Американски сенатор: Треба да се прашаме дали коронавирусот е резултат на експеримент (ВИДЕО)

Сенаторот Тим Котон не е експерт за заразни болести. Поради тоа е чудно што републиканецот од Арканзас реши неконтролирано да нагаѓа околу потеклото на новиот коронавирус за време на своето гостување на Фокс њуз минатата недела, пишува Си-ен-ен.

Кога водителката Марија Бартоломо прашала „зошто овие болести постојано доаѓаат од Кина“, Котон одговорил: „Вирусот не потекнува од животинскиот пазар во Вухан. Повеќе изворни случаи немале никаков контакт со тој пазар на храна. Не знаеме од каде потекнува болеста... Но знаеме дека на само неколку километри од тој пазар има една кинеска суперлабораторија од четврто ниво на безбедност, која ги истражува човечките заразни болести. Немаме доказ дека болеста настанала таму. Но можеме барем да го поставиме прашањето“.

Накратко, Колтон сугерира дека вирусот е резултат на утнат експеримент или намерно ширење на биолошко оружје.

„Што се однесува до хипотезата на Котон дека вирусот настанал во врска со лабораторијата, д-р Вилијам Шафнер, специјалист за инфективни болести на медицинскиот центар на универзитетот Вандербилт, вели: „Не сум видел некој да пружи каква било цврста информација која би ја поддржала таа теорија. Мислам дека во овој момент можеме да повлечеме линија и да кажеме дека тоа не се случило. Сите со кои разговарав или чии текстови сум ги читал, сметаат дека вирусот потекнува од природни извори, како САРС и МЕРС. Во двата случаи станува збор за коронавируси кои од животинската популација преминаа на луѓето во природна средина. Досега научниците низ светот го истражуваа вирусот и не е откриено ништо необично во смисла на потеклото““, пишува Тара Субраманиам за Си-ен-ен.

Нормално, Котон по настапот на Фокс на Твитер објасни дека не сугерирал директно дека коронавирусот е некој тип биооружје кое избегало од контрола, туку само укажал дека станува збор за еден од можните извори на болеста.

Но, тоа не го менува фактот дека на телевизија, која има многу повеќе гледачи од твитер профилот на Котон, изнесе целосно непотврдена теорија на заговор за болеста.

Ова е кулминација на неодговорноста на јавен службеник, пишува Си-ен-ен. Во јавноста веќе има огромно количество страв и дезинформации околу новиот коронавирус. Зошто да се поттикнува тоа со недокажани тврдења дека всушност постои кинеско биооружје?

Котон е попаметен од тоа, оценува аналитичарката на Си-ен-ен. Не само што има беспрекорно академско досие (Харвард), туку пред изборите во Претставничкиот дом и Сенатот на американскиот Конгрес некое време минал во војската. Тој добро знае дека ваквите шпекулации не ја подобруваат ситуацијата, туку ја влошуваат.

Меѓутоа, Котон очигледно живее во таканаречениот свет на поствистина. Светот кој го создаде и поттикнува американскиот претседател Доналд Трамп. Неговата претседателска кандидатура беше родена од теоријата на заговор дека неговиот претходник Барак Обама всушност не е роден во САД (па поради тоа не смеел да се кандидира за претседател), а во својот мандат прифати многубројни теории на заговор, како наводните милиони нелегални гласови на изборите во 2016, или наредбата на Обама да се прислушуваат телефоните во Трамп тауер.

Трамп теориите на заговор ги внесе во мејнстримот и увери многу луѓе дека станува збор за вистина, користејќи ја истата тактика како Котон – „Не велам дека тоа е вистина, но велам дека луѓето зборуваат за тоа и дека треба да се постави прашањето“.

Но само затоа што Трамп ги направи таквите нешта вообичаени, тоа не значи дека се во ред, заклучува Си-ен-ен.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе