Асошиејтед прес: Четири земји на Балканот во проблеми поради коронавирусот

Четири балкански земји бележат скок на бројот на новозаразените со коронавирусот по ублажувањето на рестриктивните мерки, пишува американската агенција Асошиејтед прес.

EPA-EFE

Станува збор за Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ ги откажа предизборните митинзи на неговата Српска напредна партија, албанскиот премиер Еди Рама се закани со враќање на рестриктивните мерки, додека властите во БиХ и Македонија апелираат до граѓаните да ги почитуваат мерките против ширењето на заразата, наведува АП.

Агенцијата наведува дека Србија го мина патот од многу строги мерки на забрана на движењето до речиси целосно укинување на вонредните правила.

„Политичките противници на Вучиќ го опишуваат тој потег како желба на претседателот да ги одржи изборите, првично закажани за април и одложени поради пандемијата, и да ја зацврсти својата власт“, се наведува во текстот.

Агенцијата додава дека во Србија постепено се дозволувани масовни собири со сѐ поголем број луѓе кои не држат растојание и не носат маски, иако властите советувале користење заштита на јавни места.

Епидемиолозите низ Балканот наведуваат дека новите жаришта се појавуваат по настани како прослави, семејни веселби или погреби, се наведува во текстот.

Србија денес пријави 71 нов случај на зараза, за разлика од 18 нови случаи на 1 јуни, а се наведува дека слични бројки се забележани и во претходните неколку дена, по падот.

Заразата се шири низ Сараево

Властите во Босна и Херцеговина апелираа до граѓаните да ги почитуваат мерките на социјално дистанцирање и другите здравствени правила за спречување на ширењето на заразата, по наглото зголемување на бројот на новозаразени, особено во Сараево, наведува АП.

Агенцијата додава дека породилиштето во сараевската болница е привремено затворено откако инфекцијата била потврдена кај двајца вработени, додека на сите други од тоа одделение им е наложена самоизолација додека ги чекаат резултатите од тестирањето за вирусот.

„Здравствените власти на БиХ инсистираа дека зголемувањето не е загрижувачко и дека епидемијата во земјата е и понатаму под контрола, и покрај групите новозаразени во одредени области. Денес во БиХ се пријави речиси 60 нови случаи“, пишува АП.

Коронавирусот се шири низ Скопје поради прославите

Македонија вчера забележа седум смртни случаи поврзани со коронавирусот, што е најголемиот број мртви за 24 часа во повеќе од еден месец, јавува АП:

Агенцијата пренесува дека властите соопштија дека новиот скок на бројот на потврдени случаи и умирања е поврзан со масовните собирања пред три недели, за време на прославите на верските празници.

АП потсетува дека македонската влада минатиот викенд нареди речиси целосна забрана за движење во четири града, вклучувајќи го Скопје, во обид да спречи ново ширење на заразата.

Во Албанија мал број луѓе носат маски

Во Албанија властите денес пријавија 44 нови случаи на зараза со вирусот, што е, како што се наведува, најголемиот број во еден ден од почетокот на епидемијата, а зголемување е забележано трет ден по ред.

Ублажени мерки се на сила веќе две недели во Албанија.

Иако помасовни собирања се сѐ уште забранети во Албанија, луѓето не обрнуваат внимание на тоа, наведува Асошиејтед прес и додава дека многу мал број луѓе носат маски и ракавици, и покрај апелите на властите.

Во Албанија до вчера беа регистрирани 1.385 заразени лица, од кои умреа 35.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе