Поголемиот дел од светот смета дека имало геноцид

Бајденовото можно признавање на геноцидот врз Ерменците ги ризикува односите со Турција

Американскиот претседател Џо Бајден е спремен убиството на над милион Ерменци на почетокот на 20 век формално да го признае како геноцид што е чекор кој досегашните американски претседатели го избегнуваа и кој дополнително би ги разгорел односите на Вашингтон и Анкара, пишуваат светските медиуми.

EPA-EFE

Ризикувајќи потенцијален раскол со Турција, но исполнувајќи го предизборното ветување, Бајден се подготвува масовните убиства на околу милион Ерменци под Отоманското царство да го опише како геноцид, јавува Си-ен-ен.

Две лица запознаени со одлуката соопштија дека се очекува американскиот претседател да ја донесе декларацијата во рамки на официјално соопштение во сабота, 24 април, по повод Денот на сеќавањето на масовните убиства на Ерменците. Двајцата кажале дека е можно Бајден да се премисли и да издаде соопштение во кое само се признава настанот, без тој да се опишува како геноцид.

Иако повеќето историчари сметаат дека Отоманското царство во периодот од 1915 до 1923, извршило геноцид врз Ерменците и припадниците на други етнички и верски малцинства, Турција тоа го негира и тврди дека тоа било воено време, дека имало загуби на двете страни и дека вкупниот број убиени Ерменци изнесувал околу 300.000.

Иако претходните американски претседатели Барак Обама и Доналд Трамп избегнаа да го користат терминот геноцид поради можниот гнев на Анкара, Бајден тврдеше дека односите со Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган не би требало да спречат употреба на терминот кој би ги потврдил маките на Ерменците пред повеќе од еден век.

Во време на предизборната кампања Бајден вети дека како претседател „ќе поддржи резолуција со која се признава геноцидот врз Ерменците“, навестувајќи ја својата посветеност на човековите права. Меѓутоа, истакнува Си-ен-ен, слични предизборни ветувања на претходните претседатели останаа неисполнети поради реалноста на политиката.

Обама во своите осум години од својот претседателски мандат избегнуваше да го користи зборот геноцид при годишнините на одбележувањето на страдањата на Ерменците. Имајќи предвид дека Турција е позиционирана како клучен партнер во борбата против терористите на ИСИС, тоа прашање изгледаше уште помалку прифатливо.

Писмо на конгресмените

Иако очекуван потег, Бајденовото признавање на геноцидот врз Ерменците би можело дополнително да ги искомплицира и онака напнатите односи со турскиот лидер Ердоган со кои и по три месеци од инаугурацијата американскиот претседател немал разговор, истакнува Асошиејтед прес.

Двопартиска група од преку 100 члена на Претставничкиот дом во средата, 21 април, потпиша писмо до Бајден во кое го повикуваат да стане првиот американски претседател кој формално ги признал злосторствата од Првата светска војна како геноцид.

Парламентарците и ерменско-американските активисти лобираат тоа да го соопшти на Денот на сеќавањето на геноцидот врз Ерменците или порано. „Срамното молчење на владата на Соединетите Држави за историскиот факт на геноцидот врз Ерменците предолго траеше и мора да прекине“, напишаа пратениците. „Ве повикуваме да ги исполните своите обврски и да ја кажете вистината“. Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки кажа дека американскиот претседател ќе има многу за кажување на Денот на сеќавањето, 24 април.

Ако Бајден го признае геноцидот, речиси сигурно ќе се соочи со реакции од Турција, која успешно ги наговараше претходните претседатели да го премолчат тоа прашање, истакнува АП. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу претходно неделава истакна дека Турција не е загрижена од одлуката која може да ја донесе Бајден, но предупреди дека признавањето би им „наштетило“ на односите на двете земји.

Ѓонул Тол, директор на турската програма на Блискоисточниот институт во Вашингтон, кажа дека Ердогановото влијание е намалено и дека реакцијата на турскиот лидер би можела да биде придушена. „Бајден гласно зборуваше за кршењето на човековите права во земјите низ светот, вклучувајќи ја Турција, но тоа не ја крена премногу неговата реторика. Ова е шанса за него да се отвори прашање за човековите права со поглем влог“, кажа Тол.

Можните реакции на Турција

Формалната употреба на Бајден на терминот геноцид за опишување на масовните убиства на Ерменците на почетокот на 20 век би можела да предизвика неколку различни реакции на Турција, додека во Ерменија сметаат дека значењето на таквата декларација е во спречувањето на идни злосторства, истакнува Волстрит џурнал.

Турција би можела да создаде неформални пречки за извозот од САД, вели Синан Улген, поранешен турски дипломат и претседавач на аналитичката група Едам во Истанбул, истакнувајќи дека одговорот веројатно ќе има предвид дека многу турски државјани го делат владиното гледање на историјата. Аналитичарите велат дека Анкара би можела да реагира со вртење на вниманието на односот на европските доселеници врз домородните Американци, и, иако е помалку веројатно, да им забранат на САД да ја користат воздухопловната база Инџирлик.

Во последните години односите на членките на НАТО и Турција се влошија поради одлуката на Анкара да го купи рускиот систем за противракетна одбрана С-400, како и околу прашања за човековите и граѓанските права под Ердоган и поради улогата на Турција во неколку регионални конфликти.

Под притисок на Конгресот администрацијата на Трамп воведе санкции против ентитети на турската влада поради преземањето на С-400, за кој Пентагон мисли дека би можел да биде користен за собирање разузнавачки податоци за борбените авиони Ф-35, и ја тргна Анкара од програмата за Ф-35, која ја предводат САД. Ерменскиот амбасадор во САД Варузан Нерсесијан изјави дека се надева дека Бајден ќе го признае геноцидот, додека директорот на Ерменското собрание во Америка Брајан Ардуни истакна дека „американската афирмација на геноцидот врз Ерменците не само што го зголемува кредибилитетот на Америка околу прашањата на човековите права, туку и помага во спречувањето на идни геноциди“.

Вредностите наспроти геостратегиските удари

Иако американското признавање на геноцидот врз Ерменците дополнително би ги влошило односите на Вашингтон и Анкара, тоа истовремено ја сигнализира Бајденовата посветеност на човековите права и веројатно ќе биде објавено на 106-годишнината на почетокот на она што историчарите го нарекуваат повеќегодишен и систематски марш на смртта кој претходници на модерна Турција го почнале за време на Првата светска војна, пишува Њујорк тајмс.

Бајден би бил првиот американски претседател кој го направил тоа, иако Роналд Реган укажа на геноцидот врз Ерменците во 1981 во пишана изјава за Холокаустот. Исто така, додава весникот, американскиот Конгрес во 2019 со големо мнозинство усвои необврзувачка резолуција во Претставничкиот дом и Сенатот нарекувајќи ги акциите од 1915 геноцид. Со тоа беа одобрени мерки признавањето на геноцидот врз Ерменците да биде формално прашање на американската надворешна политика.

Декларацијата за геноцидот сигнализира дека Соединетите Држави „се спремни да примат геостратегиски удари за нашите вредности“, кажа поранешниот американски амбасадор во Турција Џејмс Џефри, кој беше на високи функции за прашања за националната безбедност во администрациите на тројца претходни американски претседатели.

Функционерите и експертите тврдат дека Бајденовата декларација за геноцидот, чија правна дефиниција е прифатена во 1946, нема да сноси никакви опипливи казни освен понижување на Турција и валкање на нејзината историја со неизбежното споредување со Холокаустот.

Министерот за надворешни работи на Ерменија Ара Аивазијан изјави дека „признавањето од Соединетите Држави ќе биде еден вид морален светилник за многу земји“, истакнувајќи дека тука не станува збор само за Ерменија и Турција, туку дека станува збор за „нашата обврска да го признаеме и осудиме минатото, сегашниот и идниот геноцид“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе