауер.

Соединетите Држави пружаат 70 отсто од клучните воени капацитети како надзор, хеликоптери и сателитски комуникации во НАТО, истакна германската министерка.

Вашингтон исто така има околу 100 отсто од ракетната одбрана на НАТО и најголемиот дел од капацитетите за нуклеарно одвраќање.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе