Трамп-Ким

Агенциите: Документот од самитот полн со нејасни ветувања, без опиплив напредок

Аналитичарите и историчарите едногласно потсетуваат дека режимот во Пјонгјанг е мајстор за неисполнети ветувања. Постигнати се договори во 1994 и во 2005 година, но ниеден никогаш не е вистински применет.

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот водач Ким Џонг Ун се обврзаа дека ќе воспостават „нови“ односи меѓу САД и Северна Кореја и дека ќе се стремат кон целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров во документот што е потпишан денеска во Сингапур.

Агенцијата Франс прес наведува дека не изгледа дека е направен голем пробив во врска со прашањето на нуклеарниот арсенал на Северна Кореја, што беше клучно прашање на самитот, укажувајќи дека во текстот се дадени нејасни формулации, вклучително и за прашањето на роковите.

„Ким Џонг Ун повторно потврди дека цврсто се обврзува за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, пишува во текстот за кој двајцата водачи се обврзуваат да го спроведат целосно и мошне брзо.

САД и Северна Кореја ќе градат „траен и стабилен мировен режим“ на Корејскиот Полуостров, се наведува во документот, а американскиот претседател кажа дека „процесот на денуклеаризација може да почне мошне брзо“.

Агенцијата АП исто така оценува дека документот е полн со нејасни ветувања за мир и денуклеаризација и дека единствен опиплив резултат од самитот е тоа што двете страни се обврзаа да ги вратат посмртните останки на американските војници што исчезнаа во Корејската војна од 1950-1953 година.

Уште не се знае што се случило со речиси 7.800 американски војници по Корејската војна, а 5.300 од нив се изгубени во Северна Кореја. Напорите да се најдат и да се вратат посмртните останки се прекинати повеќе од една година поради севернокорејското развивање нуклеарно оружје.

Професорот на МИТ-факултетот Випин Наранг оцени за Франс прес дека Северна Кореја не ветила ништо повеќе од тоа што го ветува во последните 25 години.

„Во оваа фаза нема причина да се верува дека овој самит донесе нешто поконкретно на планот на разоружувањето“, кажа тој за Франс прес.

Аналитичарите и историчарите едногласно потсетуваат дека режимот во Пјонгјанг е мајстор за неисполнети ветувања. Постигнати се договори во 1994 и во 2005 година, но ниеден од нив никогаш не е вистински применет, наведува АП.

Во документот не се споменува „целосна, проверлива и неповратна денуклеаризација“ за која САД зборуваа пред состанокот, туку се дава поопшта формулација.

„Претседателот Трамп се обврзува дека ќе ѝ даде безбедносни гаранции" на Северна Кореја, се наведува во текстот.

Се додава дека двете страни се обврзуваат да воспостават нови односи меѓу САД и Северна Кореја „во согласност со желбата на двете земји за мир и просперитет“.

Договорено е дека американскиот државен секретар Мајк Помпео и висок севернокорејски функционер ќе имаат дополнителни разговори што е можно порано.

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе