Министерот за надворешни работи Доминик Раб ја повика Европската Унија да признае дека контролата над британските води е прашање на суверенитетот на Лондон и оцени дека прашањето на правото на риболовците од ЕУ да ловат риба во британските води би можело да се реши во следните денови.
„Мислам дека е важно ЕУ да го разбере нашиот став“, кажа Раб. „Ако покажат прагматичност и добра волја, сигурен сум дека на крајот на преговорите ние ќе ја покажеме нашата флексибилност и дека договор ќе биде постигнат“, додаде тој.
Британија ги напушти политичките структури на ЕУ на 31 јануари, а економската треба да ја напушти на 31 декември, кога ќе заврши 11-месечниот преоден период. Двете страни од тогаш се обидуваат да склучат нов трговски договор, но разговорите заглавија околу прашањата кои го вклучуваат правото на риболов во водите на Британија.
Правото на риболов е една од главните пречки во преговорите, а британскиот премиер Борис Џонсон досега не сакаше да попушти пред барањата да им дозволи на рибарските бродови од ЕУ постојан пристап до британските води.
Властите стравуваат дека тоа би можело да доведе до нова „рибарска војна“ откако британски бродови поддржани од морнарицата се судрија со крајбрежната стража на Исланд во пропаднатиот обид да ги задржат правата на риболов во северниот Атлантик.
Двете страни велат дека Британија, доколку не биде постигнат договор до следниот месец, на 1 јануари ќе се соочи со економски скапо и за неа штетно излегување од ЕУ без договор, а милиони потрошувачи и компании ќе бидат соочени со повисоки цени поради царините на стоката од ЕУ, но и со можност за недостиг од храна.
Раб кажа дека тој е оптимист, иако правата на риболов се голема пречка во постигнувањето договор и дека верува дека договор ќе биде постигнат ако ЕУ биде „разумна“ како што е Британија.
Од друга страна, Брисел упорно инсистира на тоа дека Лондон не е спремен на компромис.
Главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние кажа дека блокот е спремен да го намали од 18 на 15 отсто својот дел од уловот во британските води, но Раб тоа го одби.
Британија исто така сака секоја година повторно да се разгледува пристапот на рибарските флоти на ЕУ во британските води, додека Брисел сака подолгорочен договор.
Преговорите за финализација на брегзитот се во тек, иако времето за постигнување договор истекува бидејќи за евентуалниот договор да биде прифатен, треба да го ратификуваат сите 27 земји членки на ЕУ.