Во првото соопштение по смртта на Багдади

„Америко, не се радувај, ИСИС е на прагот на Европа“

Неколку дена откако лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади, и неговиот наводен наследник беа убиени во напад од Соединетите Држави во северна Сирија, групата во четвртокот го прекина молкот и ја потврди нивната смрт, најавувајќи нов лидер и предупредувајќи ја Америка: „Не се радувај“.

Аудиоснимката е првото јавување на Исламска држава со кое се потврдува смртта на нејзиниот лидер, која претседателот Трамп триумфално ја соопшти во неделата како огромен удар за најстрашната терористичка група во светот.

Објавата, на снимката што трае седум минути и 37 секунди, беше проследена со предупредување до Соединетите Држави да не ликуваат што го убиле ал-Багдади, кој имаше наредено обезглавувања на американски заложници и други злосторства.

„Не биди среќна, Америко, за смртта на шеикот ал-Багдади и не ги заборавај неговите смртни трофеи, Бог нека го прими“, се вели во соопштението, во кое се фалат учениците на групата и проширувањето надвор од Блискиот Исток, и покрај тоа што нејзината основна територија во Ирак и во Сирија е сведена на нула:

„Зарем не гледаш, Америко, дека Државата сега е на прагот на Европа и на Централна Африка?“

Евидентираните трансфери на пари и сведочењата на заробените борци во Демократска Република Конго укажуваат дека ИСИС формира база на операции во централноафриканската земја.

Во соопштението се напаѓа и лидерството на Трамп, со предупредување до Соединетите Држави: „Не ли гледате дека станавте предмет на потсмев кај нациите, а дека вашата судбина ја контролира еден стар лудак, чии ставови се менуваат од утро до вечер?“

Во соопштението се навестува дека главешините на Исламска држава се собрале за да разговараат за прашањето на наследникот и се сугерира дека тој бил лично одбран од Абу Бакр ал-Багдади: „Шеиците на муџахедините се согласија, по консултирањето со своите браќа и дејствувајќи по препорака од Абу Бакр ал-Багдади, да му се заколнат на верност на шеикот и муџахедин, интелектуалец, вреден човек и верник Абу Ибрахим ал-Хашеми ал Курајши“, се вели во соопштението.

Повикот до приврзаниците да му се заколнат на верност на новиот водач е ритуал што доби ново значење под владеењето на ал-Багдади, бидејќи напаѓачите низ целиот свет му се колнеа на верност на калифот пред да ги вршат убиствата.

Речиси ништо не се знае за ал-Курајши, вклучувајќи го и неговото вистинско име, а аналитичарите за борба против тероризмот во четвртокот се обидуваа да дознаат кој е тој, вели Њујорк тајмс.

„Никој - буквално никој надвор од веројатно еден мал круг во рамките на ИСИС - нема поим кој е нивниот нов водач 'Абу Ибрахим ал-Хашими ал-Курајши'“, рече Пол Круикшанк од Центарот за борба против тероризмот во твит во четвртокот. „Групата сè уште нема објавено никакви значајни биографски детали што можат да им овозможат на аналитичарите да го откријат неговиот идентитет.“

Даниеле Раниери, новинарка и аналитичарка што повеќе од една деценија ја проучува лидерската структура на Исламска држава, рече дека лидерите на ИСИС често добиваат ново име по назначувањето на нова позиција, што значи дека ал-Курајши минатата недела може да имал сосема поинакво име.

Називот „ал-Курајши“ на крајот на неговото име укажува дека тој е прикажан како потомок на племето Курејш од пророкот Мухамед, лоза што Исламска држава ја смета за предуслов да се стане калиф, или владетел на муслиманска теократија.

Неговата употреба укажува дека Исламска држава, позната и како ИСИС, ИСИЛ и Даеш, продолжува да се гледа себеси како калифат - дури и кога практично веќе нема територија.

„Тоа покажува дека иако светот е спремен да ја прогласи Исламска држава за мртва и готова, главните лидери на групата продолжуваат да веруваат дека таа може да работи како што функционирала во минатото“, рече Колин П. Кларк, виш соработник во центарот Суфан, истражувачка организација во Њујорк.

„Тие сугерираат дека ништо не е сменето, дека сè уште треба да му се биде верен на раководството, а филијалите и франшизите треба да продолжат од ал-Курајши да чекаат наредби како да работат“, рече тој.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе