Последниот европски диктатор

Александар Лукашенко – 25 години на власт и не му се гледа крајот

Александар Лукашенко владее со Белорусија веќе 25 години. На Западот повеќе ја нема репутацијата „последниот европски диктатор“, пишува Дојче веле.

Меѓутоа, најголемиот предизвик допрва му претстои – заминувањето од власта.

Тој е сега „Број еден“. По оставката на претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев во март, Лукашенко е шефот на држава со најдолг стаж во постсоветскиот простор.

64-годишниот автократ со препознатливите мустаќи ја слави 25-годишнината на власт.

Кога на 10 јули 1994 шефот на софхозот, голема државна фарма, беше избран за првиот претседател на Белорусија, поранешната советска република на источната граница на Европската Унија беше независна само три години. Во тоа време Лукашенко народот го викаше „Баќка“ (татко).

На лидерскиот стил таткото на нацијата му остана верен до ден денес. Се грижи, на пример, кравите да не се премногу валкани и да имаат доволно храна. Тоа е типично за Лукашенко. Така во март, поради лошата состојба на една земјоделска фарма, отпушти неколку функционери, вклучувајќи го и министерот за земјоделство.

Често се слуша дека Лукашенко во својата република со околу десет милиони луѓе одржал еден вид „мини СССР“. Тоа се однесува на релативно успешниот индустриски и земјоделски сектор кој има корист од државната поддршка, но пред сѐ од политичкиот сојуз со Русија. Но тоа исто така доведе и до зависност – која Русија сака да ја користи. На пример, Русија воведе ограничување на увозот за белоруски млечни производи.

Во мрачната страна на неговото владеење влегува крајно персонализираниот авторитарен режим. Лукашенко се потпира на разузнавачката служба КГБ, која во Белорусија и ден денес го носи тоа име, како некогаш во Советскиот Сојуз.

Преку референдум доведе до измени на законите и уставот за да има поголеми овластувања и неограничено право на реизбор. На парламентот му е одземена моќта, либералната опозиција е тргната на страна, а медиумите цензурирани. Некои опозициски политичари исчезнаа без трага, а протестите беа задушени.

Валерија Карбалевич, политички експерт и автор на биографијата на Лукашенко, за појавата на авторитарното владеење во Белорусија вели: „Од една страна, Лукашенко беше гладен за власт и не сакаше никакви ограничувања. Од друга страна, во општеството постоеше желба за ред во советска смисла“.

На Западот Лукашенко се сметаше за „последниот диктатор во Европа“. Европската Унија нему и на неговата елита им наметна санкции.

Меѓутоа, тие времиња минаа – во 2014 година, откако Русија ѝ го направи тоа што ѝ го направи на Украина. Лукашенко во таа криза остана неутрален и срекна меѓународен углед благодарение на преговорите за источна Украина во главниот белоруски град Минск.

Исто така, претседателот ослободи и некои опозициски активисти, со што го отвори патот за укинување на ЕУ санкциите, што се случи во 2016. Сепак, земјата не стана демократска. Според специјалниот претставник на ОН во Белорусија, човековите права таму и понатаму редовно се кршат.

Повторното приближување кон Западот требаше да биде крунисано во февруари. Планираното беше првото учество на Лукашенко на Минхенската безбедносна конференција. Но патувањето пред самиот настан беше откажано. Веста дојде по една средба на Лукашенко со рускиот претседател Цладимир Путин, што доведе до шпекулации за можна поврзаност на двата настани.

Лукашенко од почетокот одржува блиски врски со Русија. Со Борис Јелцин, претходникот на Путин, во 1997 ја формираше заедничката руско-белоруска држава, унија која досега постоеше главно на хартија. Белорусија беше и основач на Евроазиската економска унија – омилениот проект на Путин чија цел е реинтеграција на поранешните советски републики.

Меѓутоа, во последните месеци Лукашенко е под сѐ поголем притисок од Москва за поголемо поврзување. Така руската политика доведе до тоа Белорусија помалку да профитира од руската нафта, од нејзината преработка и препродавање на Западот. Имаше и шпекулации дека Кремљ сака да го заживее проектот на руско-белоруска држава за на Путин да му се овозможи реизбор. По двата мандати, шефот на Кремљ повеќе не може да се кандидира, а мандатот му истекува во 2024 година. Лукашенко наводно се уплашил за својата моќ и, ако воопшто постојат, ги отфрлил таквите планови. Русија ја критикува необично остро, но избегнува директни напади врз Путин.

Најголемиот предизвик за Лукашенко допрва претстои: неговото заминување од власта. Неодамна најави дека претседателските избори ќе бидат одржани според планираното – во 2020 година. Тој може да се кандидира.

Лукашенко е „заложник“ на системот кој самиот го создаде, пишува Карбалевич. „Лукашенко нема избор освен да се обиде да остане на власт до крајот на животот“, вели тој. Неговото заминување би довело до промена на режимот, а негов наследник е тешко да се замисли.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе