Преку контрола на швајцарска компанија

Американски и германски шпиони со децении ги читале најтајните пораки на 120 земји - и сè поради еден Русин

Разузнавачките служби на САД и Германија со децении ги читале најтајните комуникации на владите низ целиот свет преку тајно контролирање на главната компанија за шифрирање, соопштија во вторникот американски, германски и швајцарски медиум.

Швајцарската компанија Крипто АГ беше главен снабдувач на уреди за кодирање на комуникациите за околу 120 земји од Втората светска војна до почетокот на овој век, вклучувајќи ги и владите на Иран, Индија, Пакистан и Јужна Америка.

Без да знаат овие влади, Крипто тајно била во сопственост на Централната разузнавачка служба на САД и на германската федерална разузнавачка служба БНД.

Заедно тие ја приспособувале опремата на Крипто за да можат лесно да ги пробиваат кодовите и да ги читаат пораките на владите, велат Вашингтон пост, германската телевизија ЗТЕ и швајцарскиот државен медиум СРФ.

 

„Пуч на векот“

Цитирајќи тајни документи на ЦИА за операција што првично се нарекувала Тезаурус, а подоцна и Рубикон, медиумите велат дека во 1980-тите плодот од машините „Крипто“ се состоел од приближно 40% од сите странски комуникации што американските шифранти им ги проследиле на разузнавачите.

Компанијата остварила милиони долари профит, кои отишле кај ЦИА и БНД.

„Тоа беше разузнавачки пуч на векот“, се вели во документите, според Пост.

„Странските влади им плаќаа многу пари на САД и Западна Германија за привилегијата нивните најтајни комуникации да ги читаат најмалку две (а можеби и пет или шест) странски држави“.

БНД немала директна реакција на сторијата. Портпаролот на ЦИА, Тимоти Барет, одбил да го коментира.

 

Мобилна машина за кодирање

Крипто е основана од рускиот претприемач Борис Хагелин, кој избегал од Скандинавија во Соединетите Држави во 1940 година, кога нацистите ја окупираа Норвешка.

Тој создал преносна машина за механичко криптирање што може да се користи на терен. Компанијата за машини за пишување „Смит Корона“ во Њујорк произвела околу 140.000 машини за американските војници за време на војната.

По војната Хагелин се преселил во Швајцарија и почнал со производство на понапредни машини за кои американските шпиони биле загрижени дека ќе им овозможат на владите низ целиот свет да ги заштитат своите комуникации.

Но главниот американски криптолог, Вилијам Фридман од Националната агенција за безбедност, го убедил Хагелин да ја ограничи продажбата на своите најнапредни машини само на земјите одобрени од Вашингтон. На другите им биле продавани постарите машини - со шифрирање што може да се пробие.

Исклучување на Французите

Кога интегралните кола го заменија механичкото криптирање во 1960-тите, НСА му помогнала на Хагелин да дизајнира нови машини, кои содржеле кодирање што американските криптолози знаеле како да го пробијат.

Кога Хагелин се обидел да се пензионира, Вашингтон го спречил обидот на француската влада да ја купи неговата компанија и организирал САД да ја преземат.

Во 1970 година, САД и Германија постигнале договор да ја купат за 5,75 милиони американски долари - со услов Французите да бидат исклучени.

Тие потоа ги контролирале буквално сите операции на Крипто со седиште во Цуг - ангажирајќи го персоналот, дизајнирајќи ја технологијата и раководејќи ги продажбите.

Одамна постоеја сомнежи за разузнавачката операција во сржта на Крипто, а на неа се алудира и во документи што се појавија пред неколку децении, но тоа никогаш не беше докажано. Вистинската сопственост на компанијата беше маскирана со компании во регистрите на Лихтенштајн.

Додека голем број земји ги купуваа машините за кодирање на Крипто, големите западни противници, Русија и Кина, никогаш не веруваа во нив.

Наводно нервозна дека ќе ја откријат и незадоволна од тоа што ЦИА агресивно ги таргетира и пријателите и ривалите со продажбата на машините „Крипто“, БНД во 90-тите се повлекла, а ЦИА ги купила нејзините акции.

Бернд Шмидбауер, поранешен координатор на тајните служби за германската влада, ја потврди приказната за ЗТЕ.

„Операцијата 'Рубикон' јасно помогна светот да се направи нешто побезбеден“, рече тој.

 

Прегазени од апликациите

Со онлајн-технологијата, меѓу која и напредни апликации за криптирање, сега многу помоќни од видот на машините што ги правеше Крипто, ЦИА во 2018 година конечно ја продаде компанијата, објави Пост.

Таа беше поделена на две компании. Нејзиниот бизнис со швајцарски клиенти остана во Цуг под новото име ЦиОн, а меѓународниот бизнис и името на компанијата ги презеде шведскиот инвеститор Андреас Линде.

Шведската компанија „Крипто интернешнел“ ги нарече овие информации „мошне вознемирувачки“.

„Ние немаме никакви врски со ЦИА или со БНД и никогаш сме немале“, се вели во соопштението на компанијата на нејзината веб-страница. „Во моментов ја проценуваме ситуацијата и ќе коментираме откако ќе имаме целосна слика“.

Каролина Борен, портпаролка на швајцарското Министерство за одбрана, рече дека владата минатиот ноември била информирана за случајот „Крипто“ и дека назначила пензиониран федерален судија да го истражи. Во меѓувреме, земјата ги суспендираше лиценците за извоз за компаниите-наследнички на Крипто.

„Настаните за кои станува збор почнале во 1945 година и денес е тешко да се реконструираат и да се протолкуваат“, рече Борен.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе