Алијансата пред распад

АП: Ќе успее ли судирот на Турција и Франција околу Либија да го скрши НАТО?

Спорот на Франција и Турција околу поморските тензии во Средоземно Море фрла сенка врз напорите на НАТо да го одржи редот во своите редови, ограничувањата на воениот сојуз ако неговите членки се на спротивни страни на судирот како и слабостите на НАТо кој може да дејствува само со консензус, пишува Асошиејтед прес.

EPA-EFE

Во центарот на кавгата на двете земји, истакнува АП, е прашањето дали треба сојузниците во НАТО да го почитуваат ембаргото на Обединетите нации на оружје за Либија.

Според француските извештаи за инцидентот на 10 јуни во Средоземјето, францускиот брод Курбе, дејствувајќи во рамки на операцијата Поморски чувар за зачувување на безбедноста на морето во Медитеранот, се нашол „обоен“ со радар за нишанење на турски воен брод.

Тоа се случило во моментот на приоѓање на Курбе кон цивилен товарен брод под знаме на Танзанија за кој, според разузнавачките информации на НАТО, се сомневало дека е вклучен во трговија со оружје за Либија. Откако Турција ги негираше овие тврдења, француското министерство за одбрана истакна дека нема повеќе да учествува во операцијата сѐ додека сојузниците повторно не го воспостават ембаргото на оружје за Либија.

Иако ова не е првпат Турција да се најде во фокусот на полемика на НАТО и покрај загриженоста поради нејзината насока и тесните врски со Русија, Анкара не може да биде исфрлена од воениот пакт бидејќи, истакнува АП, не постои законски механизам и за одлуките е потребен едногласен договор на сите 30 членки.

Инцидентот со Франција е само најновиот во низата во која се поставува прашањето за позицијата на Турција во НАТО, истакнува Би-би-си. Тензиите поради турската позиција кон Либија доаѓаат по сличните разлики меѓу Анкара и клучните сојузници во НАТО поради нејзиниот интервенционистички пристап во Сирија.

Би-би-си потсетува и на одлуката на Анкара за купување на руските системи за противвоздушна одбрана С-400 што резултираше со суспензија на Турција од американската програма за авионот Ф-35. И над сѐ, постојат посериозни тензии во Медитеранот со долгогодишниот ривал и членката на НАТО Грција.

Турција ги поместува границите на она што е прифатливо во НАТО, но имајќи ја предвид пандемијата на ковид-19 и амбивалентниот став на американскиот претседател Доналд Трамп кон Алијансата, таквите тензии веројатно само ќе се влошуваат, оценува Би-би-си.

Во либискиот конфликт, укажува Франс 24, Анкара ја поддржува Владата на национално единство против бунтовниците на генералот Калифа Хафтар. Од друга страна, голем број аналитичари сметаат дека Франција, иако инсистира на неутралност во тој конфликт, го поддржува Хафтар заедно со Египет, Русија и Обединетите Арапски Емирати.

Спорот на Турција и Франција е најновиот пример на хаосот меѓу членките на НАТО поради што тие повеќе дејствуваат како соперници а не сојузници – ако не и директни непријатели, оценува Политико, истакнувајќи дека станува збор за истиот вид раскол кој францускиот претседател Емануел Макрон минатата година го наведе да каже дека НАТО доживеал „мозочна смрт“.

Макрон предупреди дека Либија би можела да дојде во катастрофална ситуација како Сирија, каде Турција исто така играше главна улога. Меѓутоа, коментарите на Макрон ја ставаат Франција во опасност од обвинувања за лицемерие бидејќи соработуваше со Хафтар кога се бореше против Исламска држава во пристанишниот град Дерна и му пружи политичка поддршка. Во јуни 2019 беа пронајдени четири француски ракети во база која ја држеа силите на Хафтар јужно од Триполи.

Но, истакнува Политико, дури ни генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој обично наоѓа начин да ги објасни разликите меѓу 30-те членки, не можеше да ја оспори сериозната поделба околу настаните на 10 јуни, кажувајќи дека „фактот е дека во тоа се вклучени два НАТО сојузници кои имаат целосно различни ставови на она што всушност се случило“.

Сепак, другите земји од ЕУ и НАТО, дури и оние блиски на Франција, се колебаат да ја признаат толку длабоката поделба, имајќи ја предвид воената важност на Турција, како една од најголемите и најдобро вооружени членки на воениот пакт, но и поради политичкиот ризик на отуѓувањето на Анкара, кое би можело да ја турне поблиску до Москва. Тоа колебање е видливо бидејќи само осум членки на воениот пакт беа спремни јавно да ја поддржат Франција во нејзиниот приговор околу инцидентот во Средоземјето.

Најистакнат беше недостигот од јавна поддршка од Вашингтон и Лондон, каде Борис Џонсон јасно кажа дека не му верува многу на ставот на Франција. Британија ја гледа Турција како важен дел од својата глобална пост-брегзит стратегија, додека САД турската вмешаност во Либија ја гледаат како начин за сузбивање на руската интервенција.

Сѐ што им останува на другите земји од НАТО е борбата како да ја калибрираат својата порака, заклучува Политико.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе