Њујорк тајмс

Анатомијата на белиот терор

На Андерс Брејвик, норвешкиот терорист, му беше дијагностицирано нарцисоидно растројство на личноста. Брентон Тарант, кој е обвинет за убиство на 50 верници во Нов Зеланд, покажува слични особини.

Пред да убие 50 муслимани што во петокот се молеле во две џамии во Крајстчерч, Нов Зеланд, Брентон Тарант, 28-годишниот Австралиец, на интернет објави манифест од 74 страници со наслов „Големата замена“. Во својот трактат, Тарант напишал дека имал само една вистинска инспирација: норвешкиот политички терорист, Андерс Брејвик, кој во 2011 година уби 77 луѓе.

Брејвик беше најопасен пред да дознаеме кој е тој, кога сè што имавме беа фотошопираните фотографии што тој ги објави на интернет, оние на кои тој изгледа висок и добро граден, рус и ариевски, позирајќи со својата пушка.

Брејвик сакаше слава. Тој сакаше неговиот манифест од 1.500 страници да се чита нашироко, и сакаше бина - негово судење во Осло. Бомбата што ја активира пред канцеларијата на премиерот во Осло и масакрот што тој го изврши на островот Утоја тој ги нарече негово „лансирање книга“. Тој му рече на норвешкиот суд дека проценил колку луѓе треба да убие за да биде читан. Пресметал десетина, но заврши со убивање 77.

Осум години по масакрот во Норвешка, норвешкиот политички терорист продолжува да биде читан од неговата посакувана публика: на екстремно десничарските форуми на интернет, терминот „станување Брејвик“ значи целосна посветеност на каузата.

Истражувајќи го Брејвик, преку испраќање прашања по писма и добивање одговори од него од затвор, открив живот полн со срам, неуспеси, злоупотреба и отфрлање, вели Асне Саерштад за Њујорк тајмс. Дете што никогаш не ги добило вниманието и негата што едно дете ги заслужува; отфрлен, неискулиран тинејџер; маж што во доцните 20-ти години се преселил со својата мајка и главно играл видеоигри. Изолиран и лут, но со новооткриени пријатели на мрачната мрежа, тој одлучи како ќе биде виден, слушнат, ценет и стравопочитуван. Тој го спремал својот напад мислејќи на публиката.

Верував дека е поопасен како симбол, а дека помалку е инспирација кога ќе се погледне со сите човечки недостатоци, вели Саерштад. По неговото апсење тој се жалеше дека му носат млако кафе, дека не му даваат хидратантен крем за кожа во затворот и кукаше дека нема плејстејшн 4.

Но неговите сопатници и следбеници ги игнорираа критичките текстови напишани од новинари и тргнаа директно на неговиот манифест, кој продолжува да одекнува кај нови публики. Кристофер Хасон, поручник во американската крајбрежна стража и самопрогласен бел националист, кој сакаше да предизвика расна војна, беше инспириран од Норвежанецот.

Трактатот на Тарант е поведра верзија на манифестот на Брејвик, исполнет со референци за меми и интернет-шеги, но сличен по содржина, структура и тон. Обајцата ги објавија своите текстови на интернет веднаш пред своите напади. Норвежанецот планирал да го емитува својот напад на Јутјуб, но не успеа да го стори тоа, а Тарант го емитуваше својот терористички акт во живо на својата фејсбук-страница.

Двајцата мажи го мешаат бесот со самосожалувањето. Тие се гледаат себеси како жртви и користат термини како „инвазија“, „масовна имиграција“ и „бел геноцид“ за да го опишат она што го сметаат за уништување на Европа и на белата раса. И Австралиецот и Норвежанецот речиси и не ги споменуваат своите татковини и се фокусираат на Европа и на САД. Тарант го гледа белото население во Австралија и Нов Зеланд како Европејци.

Тој опишува како се одлучил за својот „последен удар“ по посетата на Франција во 2017 година, каде што видел дека европскиот Французин бил „заменет“ со „небелци“. Оттаму е и насловот на неговиот манифест: „Големата замена“.

Како и Норвежанецот, и Тарант е опседнат со наталитетот и ја опишува Европа како послаба и постара. Норвешкиот терорист сакаше да формира државни породилишта каде што русокоси синооки мајки ќе раѓаат по десетина деца. Тарант сака да го врати она што го нарекува „традиционални семејни вредности“, вели Саерштад.

Нивната главна агенда е иста: да се уништи муслиманската имиграција. Тарант сака да ги „депортира оние напаѓачи што веќе живеат на нашата територија“. Брејвик предложи на секој муслиман да му се даде можност да се преобрати во христијанството и да добие христијанско име. Оние што нема да го почитуваат тоа треба да бидат депортирани или погубени. Сите објекти на исламска уметност треба да се уништат, вклучувајќи ги и сите џамии; јазиците како арапскиот, персискиот, урду и сомалискиот да бидат забранети.

Една од џамиите што беа нападнати во Нов Зеланд е изградена на место каде што некогаш постоела црква. Додека напаѓачот во Крајстчерч ги нападна директно своите цели, Брејвик сакаше да ги убие т.н. предавници, членови на либералната елита и владејачката Лабуристичка партија, кои ги пуштиле муслиманите во земјата.

Обајцата пишуваа дека ќе се жртвуваат за поголема кауза и си замислуваа дека ќе бидат ослободени од затвор од нивните следбеници по „конзервативната револуција“ што ќе се шири низ светот.

На Брејвик судските психијатри му дијагностицираа нарцисоидно растројство на личноста; Тарант покажува слични особини. Тој напиша во својот манифест дека не само што очекува да биде пуштен на слобода, туку се надева дека ќе ја добие Нобеловата награда за мир. Тој треба да биде слободен по 27 години, пишува тој, како Нелсон Мандела, откако ќе отслужи „за истото злосторство“.

Иако делови од манифестот на Брејвик може да се читаат како прирачник за терористички чин, тој е повик за акција. Тарант го пренесува тој повик и пишува: „Додека вие го чекате сигналот, вашите луѓе ве чекаат вас“. Обајцата се опишуваа како фашисти и користеа метафори за војни за да ги оправдаат убиствата.

Дали ние сме соучесници во ширењето на идеите на овие фашисти, пишувајќи за нив? Одговорот е не. Радикализацијата се случува првенствено на интернет, каде што насилните екстремисти се среќаваат и се охрабруваат едни со други, и каде што треба да се следат и набљудуваат.

Не можеме да си дозволиме да бидеме неуки. За да се бориме со тероризмот, треба да истражиме како поединците стануваат терористи. Ние треба да ги анализираме и да ги разоткриеме и објавиме фашистичките мисли и насилството.

Луѓето како Брејвик и Тарант шират митови и заговори преоблечени во факти. Тие користат пушки за да бидат читани. Нивните мисли процветуваат во мракот, скроени како за некоја подземна заедница. Мора да ги изложиме идеите и животите на овие бели расисти. Дури тогаш ќе можеме правилно да ги секцираме.

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе