Њу саентист

Астронаутите ги раскажуваат своите чудесни приказни од животот во вселената (ВИДЕО)

Сведоштвата од реалниот живот на членовите на екипажот на Меѓународната вселенска станица Саманта Кристофорети и Тери Виртс го доловуваат извонредно обичниот живот на еден астронаут.

Од доживувањето на возвишената убавина на сината планета низ прозорчето на вселенското летало до загриженоста за тоа што ќе се случи ако некој почине на станицата, секој сака да знае како е да се биде астронаут. Впрочем, на Земјата буквално нема ништо слично на тоа, вели Њу саентист.

Новите книги на двајца борбени пилоти што се качиле горе за да откријат колку од „вистинскиот материјал“ поседуваат, не разочаруваат. Откако Саманта Кристофорети и Тери Виртс во 2014 година поминаа 200 дена заедно на Меѓународната вселенска станица (МВС), нивните книги се објавени со само неколку недели разлика.

И Кристофорети и Виртс своите патувања од детските соништа до Европската вселенска агенција (ЕСА) и НАСА ги прикажуваат слично, но нивното доловување на времето надвор од планетава е различно.

Како да води дневник, сведоштвото на Кристофорети е лично, со записи врзани за најважните моменти, како што е значајниот телефонски повик од ЕСА, во кој дознала дека е избрана за обука на астронаути - но го пропуштила поради предолго останување под туш.

Тоа било 18 мај 2009 година, кога била пилот на борбени авиони во воздухопловната база „Истрана“ во Италија, но нејзината книга почнува шест години подоцна со запис насловен „ТМА-15М“, на 11 јуни 2015 година. На крајот од нејзиното време во орбитата на 400 километри над Земјата , таа пишува: „Ако сè оди според планот, ние ќе бидеме повторно родени како Земјани“. Таа сè уште го држи рекордот за најдолг непрекинат вселенски лет на европски астронаут.

Во извештајот на Кристофорети има уште повеќе поезија кога опишува дека Медитеранот изгледа како од неговите води во секој момент да ќе се појави Венера.

Виртс има поинаков стил. Првпат стигнал на ИСС во 2010 година и во 2015 година станал командант на ИСС. Секое негово поглавје опфаќа еден аспект од животот на астронаутот: во едно дознаваме дека бидејќи приватната кабина е со големина на телефонска говорница, повеќето астронаути ги закачуваат вреќите за спиење на ѕидот. Виртс можеби се чини помалку поетичен од Кристофорети, но тој е оној што понекогаш претпочита да спие лебдечки, затоа што „имате чувство како да сте во празнина, со ништо друго во универзумот освен вашето битие; сè… исчезнува до црнило“.

Во ниедна од двете книги нема многу за личниот однос меѓу писателите на станицата, но ако сакате да го доловите тоа, на Јутјуб има забавно видео во кое Виртс ја потстрижува Кристофорети.

Меѓутоа, ИСС е сериозно место. Кристофорети раскажува за експериментите во кои помогнала да се испитаат ефектите од патувањето во вселената врз имунитетот и микробиомот. Таа работела и на проект за вбризгување наночестички во коска за борба против остеопорозата - витално прашање во вселената бидејќи астронаутите за неколку месеци губат до 10% од коскената маса.

Постојат и други големи проблеми. Виртс раскажува што може да се случи ако член на екипажот почине. Има две опции: погребување „на море“ или враќање на телото на Земјата. Ако семејството на лицето го претпочита првото, екипажот треба да го изнесе телото низ атмосферскиот отвор на последна вселенска прошетка и да го турне во празнината. Го нема достоинството на погребот на Спок во „Ѕвездени патеки II: Гневот на Кан“, но тоа навистина може да се случи.

Значи, дали имало ризик на Меѓународната вселенска станица? Виртс се сеќава на сериозно страшниот момент кога контролата на мисијата им соопштила дека на станицата може да дошло до истекување на амонијак. На крај, излегло дека е лажен аларм. Сепак, стравот и возбудливите вселенски прошетки се „глазурата на тортата“, вели тој, додавајќи дека „обично кај астронаутите, нашите животи се само тортата“.

Секоја таква фасцинантна секунда на станицата е заработена со повеќемесечно најобично секојдневие што не би било достојно ни за исечените сцени од оној ултрареалистички филм, „Марсовецот“. Но можеби тоа е поентата: во таквите детали, има вистинско чудо и поезија.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе