Њујорк тајмс

Апокалипсата станува новата нормала

Веќе сме во почетните фази на климатската криза.

Минатонеделните слики од Австралија беа кошмарни: пламени sидови, крвавоцрвено небо, жители стуткани по плажи додека се обидуваат да го избегнат пеколот. Шумските пожари беа толку интензивни што создадоа „огнени торнада“ доволно силни за да превртат тешки камиони, вели Пол Кругман за Њујорк тајмс.

Всушност, австралиското огнено лето е само последното во низата катастрофални временски појави во текот на изминатата година: досега невидени поплави во САД, топлински бран во Индија со температури до 50 степени, друг топлински бран што донесе невидени температури во поголем дел од Европа.

А сите овие катастрофи беа поврзани со климатските промени.

Забележете дека реков „поврзани со“, а не „предизвикани од“ климатските промени, вели Кругман. Ова е разлика што низ годините збунуваше многу луѓе. Секој посебен временски настан има повеќе извори, што беше една од причините што вестите ги користеа за да го избегнат споменувањето на можната улога на климатските промени во природните непогоди.

Последниве години, сепак, климатските научници се обидоа да ја намалат оваа забуна со тоа што се вклучија во „екстремно припишување на настаните“ што се фокусира на веројатностите: не мора да кажете дека климатските промени предизвикале некој посебен топлински бран, но може да прашате колкава разлика донело глобалното затоплување според веројатноста да се случи тој топлински бран. А одговорот обично е - голема: климатските промени ги прават многу поверојатни видовите екстремни временски настани што ги гледаме.

И иако има голема случајност во временските услови, таа случајност ги прави климатските промени многу поштетни во раните фази отколку што сфаќаат повеќето луѓе. На нашата сегашна траекторија, Флорида на крај целосно ќе биде проголтана од морето, но многу пред тоа да се случи, зголемувањето на нивото на морето ќе ги направи вообичаени катастрофалните невремиња. Голем дел од Индија на крај ќе стане ненаселив, но убиствените топлински бранови и сушите ќе нанесат смртоносни загуби пред да се достигне тој момент.

Сфатете го вака: иако ќе бидат потребни генерации и генерации за целосно да се остварат последиците од климатските промени, попат ќе има многу локализирани, привремени катастрофи. Апокалипсата ќе стане новата нормала - а тоа се случува пред нашите очи.

Големото прашање е дали ширењето на катастрофите поврзани со климата конечно ќе биде доволно за да се победи отпорот кон дејствувањето.

Има некои надежни знаци. Еден од нив е дека медиумите сега се многу поспремни да зборуваат за улогата на климатските промени во временските настани.

Не толку одамна беше вообичаено да се прочитаат статии за топлински бранови, поплави и суши во кои е вложен голем напор да се избегне споменувањето на климатските промени. Сметам дека репортерите и уредниците конечно ја надминаа таа блокада, вели Кругман.

Исто така, се чини дека и јавноста обрнува внимание, а загриженоста за климатските промени значително расте во последните неколку години.

Лошата вест е дека свеста за климата главно расте кај демократите; републиканската база е во голема мера неподвижна.

А антиеколошкиот екстремизам на конзервативните политичари само стана уште поинтензивен како што нивната позиција стануваше интелектуално неодржлива. Десницата порано се преправаше дека води сериозен научен спор за реалноста на глобалното затоплување и неговите извори. Сега републиканците, а особено администрацијата на Трамп, едноставно станаа непријателски расположени кон науката воопшто. Еј, зарем научниците не се дел од „длабоката држава“?

Покрај тоа, ова не е само американски проблем. Дури и додека гори Австралија, нејзината сегашна влада ја повторува својата посветеност кон јагленот и се заканува дека бојкотот на еколошки деструктивните деловни активности ќе го направи криминално дело.

Болната иронија на сегашната состојба е дека антиекологизмот станува сè поекстремен токму во моментот кога изгледите за решително дејствување треба да бидат посилни од кога било.

Од една страна, опасностите од климатските промени веќе не се предвидувања за иднината: веќе можеме да ја видиме штетата, иако тоа е само трошка од ужасите што следуваат.

Од друга страна, драстичните намалувања на емисиите на стакленички гасови сега изгледаат неверојатно лесни за постигнување, барем од економска гледна точка. Конкретно, имаше толку голем технолошки напредок во алтернативната енергија што администрацијата на Трамп очајнички се обидува да му помогне на јагленот против конкуренцијата од сончевата и ветерната енергија.

Дали политиката за животна средина ќе има улога во кампањата за 2020 година? Повеќето демократи се чини дека не се подготвени да прават голем проблем од ова, и јас разбирам зошто: историски гледано, заканата од десничарската еколошка политика се чинеше апстрактна, далечна и тешко објаснива споредено со, да речеме, републиканските обиди за уривање на Обамакер.

Но бранот на катастрофи поврзани со климата може да го промени политичкиот калкулус. Јас не сум експерт за кампањи, но ми се чини дека кампањите може да привлечат внимание со реклами на кои се прикажани најновите пожари и поплави и со поентирање дека Доналд Трамп и неговите пријатели прават сè што можат за да создадат повеќе вакви катастрофи.

Зашто вистината е дека Трамповата политика за животната средина е најлошата работа што тој им ја прави на Америка и на светот. И гласачите треба да го знаат тоа.

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе