Американскиот затвор на Куба

Бајден е на чекор до затворање на Гвантанамо

Ослободувањето Мароканец што помина речиси 20 години таму без обвинение може да биде сигнал дека постоењето на затворот на Куба се ближи кон крајот.

Фото: ЕПА

Администрацијата на Бајден е на чекор до затворање на Гвантанамо, откако неодамна ослободи Мароканец што помина речиси две децении во злогласниот затвор без да биде покренато обвинение против него.

Абдулатиф Насер е првиот осомничен што го напушти американскиот затвор на Куба откако Џозеф Бајден во јануари стана шеф на Белата куќа. Иако требаше да биде ослободен уште пред пет години, Насер останал зад решетки бидејќи владата на Доналд Трамп беше против ослободување на приведените дури и кога немаше докази против нив. Штом пристигна во својата татковина по 19 години затвор, Насер беше уапсен, пренесува АП. Мароканските власти велат дека ќе истражат дали бил терорист, иако Американците не поднеле такво обвинение. Меѓутоа, познато е дека ѝ припаѓал на радикална исламистичка група во Мароко, дека бил врбуван за војната во Чеченија, но дека завршил во кампот за обука на Ал каеда во Авганистан, од каде што бил испратен во Гвантанамо.

Претседателот Џорџ В. Буш го отвори Гвантанамо во 2002 година, по терористичките напади врз Америка на 11 септември 2001. Затворот во американската воена база на Куба наскоро стана озлогласен по тортурата на затворениците и правната „сива зона“. Бидејќи луѓето во Гвантанамо не подлежат на американските закони, туку им суди воен суд, тие се лишени од многу права. Многумина од нив не знаеле за што се обвинети.

Едно од главните ветувања што Барак Обама ги даде кога дојде на власт беше дека ќе го затвори Гвантанамо. Иако не успеа да го стори тоа поради противењето на Конгресот, тој ги забрани тортурата и доведувањето нови притвореници. За време на неговото владеење, беа ослободени многу наводни терористи против кои не можеше да се поднесе обвинение. Тој предложи сите такви луѓе да бидат ослободени, а другите да бидат префрлени во затворите во Америка, за што не доби поддршка во Капитол, но ни во Пентагон.

И администрацијата на Буш ослободи стотици затвореници затоа што увиде дека не знае што да прави со нив. Трамп беше голем поддржувач на Гитмо, како што уште го нарекуваат овој затвор, иако неговата администрација не ја смени одлуката на Обама, ниту носеше нови осомничени. Додека Трамп беше претседател, само еден затвореник ја напушти американската воена база. Тоа беше Саудиец што се согласи да се изјасни за виновен и да го отслужи остатокот од казната во својата земја.

Како и Обама, и Бајден е соочен со фактот дека многу конгресмени и сенатори не сакаат затворениците да се префрлат на американско тло. Ова значи дека и актуелниот претседател ќе се обиде да го затвори Гвантанамо на заобиколен начин - со тоа што ќе го испразни што е можно повеќе. Проблемот со оваа стратегија е што е тешко да се најде држава што би ги прифатила. За земјите на потекло често се одредува или дека не можат да ја гарантираат безбедноста на поранешниот гвантанамовец или дека не сакаат да го прифатат, а проблем е да се најде трета земја што е спремна да го прифати.

Околу 800 мажи поминаа низ Гитмо под сомнение дека им припаѓаат на Ал каеда или на талибанците. Сега има 39. Двајца се осудени, а десет се ослободени од сите сомневања и само чекаат американската влада да ги ослободи и некоја земја да ги прифати. Останатите или се размислува да бидат пуштени или сѐ уште се под воена истрага. Против ниту еден од нив не е покренато обвинение.

На прашањето како е можно некого да држите во затвор 20 години без да му кажете за што е обвинет, поддржувачите на затворот обично велат дека никој не завршил во Гвантанамо без причина. Друг аргумент е дека уапсените во затворот се радикализирале, поради што ќе станат терористи кога ќе излезат од таму, ако веќе и не биле пред тоа. Според податоците на американската влада од 2016 година, за 17 проценти од поранешните гвантанамовци е утврдено, а за 12 проценти од нив постои сомнеж дека повторно зеле оружје в рака веднаш штом биле ослободени.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе