Во своите последни денови

Багдади бил вознемирен, некогаш маскиран како пастир, некогаш скриен под ѓубре, и се плашел од предавници

Во своите последни месеци во бегство, водачот на групата Исламска држава Абу Бакр ал-Багдади бил вознемирен, се плашел од предавници, понекогаш маскиран како пастир, понекогаш се криел под земја, секогаш зависен од сè потесниот круг доверливи лица.

 

Неговите соработници даваат слика на човек опседнат со својата безбедност и благосостојба, кој се обидува да најде безбедност во градовите и пустините во источна Сирија во близина на ирачката граница, додека териториите на екстремистите се намалуваат. На крај, бруталниот водач некогаш славен како „калиф“ целосно ги напуштил поранешните области на ИСИС и се пикнал на непријателска територија во северозападната провинција Идлиб, управувана од ривалите од радикалната група поврзана со Ал каеда. Таму тој се разнесе за време на рацијата на 26 октомври од американските специјалци врз неговото силно утврдено засолниште.

Со месеци чувал Јазиди-тинејџерка како робинка и таа за Асошиејтед прес раскажала како ја земал со себе додека се движел, патувајќи со мала група од најмногу седум блиски соработници. Пред неколку месеци, најголем дел од својата моќ му предал на постар заменик, кој веројатно е човекот што групата го објави како негов наследник.

Девојчето Јазиди, кое било ослободено во рација предводена од САД во мај, вели дека Ал-Багдади најпрво се обидел да избега во Идлиб кон крајот на 2017 година. Таа вели дека една ноќ била качена во конвој со три возила во кој биле лидерот на ИСИС, неговата сопруга и неговата безбедносна придружба, упатени кон провинцијата. Конвојот стигнал до главниот пат, но потоа свртел, очигледно стравувајќи дека ќе биде нападнат, вели девојката, која во тоа време имала 17 години.

Околу една недела престојувале во југоисточниот сириски град Хаџин, во близина на ирачката граница. Потоа се преселиле на север кон Дашиша, друг пограничен град во Сирија, на територијата на ИСИС.

Таму, Јазиди-тинејџерката престојувала четири месеци во домот на дедото од жена на Ал-Багдади, близок соработник по име Абу Абдула Ал-Зубаи. Ал-Багдади таму често ја посетувал, ја силувал, а некогаш и ја тепал, вели тинејџерката. Тој се движел само ноќе, носел патики и си го покривал лицето, секогаш со околу пет безбедносни лица, кои му се обраќале како „хаџи“ или „шеик“, вели таа. АП не идентификува жртви на сексуален напад.

„Кога ќе го прашав нешто, тој не ми даваше одговор од безбедносни причини. Не знаеја сите каде е тој“, вели таа.

Во пролетта 2018 година, таа му била дадена на друг маж, кој ја изнел од Дашиша. Тоа било последниот пат кога го видела Ал-Багдади, иако тој потоа ѝ пратил парче накит како подарок, вели тинејџерката.

Изгледа дека Ал-Багдади следната година се селел од место во место во источна Сирија, додека упориштата на ИСИС едно по друго паѓале во рацете на курдските сили, пред некаде во пролетта да се упати кон Идлиб.

За тоа време, Ал-Багдади постојано бил нервозен, шетал лево-десно и се жалел на предавство и инфилтрации меѓу неговите „валии“, односно гувернери на самопрогласените провинции на групата, рече неговиот зет, Мохамад Али Саџит, во интервју за ТВ Ал Арабија емитувано минатата недела.

„Сите се предавници“, се сеќава Саџит дека велел Ал-Багдади.

Саџит, Ирачанец, кој бил во брак со една од ќерките на Ал-Зубаи, беше уапсен од ирачките власти во јуни. Тој вели дека го видел Ал-Багдади неколку пати во текот на 18 месеци, почнувајќи во Хаџин кон крајот на 2017 година. Последен пат го видел во пустинските региони вдолж сириско-ирачката граница не долго пред самото апсење на Саџит. Тој вели дека Ал-Багдади му доверил испраќање пораки на УСБ-а до поручниците во Ирак.

Ирачките и сириските курдски претставници рекоа дека тие одвоено си развивале извори што ги довеле до лидерот на ИСИС, а се верува дека Саџит е еден од нив. Еден американски функционер изјави дека се чини дека сириските Курди успеале да внесат „гостин“ во внатрешниот круг на Ал-Багдади, чија информација била клучна во ловот.

Саџит вели дека движењата на Ал-Багдади биле силно ограничени, и биле сè поограничени како што се губеле териториите на ИСИС. Секогаш на себе имал самоубиствен елек, дури и кога спиел држел таков елек во близина, а ги натерал и своите помошници да носат елеци. Никогаш не користел мобилен телефон. Мобилен, галакси 7, користел само неговиот помошник Абу Хасан Ал-Мухаџер, вели Саџит.

Стресот го влошил дијабетесот на водачот на ИСИС, и тој морал постојано да го следи својот шеќер во крвта и да зема инсулин. Не постел за време на светиот месец Рамазан и ги принудил и своите помошници да не постат, вели Саџит.

На моменти, Ал-Багдади беше маскиран како пастир, вели тој. Кога шефот за безбедност на Ал-Багдади, Абу Сабах, добил информации за можна рација врз пустината во сириско-ирачката гранична област каде што се криеле, ги тргнале шаторите и ги скриле Ал-Багдади и Ал-Мухаџер во јама покриена со ѓубре, вели Саџит. Тие оставиле овците да шетаат над јамата за уште повеќе да ја маскираат. Откако опасноста од рацијата завршила, тие се вратиле и пак ги поставиле шаторите, вели тој.

Ал-Багдади се движел со круг од пет до седум лица, во кој биле и Ал-Мухаџер, Ал-Зубаи и Абу Сабах, и поранешниот гувернер на ИСИС за Ирак, познат како Тајсер или Абу Ал-Хаким. Ал-Мухаџер беше убиен истиот ден кога и Ал-Багдади, во одделна воена операција предводена од САД, по дојава од сириските Курди, во Џараблус, исто така во северозападна Сирија. Ал-Зубаи беше убиен во рација во март. Во понеделникот турските власти соопштија дека ја уапсиле постарата сестра на Ал-Багдади во северозападниот сириски регион Азаз. Сето тоа се области што не се под владина контрола.

Водачот на ИСИС бил во контакт и со својот главен заменик Хаџи Абдула, вели Саџит. Ирачките власти велат дека Ал-Багдади го поставил него за одговорен за повеќето административни и финансиски работи на групата. Саџит вели дека верува оти Хаџи Абдула е всушност човекот што ИСИС го именува за наследник на Ал-Багдади пред неговото убиство, идентификуван по името Абу Ибрахим Ал-Хашеми Ал-Курајши.

Американските власти рекоа дека не знаат кога Ал-Багдади пристигнал во Идлиб, но дека ја одбрал локацијата затоа што тоа е последната територија надвор од контрола на сириската влада. Официјални претставници на сириските Курди рекоа дека тие ги следеле неговите движења од мај, но се сомневале дека тој заминал таму по падот на последната територија на ИСИС кон крајот на март.

Таму, тој се криел во комплекс во селото Бариша, на околу 5 километри од границата со Турција. Како и голем број од пограничните градови на Идлиб, тој е преполн со луѓе раселени од цела Сирија и е управуван од Хајат Тахрир Ал-Шам, милитантна група поврзана со Ал каеда и ривал на ИСИС.

Комплексот му припаѓал на човек по име Абу Мохамед Ал-Халаби, кој бил трговец со овци, но немал многу контакти со соседите, изјавиле неколку жители за АП. Тие зборувале под услов на анонимност, плашејќи се дека ќе бидат во опасност ако зборуваат за местото. Ирачките власти рекоа дека „техничарот“ на Ал-Багдади - човек што се грижел за логистиката - е убиен со него во рацијата.

Еден жител рекол дека скоро десетина хеликоптери летале над нивното село пред 11 часот во ноќта на рацијата на 26 октомври предводена од САД.

„Излеговме на балконот да гледаме, а тие почнаа да пукаат, со автоматски пушки. Затоа влеговме внатре и се скривме“, вели жителот. Потоа имало воздушна операција западно од селото, во правец на куќата на Ал-Халаби. Подоцна, Американците ги предупредиле жителите да се оддалечат од куќата затоа што тие ќе ја разнесат.

„Никој реално не очекуваше дека Ал-Багдади ќе биде тука“, вели друг жител.

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе