Њујорк тајмс

600 средби и свет полн со конфликти: што да очекувате од Генералното собрание на ОН

Скоро 200 водачи ќе се соберат на најистакнатата светска дипломатска сцена во петте дена говори, стотици состаноци - и судири околу климатските промени, Иран и трговијата.

Годишното Генерално собрание на Обединетите нации оваа недела ќе се одвива на фонот на кризи - од загревањето на планетата, преку економската неизвесност, до разгорувањето конфликти што се закануваат дополнително да ги вплеткаат Соединетите Држави во немирниот Блиски Исток.

Трговските војни, миграцијата, снабдувањето со енергија, климатските промени и искоренувањето на сиромаштијата се основните теми на агендата на Генералното собрание од 193 члена. Но постапките на администрацијата на Трамп, кој понекогаш изразуваше презир кон меѓународните институции како Обединетите нации, создадоа заеднички именител, вели Њујорк тајмс.

„Сите главни теми за кои мислам дека луѓето ќе разговараат по ходниците се поврзани со: каква е американска политика?“, вели Џефри Д. Фелтман, американски ветеран дипломат и поранешен генерален потсекретар на Обединетите нации за политички прашања.

Некои водачи не доаѓаат, особено претседателите Си Џинпинг од Кина и Владимир В. Путин од Русија, како и Бенџамин Нетанјаху, критикуваниот премиер на Израел. Не се очекува ни претседателот Николас Мадуро од Венецуела, кого администрацијата на Трамп и околу 50 други влади го сметаат за нелегитимен лидер.

Но ќе присуствува една истакната личност, претседателот Володимир Зеленски од Украина. Украинскиот лидер планира да се сретне со претседателот Трамп, во услови на зголемена загриженост дека лидерот на Соединетите Држави му вршел притисок за американски домашни политички прашања.

Исто така, се поставува прашањето што може владите, особено онаа на Пакистан, да кажат за тоа што Индија му го одзеде автономниот статус на Кашмир. Во неделата Трамп се појави со премиерот Нарендра Моди од Индија во Хјустон на митингот наречен „Хауди, Моди!“

Некои од најголемите моменти и соочувања би можеле да се случат во почетокот на неделата. Еве што да очекувате:

 

Лидери-истомисленици: Болсонаро, Трамп, Ел-Сиси, Ердоган

Претседателот Трамп, чија склоност кон бомбастичноста, кон ширењето страв и кон дипломатските бомби е добро позната, ќе биде опкружен со друштво од истомисленици во вторник кога ќе почнат говорите.

На Трамп ќе му претходи претседателот Жаир М. Болсонаро од Бразил, понекогаш наречен мини-Трамп, поларизирачка фигура дома, кој, како и Трамп, ги отфрла стравувањата за климатските промени и ги исмева критичарите на Твитер.

По Трамп доаѓа претседателот Абдул Фатах ел-Сиси од Египет, поранешниот генерал што стана симбол на репресијата на арапските пролетни револуции - иако неговото појавување изминатиот викенд беше доведено во прашање, кога дома му избувнаа протести. Потоа доаѓа претседателот Реџеп Таип Ердоган од Турција, автократ што насилнички ги напаѓа критичарите и чијашто влада е главен притворувач на новинари.

 

САД и Саудиска Арабија ќе го аргументираат својот став против Иран

Сè до неодамна, имаше многу шпекулации дека Трамп ќе влезе во историјата со средба со претседателот Хасан Рохани од Иран. Но нападот на 14 септември врз нафтените постројки во Саудиска Арабија, за кој американските и саудиските власти го обвинуваат Иран, ја направија таквата средба во најдобар случај неверојатна.

Американските власти се очекува да го претстават она што го опишаа како доказ дека Иран го извршил нападот со беспилотни летала и крстосувачки ракети. Иран го негираше обвинувањето. Јеменските бунтовници хути, кои повеќе од четири години се поддржани од Иран во нивната борба против саудиската коалиција, ја презедоа одговорноста.

Рохани зборува в среда, и тој скоро сигурно ќе тврди дека Трамп ја потпалил серијата од конфликти со ланското повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година со големите сили и повторното наметнување огромни санкции што ја уништуваат иранската економија.

Соединетите Држави се обидуваат да создадат коалиција за да го обесхрабрат Иран, дури и ако не се знае каква форма би добило тоа обесхрабрување.

 

На состанокот за климатските промени американското раководство ќе отсуствува

Климатската криза е на врвот на агендата на Генералното собрание. Околу 60 шефови на држави планираат да зборуваат на Самитот за климатски активности денеска, а официјалните лица сакаат да објават иницијативи како нула-емисии на јаглерод во зградите.

Соединетите Држави немаат такви планови - Трамп во 2017 година објави дека ја повлекува земјата од Парискиот договор за климатски промени. Но некои државни гувернери, кои ја формираа Климатската алијанса на Соединетите Држави, изјавија дека ќе присуствуваат на самитот и ќе се сретнат со другите делегации.

 

САД и Кина ќе разговараат за решавање на нивната трговска војна. Трамп може да покрене и други прашања

Секретарот за финансии Стивен Мнучин се очекуваше на маргините да се сретне со своите кинески колеги, посочувајќи дека администрацијата сака да создаде попродуктивна атмосфера за продолжени трговски преговори по неколкуте недели горчина. Двете влади неодамна го прекинаа ескалирањето на тарифните битки.

Но некои функционери на администрацијата вршат притисок Трамп да се осврне на другите прашања што Кина ги смета за деликатни, вклучувајќи ги и продемократските протести во Хонг Конг, репресијата на Тибетанците и приведувањето на повеќе од еден милион муслимани, претежно етнички Ујгури. Еден официјален претставник изјави дека Трамп треба барем да ја искритикува Кина за обидот да ги заплаши ујгурско-американските активисти.

Доналд Трамп никогаш нема жестоко зборувано за човековите права и отворено изразува восхит кон Си и другите авторитарни лидери. Но пратениците во обете партии на Конгресот вршат притисок врз Трамп да дејствува. Предлозите за Ујгурите, Тибет и Хонг Конг се насочени кон принудување на Трамп и администрацијата да заземат поцврсти ставови.

 

Лидерите на Јапонија и Јужна Кореја, клучните азиски сојузници на Америка, не зборуваат меѓусебно

Долгата расправија меѓу Јапонија и Јужна Кореја, вкоренета во наследството на воената окупација на Јапонија, доведе до влошени трговски односи и крај на договорот за размена на разузнавачки информации. Премиерот Шинзо Абе од Јапонија и претседателот Мун Јае-ин од Јужна Кореја не се очекува да се сретнат. Дали Трамп може да ги натера на тристран разговор останува нејасно. А целта што ја споделуваат сите три земји - нуклеарно разоружување на Северна Кореја - може да забележи мал или никаков напредок.

Додека се очекува Мун да го замоли Трамп пак да се обиде да воспостави дипломатија со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, ниту еден севернокорејски висок официјален претставник не планира да присуствува на Генералното собрание.

 

Европа ќе биде притисната да ја казни владата на Венецуела

Министрите за надворешни работи од 18 нации во Западната хемисфера, вклучително и САД, планираат да се состанат денеска за да разговараат за тоа што може да се стори во врска со Мадуро, кој го раководеше најголемиот економски колапс во историјата на Венецуела и регионалната криза предизвикана од егзодусот на милиони негови луѓе.

Притисокот ќе се фокусира на убедување на Европската Унија да ги прошири економските санкции против лојалистите на Мадуро, вклучително и замрзнување на имотот што го имаат во Европа. Исто така, врз Европејците може да се изврши притисок да ги казнат шверцерите на венецуелско злато во Европа.

 

Америка и Турција со големи заемни проблеми

Трамп и претседателот Ердоган се очекува да се состанат на маргините, но исходот е нејасен. Нивните влади се обременети со голем број тешки заемни проблеми.

Администрацијата на Трамп размислува за санкции за кон Турција, членка на НАТО, за купувањето на рускиот ракетен одбранбен систем С-400 наместо на американскиот „патриот“. Ердоган изрази гнев кон Соединетите Држави поради нивните заеднички операции во северниот дел на Сирија, која граничи со Турција.

Тој рече дека Американците не успеале да воспостават безбедна зона доволно голема за да ги задржат курдските борци надвор од Турција, кои тој ги смета за терористички бунтовници. Во саботата Ердоган предупреди дека неговите сили ќе преземат „еднострани активности“ по должината на границата, доколку Соединетите Држави не преземат акција до крајот на месецот.

 

Последно, но не и најмалку важно - Авганистан

Некој на списокот на национални делегации што се обраќаат до Генералното собрание мора да зборува последен. Годинава тоа место му падна на Авганистан, само неколку недели по пропаѓањето на разговорите меѓу талибанците и Соединетите Држави за да ѝ се стави крај на 18-годишната војна.

Бидејќи за следната сабота се закажани национални избори, не се очекува да присуствува претседателот Ашраф Гани. Наместо тоа, делегацијата на Авганистан ќе ја предводи Хамдулах Мохиб, советник на Ашраф за национална безбедност.

Мохиб во март ја налути администрацијата на Трамп, кога предвиде дека мировните преговори нема да завршат со мир.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе