Дојче веле

Асанж, претпоследен чин?

Во Лондон почна процесот кој може да ја запечати судбината на Џулијан Асанж, човекот кој на светот му ги откри американските воени злосторства. Ако биде испорачан во САД, речеиси сигурно е дека го чека доживотна робија, пишува Дојче веле.

EPA-EFE

Од десетината затвори во Лондон, британското правосудство за Асанж го одбра белмарш. Затвор со високи мерки на безбедност на истокот на главниот град всушност е направен за терористи и тешки злосторници. Условите во затворот се лоши – дури и на Википедија пишува дека Белмарш е „британскиот Гвантанамо“.

Во понеделникот таму беше отворена една врата, онаа на ќелијата во која е 49-годишниот Џулијан Асанж. Основачот на платформата Википедија беше одведен во судницата на Централниот британски суд. Таму во следните три недели ќе се одлучува за неговата судбина: дали ќе им биде екстрадиран на Соединетите Држави врз основа на обвинението во 18 точки? Во Америка му се заканува пресуда од 175 години затвор.

Пратеничката на германската Левица Хајке Ханзел отпатува во Лондон да го следи сослушувањето. Вели дека станува збор за „политички процес против истражувачкиот новинар“, како што го нарекува Асанж. Што е најлошо, додава Хензел, Асанж САД го гонат екстериторијално, значи иако дејствувал од Европа.

Моќни непријатели

Асанж, добитник на бројни новинарски признанија, има моќни непријатели. Тоа особено стана јасно во 2017 кога шефот на американската дипломатија Мајк Помпео го нарече Викиликс „недржавна непријателска разузнавачка служба“. Помпео тогаш беше тазе избран шеф на ЦИА. Тогашниот министер за правосудство Џеф Сешнс го нарече апсењето на Асанж „приоритет“.

Викиликс во 2010 година објави околу половина милион доверливи и тајни документи на американската администрација за војните во Ирак и Авганистан. Тоа се докази за американските воени злосторства. Кога беше објавено видеото со наслов „Колатерално убиство“, Викиликс стана познат преку ноќ. На снимката се гледа како од американски воен хеликоптер над Багдад се пука во цивили, меѓу кои и репортери на агенцијата Ројтерс.

Увидот во американската „куќа од карти“ Викиликс го овозможи во 2011 кога беа објавени околу 250 илјади доверливи дипломатски преписки.

Кристијан Мир, раководител на Репортери без граници, вели дека Џулијан Асанж го „раскрчил патот, покажувајќи како новинарството треба да постапува со големи количества податоци“. Асанж, вели Мир, иницираше објавување податоци од огромна важност за светската јавност. „Затоа Репортери без граници бескомпромисно се залагаат за Џулијан Асанж“.

Помалку права од воените злосторници во Хаг

Мир исто така ќе биде во лондонската судница. Таму, додуша, е ограничен пристапот на јавноста и не е сигурно дека за него ќе има место во гледалиштето. Тоа нема многу врска со правилата на дистанца за време на пандемијата. Бидејќи, Мир бил присутен уште за време на првата рунда на сослушувањето во февруари и бил, вели, шокиран што во Лондон не покажале интерес да им овозможат на меѓународните невладини организации или пратеници да го следат процесот.

„Асанж таму беше присутен во стаклена кабина. Имаше тешкотии за време на постапката да контактира со својот адвокат, што е инаку предуслов за постапката квалитетно да се следи“, вели Мир.

Но во случајот на Асанж не важат принципите на правната држава, вели и Нилс Мелцер, специјалниот претставник на ОН за проблемот со мачење и сурово казнување. „Нештата кои се подразбираат и кои ги уживаат и најлошите воени злосторници на кои им се суди на пример во Хаг, тоа на Асанж му се одзема: нема контакт со американските адвокати, многу му е ограничен контактот со британските адвокати, и нема речиси никаков пристап до правните акти“.

Мелцер, швајцарски правник кој предава на Универзитетот во Глазгов, додава: „Тоа се крајно тешки процесни повреди за кои не постои потреба ниту оправдување“.

Уште додека Асанж беше заробен во еквадорската амбасада во Лондон, му било нарушено правото доверливо да комуницира со адвокат. Тоа стана познато по судскиот процес во Мадрид против Дејвид Моралес, сопственикот на компанијата за обезбедување Ју си глобал. Таа компанија ја обезбедувала еквадорската амбасада во Лондон, но всушност, за потребите на американски клиент, ја шпионирала.

Апелите засега не помагаат

Затоа не чуди тоа што кон средината на август 160 правници и новинари во отворено писмо упатено до британскиот премиер Борис Џонсон побараа ослободување на Асанж. Во Соединетите Држави, велат потписниците, на Асанж му се заканува монтиран процес.

Тоа писмо е само едно во долгата низа апели и молби. Во кули четириесет новинарски здруженија и меѓународниот ПЕН ја повикаа британската влада да го пушти Асанж. Претходно исто барање испратија 200 лекари од триесетина земји – здравствената состојба на Асанж беше нарушена од долгогодишниот престој во малата соба во еквадорската амбасада.

Слаби обвиненија

Стратегијата на американските обвинители се заснова на тоа што Асанж не го напаѓаат како публицист, туку како хакер – значи не за тоа што ги објавил податоците, туку за тоа што нелегално ги набавил. Осумнаесетте точки на обвинението се сведуваат на три нешта: Асанж наводно му пружил техничка поддршка на Челси Менинг која беше изворот на Викиликс, потоа ја поттикнувал да испорача дополнителен материјал и на крајот, со објавувањето на податоците Асанж наводно загрозил човечки животи.

Менинг имала пристап до чувствителните материјали и самата, како и десетици илјади луѓе. Обвинението дека Асанж ја поттикнал да испорача уште се темели на преписка која може различно да се толкува.

Покрај тоа, дипломатските депеши чија содржина можела да загрози некого биле шифрирани, а „клучот“ отстапен само на одделни новинари и медиуми за да можат да истражуваат со должно внимание. Викиликс обвинува еден британски новинар дека ја објавил шифрата во една книга, и дури така му овозможил на целиот свет пристап до материјалот.

САД им даваат пример на сите

Експертот на ОН Мелцер смета дека не станува збор лично за Асанж. „Станува збор пред сѐ за злосторствата на неговите прогонувачи, државите. За тоа како го газат институтот владеење на правто, како одбиваат да ги повикаат на одговорност своите воени злосторници и мачители, и како на целиот свет му покажуваат дека може да биде прогласен за шпион секој кој ја информира јавноста за државните воени злосторства – ако тоа им пројде, мал е чекорот од правна држава до тиранија“, вели Мелцер.

Во деведесеттите во Лондон се водеше уште една постапка за екстрадиција која предизвика многу внимание. Чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче, одговорен за десетици илјади мртви и осакатени луѓе, требаше да биде екстрадиран. Но, тој процесот го чекаше во домашен притвор, во куќа во близина на Лондон. Примаше посети кога сакаше, за Божиќ од Чиле му дојде свештеник.

Џулијан Асанж, кој досега не е осуден за ниедно злосторсво, на крајот на август за првпат по апсењето ги виде во живо својата партнерка и двете деца. Средбата траеше дваесет минути.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе