Дојче веле

Балканот се трка во вооружување, нека се спремат соседите

Од влегувањето во НАТО Црна Гора веќе има потпишано два големи договори за набавка на хеликоптери и оклопни возила во вкупна вредност од 66 милиони евра, пишува Дојче веле.

Како и нејзините соседи, и таа го зголемува својот воен буџет и сè почесто испраќа војници на мисии низ целиот свет.

За време на неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео во Црна Гора, беше договорено да се купат 67 оклопни возила од САД, чија цена е 36 милиони долари.

Тоа е прва набавка на такви возила за црногорската армија во последните 40 години. Ова се наследниците на популарните хамери, направени од американската компанија Ошкош. Првиот контингент пристигнува следната година и Црна Гора ќе биде првата во Европа што ќе ги има во своите воени сили, а ќе ги купи со кредит.

„Овие лесни оклопни патролни возила претставуваат значаен чекор напред во модернизацијата на црногорската армија. Со нив нашите копнени сили ќе ја постигнат потребната способност за распоредување, маневрирање, подвижност и заштита, а со тоа и потребното ниво на компатибилност со сојузничките земји во НАТО и партнерите“, рекле за Дојче веле од Министерството за одбрана на Црна Гора.

Ова е веќе втората голема воена набавка од приемот на Црна Гора во НАТО. Минатата година пристигнаа три хеликоптери што беа купени од Канада за 30 милиони долари. Непотребно е да се каже дека ваквите големи набавки претходно беа незамисливи за црногорската армија, за која перцепцијата во добар дел од јавноста беше дека е бројно мала и слабо опремена за да одговори на предизвиците на 21 век. Од Министерството за одбрана велат дека благодарение на овие хеликоптери имаат засилени можности за транспорт на трупи, воздушна поддршка за единици, медицинска евакуација и пребарување и спасување, како и за помош на населението во случај на природни непогоди.

 

Трка во вооружување на Балканот

Од влегувањето во НАТО, Црна Гора веќе плати околу 20 милиони евра за опремување на својата војска, а уште најмалку 46 ќе бидат платени во наредните години. Но тоа не е сè. Од Министерството велат дека во изминатите две години добиле многу донации од Соединетите Држави во форма на разновидна комуникациска, медицинска и друга опрема, додека Германија донирала шест оклопни патролни возила „мерцедес бенц“. Највредната донација допрва треба да дојде, а тоа е радарот со долг дострел, кој ќе ѝ овозможи на Црна Гора самостојно да го контролира воздушниот простор. Во моментов, небото на Црна Гора го штитат и по него патролираат борбени авиони од земјите-членки на НАТО Италија и Грција.

„Споменатиот радар е приспособен на НАТО-системите за контрола и поврзување. Очекуваме тој да биде инсталиран до 2021 година“, соопшти Министерството.

Американците, освен што им продаваат оружје, им донираат и опрема на своите сојузници на Балканот. Така, неодамна, порталот „Балканска безбедносна мрежа“ објави дека Соединетите Држави одобриле 110 милиони американски долари помош за четири земји од Западен Балкан за набавка на оружје, како дел од програмата насочена кон замена на борбените системи од времето на Советскиот Сојуз со оружје од западно потекло. Така, Пентагон ќе плати за набавка на борбени возила за хрватската и македонската армија, и на хеликоптери за вооружените сили на Босна и Херцеговина и Албанија.

Сепак, вложувањата во модернизацијата на црногорската армија се мали во однос на она што последниве години го правеа соседните земји. Медиумите и аналитичарите зборуваат за трка во вооружување меѓу Србија и Хрватска, кои инвестираат стотици милиони во нови авиони, хеликоптери и друго оружје. Србија купува и бесплатно добива многу оружја од Русија, додека Хрватска планира да купи борбени авиони од САД.

Меѓутоа, интересно е што за прв пат во контекст на вооружувањето во регионот, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја спомна и Црна Гора: „Се вооружуваат и Бугарија, Романија, Унгарија, Хрватска и други помали земји во согласност со нивните можности. Гледаме кој од страна ги вооружува и Албанците на Косово и Метохија и какви хеликоптери бара Црна Гора, и сето тоа го следиме“, рече Вучиќ.

Црногорското Министерство за одбрана не сакало директно да ја коментира забелешката на Вучиќ, но порачале дека „секако внимателно ги следат тековните светски трендови во опрема и оружје“.

„Модернизацијата на црногорската армија не е резултат само на потребата за исполнување на целите на НАТО, туку тоа е, пред сè, во согласност со националните интереси. Одлуките за вооружување се донесуваат со внимателна анализа, како на реалните потреби, така и на современите безбедносни предизвици“, велат од Министерството.

 

Воениот буџет постојано расте

Од пристапувањето во НАТО, воениот буџет на Црна Гора значително расте, а и ќе продолжи да расте сè додека не се исполни познатото барање на Трамп „Сите членки да одвојуваат најмалку два проценти од БДП за одбрана“. Така, буџетот за 2018 година беше близу 54 милиони евра, а годинава веќе 61,6 милиони евра. И тешко дека следната година може да биде помал - само уште поголем.

„Црна Гора планира да достигне издвојување за трошоците на одбраната од 2 проценти од БДП во 2024 година, и тоа со постепено зголемување на својот одбранбен буџет во текот на следните пет години“, јасно порачало Министерството.

Дел од опозицијата, која остро се спротивставуваше на влегувањето на Црна Гора во НАТО, пред две години порача дека Алијансата ќе биде „само дополнителен трошок за и онака презадолжените црногорски граѓани“. Тие предвидоа дека воениот буџет ќе треба да биде најмалку 700 милиони евра за десет години и се прашуваа: што ќе добие Црна Гора за тие пари? Воедно рекоа и дека тие пари подобро ќе се искористат за нови градинки, училишта и болници...

Во Министерството, и тогаш и сега, инсистираат дека реалната состојба е сосема спротивна. „Ако Црна Гора не беше член на НАТО, ќе мораше да издвојува многу повеќе за одбранбениот систем отколку како членка на колективниот систем за безбедност. Исто така, бројната состојба на самата војска ќе мораше да биде значително поголема отколку што е сега“.

Сепак, бројната состојба на црногорската армија не се зголеми многу од влегувањето во НАТО. Новина е тоа што од оваа година е воведено доброволно служење на воениот рок, кој Црна Гора го укина пред петнаесет години. „Во последните три години, поради подмладување на персоналот, армијата изгуби повеќе припадници. Околу 300 војници го напуштија системот, додека во исто време околу 270 момци и девојчиња задолжија униформа. Црногорската армија во моментов има 2.368 војници“, се најновите податоци на Министерство за одбрана.

 

Црногорските војници сè повеќе одат на мисии

Во последните години црногорските војници учествуваа во голем број мисии низ целиот свет, особено во Авганистан. Остри протести во Србија предизвика одлуката Црна Гора да испрати офицер во КФОР на Косово. Следната година, двајца црногорски војници ќе заминат во Ирак, каде што ќе ги обучуваат безбедносните сили таму. Сепак, најголемо внимание привлече мисијата во Латвија, каде што црногорските војници се дел од мисијата за одвраќање на Русија од притисок врз прибалтичките членки на НАТО.

Министерството за одбрана соопшти дека е свесно дека Црна Гора е мала, но велат дека сакаат еднакво да придонесат во колективната одбрана на Алијансата, иако тие се најмладиот член.

„Во Латвија во моментов имаме ангажирана втора ротација, односно еден инженерски оддел од десет члена. Ќе продолжиме да придонесуваме во напорите на НАТО за зачувување на стабилноста на сојузничката територија и во наредниот период“, велат од Министерството и заклучуваат дека станува збор за „неизмерно искуство за црногорските војници“.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе