„Бегалците ќе дојдат тука“

Авганистан препуштен на талибанците, Европа директно погодена

Никој не може да ја гарантира иднината на Авганистан по повлекувањето на американските војници, изјави вчера официјален претставник на Белата куќа, иако истакна дека САД ќе останат фокусирани на терористичките закани што потекнуваат од таа земја.

Фото: ЕПА

Претседателот Џо Бајден минатата среда објави дека Соединетите Држави ќе ги повлечат преостанатите 2.500 војници од Авганистан до 11 септември, на 20-годишнината од нападот на Ал каеда, поради што Америка влезе во својата најдолга војна.

Џејк Саливан, советник на Белата куќа за национална безбедност, за време на гостувањето во телевизијата Фокс беше прашан за ризиците од повторување на она што се случи во Ирак, каде што екстремистите од Исламска држава ја окупираа територијата по повлекувањето на американските трупи во 2011 година.

Затоа, тогашниот претседател на САД, Барак Обама, повторно испрати војска во Ирак, потсетува Ројтерс.

Саливан, сепак, рече дека Бајден нема намера да ги врати трупите во Авганистан, но додаде: „Не можам со сигурност да кажам што ќе се случува во земјата. Никој не може“.

„Сè што САД можеа да сторат е да им обезбедат на авганистанските безбедносни сили, авганистанската влада и авганистанскиот народ ресурси и капацитети, обука и опрема, за нивните сили и да ѝ помогнат на владата. Ние го сторивме сето ова и сега е време американските војници да се вратат дома, а авганистанскиот народ да ја зајакне одбраната на својата земја“.

Откако Бајден ја објави одлуката за повлекување на американските трупи, талибанците веднаш ја повторија намерата да формираат исламски емират во Авганистан, пишува порталот Дипломат, додавајќи дека според официјалните податоци, 560 припадници на провладините сили и 163 цивили биле убиени во последните три месеци.

Талибанците најсилни од 2001 година

Експертите велат дека талибанците сега се посилни отколку во кое било време од 2001 година. Со 85.000 активни борци тие контролираат една петтина од земјата и продолжуваат да вршат напади.

Талибанците во моментов се присутни во сите 34 провинции во Авганистан и таа фундаменталистичка група успеа да го одржи бунтот против американската инвазија.

Во разговор со Дипломат, наградуваниот новинар Масуд Хосеини го изрази мислењето што го споделија многу експерти за состојбите во таа земја.

„Талибанците се терористичка група и според мене тие никогаш не треба да дојдат на власт. Сепак, од друга страна, тие никогаш нема да престанат да се борат ако не дојдат на власт. Авганистанската влада не е во состојба да ги победи во воена смисла. Единствената формула за мир е талибанците да дојдат на власт и да формираат преодна влада. Треба да се преговара со нив“.

И покрај тоа што разузнавачките информации укажуваат дека талибанците за неколку години ќе си ја вратат власта во Авганистан, Бајден очигледно смета дека преку дипломатија оддалеку ќе го постигне тоа што не успеа да го стори на самото место – Авганистан што нема да биде собиралиште на светските терористички групи.

Според Фајненшл тајмс, на Бајден му помага фактот што талибанците во Исламска држава (ИСИС) повеќе гледаат ривал отколку сојузник, додека Ал каеда е во мирување.

ФТ посочува дека Бајден всушност испраќа порака дека ќе толерира враќање на исламистичките власти во таа земја, додека извозот на тероризам е табу тема.

Многу регионални експерти и ветерани на воени мисии во Авганистан исто така изразуваат незадоволство од напуштањето на земјата во толку опасен момент. Џорџо Батисти, поранешен командант на италијанските сили во Авганистан, кој работел и како началник на Меѓународните сили за безбедносна помош (ИСАФ) во таа земја, тврди дека авганистанските сили не се подготвени да дејствуваат независно. Тој за Ројтерс изјави дека одлуката на САД значи „напуштање“ на Авганистанците, особено на жените и децата и преведувачите што му помагале на НАТО, и нивно препуштање на талибанците, како и отворање простор за Ал каеда и ИСИС.

Десетици милиони авганистански девојки и жени, кои сега посетуваат средно училиште, под талибанците може повторно да завршат обесправени и да бидат затворени во домовите.

Покрај тоа, авганистанското општество е загрозено и од регионалните сили, кои ќе се натпреваруваат една со друга за да ја преземат контролата и влијанието во Авганистан. На исток, Пакистан и Индија ќе го пренесат својот конфликт околу Кашмир во Авганистан, што дополнително ќе ја влоши безбедноста. Покрај тоа, западниот авганистански сосед, Иран, исто така ќе сака да го прошири своето влијание во отсуство на силно граѓанско општество што може да им одолее на притисоците од транзицијата на моќта.

Непријатност меѓу НАТО-сојузниците

НАТО-сојузниците, од друга страна, немаа многу избор по најавата на Бајден за повлекување, освен да ја поздрават одлуката и да најават дека нивните војници ќе го следат примерот.

Некои функционери од земјите на НАТО што се најмногу вклучени во Авганистан изјавија дека го ценат фактот што администрацијата на Бајден се консултирала со нив пред да донесе одлука, што е спротивно на однесувањето на Доналд Трамп. Бајден минатата недела ги испрати шефот на дипломатијата и министерот за одбрана во Брисел да разговараат за овој потег и тие за време на соопштувањето стоеја покрај генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ова им овозможи на лидерите на НАТО да го нагласат единството на Алијансата, што се рефлектира во слоганот „заедно внатре и заедно надвор“.

Сепак, Ројтерс пишува дека зад кулисите имало непријатност, и тоа бидејќи одлуката претставува жестоко отстапување од ставот дека присуството на НАТО во Авганистан „ќе зависи од условите на теренот“.

Бајден јасно стави до знаење дека Соединетите Држави и нивните сојузници ќе го напуштат Авганистан до септември.

Тој рече дека не добил ниеден добар одговор на прашањето какви тоа услови треба да има во реалноста што ќе овозможат повлекување на војниците.

Како резултат на тоа, сојузниците се соочуваат со тешки прашања, како на пример што ќе се случи со мисијата на НАТО во Авганистан, која требаше да обучува, да советува и да им помага на локалните безбедносни сили во крајно нестабилната земја.

Питер Рикетс, поранешен британски советник за национална безбедност, рече дека сојузниците на САД и НАТО треба веднаш да разјаснат дали мисијата ќе ја преземе неборбениот персонал и како тоа ќе функционира.

„Би било вистинска штета да се прекинат активностите на обучување. „Искрено, тоа би било исмејување за сите ресурси и напори што ги вложивме досега“, изјави Рикетс за британската агенција.

За европските сојузници на САД, важно прашање е колку долго можат да продолжат да работат во Авганистан по повлекувањето на трупите.

Европската Унија финансира хуманитарни операции во Авганистан од 1994 година, инвестирајќи над милијарда евра, а само во 2020 и 2021 година се обезбедени 100 милиони евра.

Александар Мателје од Институтот за европски студии при Универзитетот Врије во Брисел посочува дека во Кабул има голема делегација на ЕУ и дека постои можност ЕУ подобро да ги искористи своите дипломатски ангажмани и хуманитарно присуство.

Сепак, тој посочува дека нема шанси ЕУ да може повеќе да се ангажира без воена помош од НАТО или САД.

Ројтерс наведува дека токму оваа ситуација ја одразува вистинската реалност на НАТО за сојузниците. Иако тонот и стилот се менуваат во зависност од тоа кој е во Белата куќа, САД секогаш се оние што го имаат последниот збор.

Директни последици за Европа

Планот за повлекување покренува прашања во врска со стабилноста на Авганистан, што може да има директни последици за Европа.

Ројтерс наведува дека постои надеж дека конференцијата спонзорирана од ООН во Истанбул на крајот на месецот, која треба да ги собере на едно место авганистанската влада, талибанците и регионалните сили, може да обезбеди политички план во чија имплементација дури и одделни земји од НАТО, како на пр. Турција, би можеле воено да помогнат.

Сепак, талибанците не сакаат да учествуваат, а шансите да ги убедат политички да ја продолжат борбата се ограничени.

„Тоа е оптимистичко сценарио - не е невозможно, но е оптимистичко“, рече Стефано Стефани, поранешен италијански амбасадор во НАТО.

Без политичко решение, Филипо Гранди, високиот комесар на ООН за бегалци, предвидува „влошување на ситуацијата“, кое ќе влијае на Европа.

„Бегалците ќе дојдат тука, па затоа е многу важно Европа да остане вклучена“, рече Гранди.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе