Беше сончев ден, недела, 4 мај: денот кога умре Тито

На погребот на маршалот Тито во Белград присуствуваа повеќе од 200 високи личности од целиот свет.

Фото: ЕПА

Речиси сите што тогаш живееја во СФРЈ до детали се сеќаваат на моментот кога дознале дека срцето на тогашниот претседател Јосип Броз Тито престанало да чука.

Беше сончев ден, недела, 4 мај 1980. Точно во 15:05 часот Југословенската радио-телевизија ја објави тажната вест.

По долго боледување почина лидерот на Сојузот на комунистите на Југославија, трикратен херој, основач на Движењето на неврзаните и претседател на држава од 22 милиони жители. Почина во Клиничкиот центар во Љубљана, а беше погребен во Куќата на цвеќето на Дедиње во Белград.

Веста за смртта ја прочита спикерот Миодраг Здравковиќ: „Почина другарот Тито... Ова вечерва им го соопштија Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, на работничката класа, на работните луѓе и граѓани, на народите и народностите на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“, беа зборовите на спикерот.

Во тој момент целата земја заплака. Меѓу натпреварите од првата фудбалска лига што тој ден се играа низ цела Југославија, беше и оној на стадионот Пољуд помеѓу Хајдук и Црвена звезда. Во моментот кога беше објавена веста, 50 илјади луѓе на трибините почнаа да пеат „Друже Тито, ми ти се кунемо“.

Сѐ до почетокот на војната во поранешна Југославија, секој четврти мај во 15:05 часот низ целата земја се слушаа сирени. Во тој момент, целиот сообраќај по улиците запираше, минувачите застануваа, работниците на своите работни места застануваа во став мирно и така државата колективно му оддаваше почит на својот најголем лидер.

Легендарен водач, маршал, основач на Неврзаните...

Како водач на КПЈ Тито го предводеше партизанското движење (Народноослободителната војска на Југославија) во Втората светска војна. Тоа беше, ако не најсилното, тогаш сигурно едно од клучните движења на отпорот во Европа. Од војната излезе како легендарен водач. Од Второто заседание на АВНОЈ, во ноември 1943 година, ја носеше титулата маршал на Југославија.

На чело на Југославија беше цели 35 години.

Во 1948 година ја отфрли Резолуцијата на Информбирото на Комунистичките партии, со која беа осудени и тој и КПЈ. Во тешки околности, тој се спротивстави на силниот притисок од Сталин, по што со години вешто маневрираше меѓу источниот и западниот блок, извојувајќи многу посебна позиција на Југославија како водач на Движењето на неврзаните.

Беше еден од основачите на Движењето на неврзаните, кое беше од големо значење во тогашните меѓународни околности, за време на процесот на деколонизација. Неговата улога во тоа Движење, во подоцнежната фаза, е особено запаметена по неговиот доследен напор да ги држи неврзаните подалеку од влијанието на одредени проблоковски определени членки.

Во домашната политика, поради различни околности, несомнено и поради длабоката старост, остави систем што на крај се покажа неодржлив за функционирањето на СФРЈ - Уставот од 1974 година. Специфичниот систем на консензус на претставниците на републиките и покраините во Претседателството се покажа како нерешлив проблем кога СКЈ се распушти во јануари 1990 година.

На погребот на Јосип Броз Тито, во Белград, дојдоа повеќе од 200 високи личности од целиот свет, што несомнено е показател за неговата многу посебна историска улога и исклучителната репутација што ја уживаше.

Присуствуваа 700.000 луѓе. Беа присутни 209 државни делегации од 128 земји во светот. Тоа беше најпосетениот погреб на еден државник во 20 век.

Последна почит на основачот на Движењето на неврзаните му оддадоа 31 претседател, 22 премиери, четири крала, шест принца и 11 претседатели на национални парламенти. Од светот поделен од Студената војна, во Белград допатуваа државници од двата табора.

На погребот присуствуваа и Маргарет Тачер, потпретседателот на САД Вoлтер Мондејл, Индира Ганди, Хосни Мубарак, Садам Хусеин, Леонид Брежњев, Николај Чаушеску, шведскиот крал Карл XVI Густав...

Фото: ЕПА

Социјалистичка Југославија го надживеа за само десет години.

Многу работи, главно неубави, се случија во поранешната држава по смртта на Тито. Единството на југословенските народи и народности (братството и единството, како што велеше Тито) беше распарчено. Од една се создадоа прво шест држави, а потоа и седма (Косово), околу чија независност уште долго ќе се кршат копјата.

Некои од нив скапо ја платија својата независност - со крвта на своите граѓани.

Денес ниту една од овие држави не ѝ е рамна на Југославија кога станува збор за многу сегменти од општеството, а Тито беше и остана истакната личност на модерната ера, не само на југословенската, туку и на светската политичка сцена.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе