„Ако САД ги укинат визите за граѓаните на Косово, тоа е шлаканица за ЕУ“

Ако САД ги укинат визите за граѓаните на Косово, тоа пред сѐ би било голема шлаканица за Европската Унија, вели за Косово онлајн Немања Старовиќ од српскиот Центар за општествена стабилност.

EPA-EFE

Тој потсети дека ЕУ веќе 10 години не му дава на Косово визна либерализација.

По повод посетата на специјалниот претставник на САД Ричард Гренел на Белград и Приштина косовскиот печат најавуваше дека тој како своевиден подарок би можел да донесе укинување на американските визи за граѓаните на Косово.

Иако тоа не се случи, вреди да се разгледа можната мотивација за таквиот неконвенционален потег на најголемата светска сила, како и практичните импликации, укажува Старовиќ.

„Да потсетиме дека Хашим Тачи уште во 2010 им ветуваше на граѓаните на Косово и Метохија дека во рок од најмногу 15 месеци ќе можат да патуваат во земјите од ЕУ без визи, како и дека Приштина ги исполни сите ставки од долгата листа од дури 95 барања за визната либерализација’, истакнува аналитичарот.

Според него, треба да се има предвид дека САД сѐ уште бараат визи за граѓаните на некои држави од ЕУ како Бугарија, Романија и Хрватска, а со вклучувањето на Косово во „Виза вејвер“ програмата би ги прекршиле формалните критериуми поради кои наведените ЕУ земји ги држат во визен режим.

„Еден од клучните услови за укинување на визите за некоја држава е спуштањето на стапката од одбиените визни апликации под три отсто. Таа стапка претходната година за апликантите од Косово и Метохија изнесуваше високи 37 отсто, додека во Хрватска беше само четири отсто“, вели Старовиќ.

Смета дека уште еден важен аспект е тоа што визниот режим главно се однесува на некоја земја/територија, а не на типот на патниот документ.

„Тоа значи дека во принцип укинувањето на американските визи за граѓаните на Косово би требало да ги опфати како носителите на пасошите на таканаречената Република Косово, така и носителите на пасоши на Република Србија со живеалиште на Косово, кои САД ги признаваат како валиден патен документ. Со тоа би дошле во малку парадоксална ситуација во која Србите од Косовска Митровица со пасош на Република Србија не се опфатени со визната либерализација на ЕУ, но да можат слободно да патуваат во САД“, вели тој.

Укажува дека и ако дојде до укинување на американските визи за граѓаните на Косово и Метохија, официјален Белград не би требало тоа да го гледа како чин насочен кон антагонизација на Србија, бидејќи пред сѐ би станувало збор за соочување меѓу трансатлантските партнери „со скромни практични импликации“.

„Имено, мал број Албанци од Косово ќе имаат потреба и можност за престој во САД, за разлика од државите од Шенгенскиот простор. Освен тоа, евентуалното вклучување на Приштина во програмата за суспензија на визите би можело да биде вовед во тоа сите граѓани на Србија да добијат можност без визи да патуваат во САД, бидејќи Белград и Приштина со Вашингтонскиот договор прифатија идентични процедури за безбедност во авио-сообраќајот, и дека нема ниедна причина зошто користа од таквиот потег не би била симетрична за двете страни“, заклучи Старовиќ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Државата Бугарија ги исцрта своите позиции, а државата Македонија не. Сега сме во финалната фаза – за овие прашања да зборуваат партиските водачи – Заев, Мицкоски, а поретко нивните статисти – пратениците и претседателот на Републиката.

повеќе

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе