Албанија одржува избори без опозицијата, со поддршка од САД и ЕУ

Околу 3,5 милиони Албанци денес можат да го остварат своето право на локалните избори кои за албанскиот претседател Илир Мета и опозицијата во таа земја се нелегитимни, додека за премиерот Еди Рама се во согласност со уставот, а ги поддржаа и ЕУ и САД.

Албанската држава веќе неколку месеци се соочува со длабока политичка и институционална криза, откако албанската опозиција излезе од парламентот и ги продолжи своите политички активности преку масовни протести на таканаречената обединета опозиција на улиците на Тирана.

Опозицијата предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша бара оставка од премиерот Еди Рама, формирање преодна влада и распишување предвремени парламентарни избори. Тие со барањата истакнаа дека нема да учествуваат на локалните избори закажани за денес, додавајќи дека „корумпираната влада на Рама не сака да спроведе чесни избори“.

Поради сѐ помасовните протести на опозицијата проследени со судири меѓу полицијата и демонстрантите, претседателот Мета пред три недели го поништи указот за одржување на локалните избори, кажувајќи дека нема да дозволи изборен процес без учество на опозицијата и изразувајќи го својот страв од граѓански немири.

Владејачката коалиција предводена од Рама таквата одлука на претседателот ја оцени како противуставна, и им вети на граѓаните дека изборите ќе се одржат без одложување, а истворемено почна постапка за отповикување на претседателот.

Рама најави дека Мета повеќе не заслужува да биде шеф на државата и дека граѓанските претставници во парламентот ќе му го одземат мандатот.

Албанскиот парламент во меѓувреме изгласа декларација со која се осудува одлуката на претседателот за одложување на изборите, меѓутоа процедурата за отповикување е блокирана поради нефункционалноста на албанскиот уставен суд кој би требало да го потврди барањето на пратеници за отповикување на претседателот.

Претседателот Мета повика на дијалог и решавање на кризата, на чиј повик се одѕва лидерот на опозицијата Баша, додека премиерот Рама кажа дека е „зафатен со кампањата и дека нема време за состаноци“.

На почетокот на неделата и телото Изборен колегиум во таа земја донесе одлука изборите да се одржат на 30 јуни, на што реагираше кабинетот на Мета, оценувајќи ја одлуката како нелегитимна и смешна.

Албанската централна изборна комисија продолжи со подготовките на изборите, иако опозицијата го повтори ставот дека нема да учествува на нив.

Пред неколку дена и Советот на Европа ја откажа својата набљудувачка мисија на денешните избори, наведувајќи ја како причина нејаснотијата околу организацијата на изборите и безбедносните закани, додека ЕУ и САД испратија свои набљудувачки мисии, како дел од ОБСЕ, кажувајќи дека го признаваат 30 јуни како изборен ден.

Во Албанија се гласа во 61 општина, од кои во дури 35 единствени кандидати за градоначалници се тие од владејачката коалиција предводена од Социјалистичката партија на Рама. Во останатите 26 општини има повеќе кандидати, пред сѐ претставници на малцинските партии.

Опозицијата најави дека е „оправдан секаков отпор против оваа албанска власт“, додека претседателот Мета ги повика граѓаните на смиреност и избегнување провокации кои, како што кажа, „владејачкиот режим би ги искористил за формирање еднопартиски систем“.

Американската амбасада во Тирана, како и италијанската и други амбасади на земјите од Европската Унија, ги повикаа своите државјани кои престојуваат во таа земја да ги избегнуваат гласачките места и локациите на кои се собираат поголеми групи луѓе.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе