„Чиста победа, рамна на чудо“

75 години од Сутјеска: битката за уништување на партизаните и елиминирање на Тито (ФОТО)

„Долу млада шума, а пред нас ливада. Но ниска, густа магла, како млеко густа магла, речиси ништо не се гледа... Од таа шума, наѕирам, навираат, излегуваат партизани. Излегува Прва пролетерска. Одеднаш, маглата застана, нагло се крена, чистина. А на другата страна на ливадата, негде на осумдесет-сто метри од нас, жолт окоп, ров. Тоа е Балиновац. Тука се Германците. Вкопани.“ *

Триесетдневната битка на Сутјеска во 1943 година била одлучувачка битка на петтата непријателска офанзива, со која југословенските партизани извршиле пробив од оскиниот обрач, растурајќи ги германските сили во близина на реката Сутјеска во југоисточна Босна. Од околу 18 илјади војници од 16 партизански бригади, загинале повеќе од третина.

Почнувајќи од 15 мај 1943 година, околу 127.000 германски, италијански, бугарски и ендехазиски војници, со поддршка од околу 300 авиони, го почнале спроведувањето на операцијата Шварц.

Целта на офанзивата била целосно уништување на партизанските единици и заробување или убивање на Јосип Броз Тито.

Не насетувајќи поголема офанзива, Врховниот штаб на Народноослободителната војска на Југославија на 14 мај ѝ наредил на Втората пролетерска дивизија да го ослободи Колашин, а на Првата пролетерска да ја заземе Рибаревина и да ги пресече комуникациите Бијело Поље - Беране.

Обете дивизии на 15 мај тргнале да ги извршат наредбите.

Меѓутоа, германскиот командант за Југоисток издал наредба за концентричен напад на 15 мај против сите вооружени единици во оваа област. Истиот ден, на истото место, во истото време, обете страни почнале да ги остваруваат своите замисли. Рано утрото на 15 мај 1943 година се судриле Првата ридска германска дивизија и единиците на Првата и Втората пролетерска дивизија - почнала битката на Сутјеска.

„Германците навалуваат со сè поголеми сили и сè поупорно. Ние загубивме две третини од нашите борци, но сметајте на нас како да сме во полн состав“.

Порака од Втората далматинска бригада до Врховниот штаб

„Операција Шварц: време облачно, дождливо. Јаки комунистички сили пружаат жилав отпор пред Првата ридска дивизија.“

Воен дневник на Врховната команда на Вермахтот од 18 мај 1943

 

Опколувањето во црногорските клисури, повлекувањето кон Босна, кое траело скоро еден месец, Титовото ранување и пробив, како и ѕверското убивање на ранетите од централната партизанска болница што останале во германската средина, се една од најкрвавите епизоди од војната на овие простори.

Според националниот состав, во битката на Сутјеска учествувале 11.851 Србин, 5.220 Хрвати, 3.295 Црногорци, 4 Македонци, 21 Словенец, 866 муслимани, 757 Југословени, 74 Евреи, 3 Египќани, 6 Чеси, 5 Унгарци, 3 Словаци, 3 Руси, 5 Полјаци, 9 Руси, 10 Италијанци, 4 Германци, 2 Англичани, 1 Канаѓанец, 1 Бугарин, 1 Ирец, 1 Украинец и 6 неутврдено.

Од 21.132 борци за кои е утврдена годината на раѓање, 67 отсто биле помлади од 25 години.

Филип Шварм оценува дека партизанското извлекување и пробив биле чиста победа, рамна на чудо. Ниту една партизанска единица не се предала, ниту една не дезертирала.

Во СФРЈ Сутјеска стана симбол на исклучителна пожртвуваност, храброст и морална цврстина во најтешките искушенија.

 

*Извадок од книгата „Бес/конечниот Тито (и Крлежините 'мрсни лаги')“ на Антоније Луле Исаковиќ

Објавено

Среда, Мај 16, 2018 - 13:36

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе