Гардијан

Антиваксерите го кренаа популизмот на ново, смртоносно ниво

Од Америка до Италија, недовербата во елитите и во експертите сега се претвора во општа здравствена криза.

Двајца мажи влегоа во селото на мотори и почнаа да пукаат, раскажаа сведоците. Една жена убија, а друга ранија. Двете жени работеа како медицински сестри што вакцинираа деца против детска парализа, а во делови од Пакистан тоа е опасна професија, пишува колумнистката на Гардијан Габи Хинслиф.

Медицинските екипи честопати се цел на напади поради гласините што ги шират исламските милитанти, дека обидите за искоренување на болеста всушност се покритие на западните земји за да ги стерилизираат нивните деца или да собираат информации.

Во Нигерија екстремистичката група Боко Харам исто така убиваше медицински персонал што вакцинира деца, во обид да ги заплашат семејствата да не ги вакцинираат своите деца. Родителите во Велика Британија не се свесни колку се среќни што имаат Национален здравствен систем (НХС), кој успеа да искорени многу болести. Денешните генерации се добитници на историскa лотариja, бидејќи голем број заразни болести се целосно исчезнати и ги нема на повидок. Или барем така би требало да биде.

И додека лекарите во Нигерија и во Пакистан се борат со предрасудите, на западот расте антиваксерското движење што се шири вирусно во секоја смисла на зборот. Она што се природните катастрофи за колерата, а комарците за маларијата, комбинацијата од социјални мрежи и популистички движења станува за малите сипаници.

Родителите отсекогаш си барале совети меѓусебе и кај лекарите, но тоа веќе не е така. Сега имаме достап до огромниот куп полуразбирливи објави на Фејсбук, клипови на Јутјуб и шареноликото шарлатанство на интернет, во кои вознемирените луѓе што бараат податоци можат многу лесно да налетаат на оние на кои не им е гајле за доброто на децата.

Во САД белите расисти и десничарските веб-сајтови шират антиваксерски сомнежи кон властите и недоверба кон големите фармацевтски компании. Во Италија, популистичката партија Пет ѕвезди го користи отпорот на родителите кон програмите за вакцинација со цел да го прошири своето влијание и пропаганда против „т.н. елита“, која на обичните семејства им кажува што треба да прават.

Теориите на заговор за некој таинствен медицински естаблишмент што наводно не сака луѓето да ја дознаат „вистината“ се споија со застарените остатоци од една студија на Ендрју Вејкфилд, која сега е целосно побиена, која го поврзува аутизмот со вакцините, вдахнувајќи им нов живот на старите стравови.

И сега се соочуваме со последиците. Директорот на НХС на Англија, Сајмон Стивенс, оваа недела предупреди на „темпираната бомба за јавното здравје“, односно на фактот дека половина милион деца во Велика Британија во период од осум години не ја примиле првата вакцина против мали сипаници, иако некои се вакцинирани на постара возраст.

Бројот на случаите на зараза со мали сипаници во Велика Британија речиси четири пати се зголемил за една година и двојно се зголемил во Европа. Во Соединетите Американски Држави доаѓа до избивање мали сипаници од Њујорк и Вашингтон до Тексас и Илиноис. За родителите чии деца имаат ослабен имунитет поради, на пример, хемотерапија, и кои се потпираат на фактот дека сите други деца ќе бидат вакцинирани, ова мора да е страшно.

 

Родителите повеќе не ги слушаат експертите

Слична работа веќе се случи во Велика Британија во почетокот на дваесеттиот век, поттикната од студијата на Вејкфилд. Но ако првата ги разоткри недостатоците на студијата на сите нивоа, новонастанатата паника открива нешто многу позагрижувачко. Минатиот пат Министерството за здравство брзо сфати дека иако родителите можеби и не веруваа кога политичарите ќе им кажеа дека децата треба да се вакцинираат, тие ги слушаа медицинските експерти кога ќе им го кажеа тоа. Но денес тоа не е така. Видовме како одбивноста кон експертите, или гневното инсистирање дека луѓето од улица знаат најдобро, а властите сигурно се во нечиј џеб, може да влијаат на реакциите на климатските промени, па сè до брегзитот.

Но паниката може да се надмине. Ризикот од мали сипаници сè уште е низок. Околу 91 процент од децата се вакцинирани, иако препорачаната стапка што гарантира заштита на сите, вклучувајќи ги и оние што не се вакцинирани, е 95 проценти. Бројот на заразените од сипаници расте, но бавно.

Освен тоа, следната недела претставниците на Министерството за здравство во Велика Британија ќе се сретнат со компаниите што ги водат социјалните мрежи за да разговараат за нивната одговорност во ширењето антиваксерски содржини. Се чини дека во Министерството за здравство се позагрижени за поголемата слика. Ако веќе не им се верува на експертите, ако ѝ се предадеме на опасната фантазија дека славните личности што ги споделуваат своите ставови на социјалните мрежи знаат повеќе од вашиот лекар, кој вели дека сè ќе запре само на вакцинацијата против мали сипаници, па дури и на вакцинацијата во целина? Без доверба во моќта на макотрпно стекнатото и тестирано научно знаење, се враќаме назад во средниот век.

Ако е и лесно проблемот да се дијагностицира, потешко е да се излечи. Постојано има повици на невакцинираните деца да им се забрани да одат во јавните детски градинки и училишта и ако бев родител на дете со ослабен имунитет, веројатно и јас ќе бев за тоа, вели Хинслиф. Но ризикот е дека антиваксерските семејства ќе се притаат, ќе ги лишат своите деца од официјалното образование, па дури и од конвенционалната здравствена заштита, додека бескрупулозните ќе го искористуваат гневот на родителите кога некој им кажува што да прават. Освен тоа, не можете со страв да го лечите стравот; а тоа што го чувствуваат родителите е страв, колку и да е неоправдан.

Подобро е оваа заразна вознемиреност да се третира како и секој друг проблем во јавното здравство: да се открие изворот, да се сфати начинот на кој се шири и да се направи сè за да се спречи. Таму каде што суеверието му стои на пат на спречувањето толкаво големо страдање, не може на луѓето да не им текнува како да се спасиме од самите себеси.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе