Одделни држави, како Њујорк и Конектикат, веќе привремено ги укинаа државните давачки на горивата, додека други разгледуваат идеи како враќање на пари и директна помош.
Бајден ги повика и поединечните сојузни држави привремено да ги укинат своите државни давачки на горивото, кои често се поголеми од федералните, а од најголемите нафтени произведувачи бара на претстојниот состанок со министерката за енергија Џенифер Гренхолм да дадат идеи како да се обноват капацитетите за преработка на нафта.
Бајден и неговите советници ова прашање го разгледувале со месеци поради сè поголемиот притисок да преземат акции и да ги намалат рекордните цени на горивата, кои придонесоа на падот на популарноста на американскиот претседател и ги намалија шансите на неговата Демократска партија да го задржат мнозинството во Конгресот на изборите во ноември.
За привремено укинување на федералниот данок на бензинот од 18,4 центи по галон (околу 3,8 литри) и 24,4 на дизелот, потребно е одобрение од Конгресот, поради што барањето на Бајден е главно симболично.
Членови на Конгресот од двете партии се противат на укинување на данокот, а некои демократи, меѓу кои и претседавачката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, стравуваат дека тој потег би имал ограничено влијание на цените, ако поголемиот дел од заштедата оди кај нафтените компании и продавачите.
„Само привремено укинување на данокот на гориво, без други мерки, нема да го ублажи растот на трошоците кои го гледаме. Во овој единствен момент, кога војната во Украина им наметнува последици на американските семејства, Конгресот треба да преземе сè што може за да обезбеди олеснување“, се наведува во соопштението на Белата куќа.
Бајден бара од Конгресот да го суспендира данокот на гориво до крајот на септември, што значи и изгубен придонес за Фондот за автопати од околу 10 милиони долари, но тоа би можело да се надомести од други делови на буџетот каде приходите растат, а дефицитот се намалува додека САД се опоравуваат од пандемијата на ковид-19, се додава во соопштението.
Рафинериите се обидуваат да ја задоволат глобалната побарувачка за дизел и бензин, што доведува до дополнителен раст на цените и недостиг.
„Привременото укинување на федералниот данок на гориво секако ќе обезбеди краткорочно олеснување за возачите во Америка, но нема да ја реши суштината на проблемот – нерамнотежата во снабдувањето и побарувачката за нафтени производи“, соопшти портпаролот на индустриското здружение на Американски произведувачи на горива и петрохемија.
Додаде дека се потребни и долгорочни мерки за да се зголеми производството на енергија во САД.
Просечните цени на горивата на пумпите сега се блиску до 5 долари за галон, а сè поголемата побарувачка се поклопи со загубата на производниот капацитет од околу милион барели дневно.
Во последните три години многу фабрики се затворија поради тоа што побарувачката нагло падна на врвот на пандемијата.