Њујорк тајмс

2022 година е. Како изгледа животот?

Пандемијата може да го преобликува светот, исто како Втората светска војна и Големата депресија.

2022 година е, а коронавирусот конечно е поразен. По мизерната година и пол, со наизменични карантини и нови жаришта, животот конечно може да почне да се враќа во нормала.

Но тоа нема да биде старата нормала. Тоа ќе биде нов свет, со преобликувана економија, исто како што војната и депресијата го преуредија животот за претходните генерации, вели Дејвид Леонхарт за Њујорк тајмс.

Илјадници продавници и компании што беа ранливи пред да дојде вирусот исчезнаа. Десетици колеџи се затвораат, во првиот бран на затворања во историјата на американското високо образование. Луѓето ги сменија и долгогодишните шеми на однесување: ин е дружењето надвор, аут се бизнис-патувањата.

А американската политика - иако сè уште е поделена на голем број од истите начини како пред вирусот - влезе во нова ера.

Сето ова, очигледно, е претпоставка. Иднината не може да се знае. Но пандемијата сè повеќе изгледа како еден од дефинирачките настани на нашето време. Најоптимистичките сценарија сега веќе не се можни, а Соединетите Држави страдаат од нов пораст на случаите, кој е полош отколку во која било друга земја.

Со помош на економисти, политичари и бизнис-директори, се обидов да замислам како може да изгледа економијата по ковид. Една порака што ја слушнав е дека текот на самиот вирус најголемата улога ќе ја одигра на среден рок. Ако научните достигнувања дојдат брзо и вирусот е во голема мера поразен оваа година, можеби нема да има многу трајни промени во секојдневниот живот.

Од друга страна, ако вакцината остане недостапна со години, долгорочните промени би можеле да бидат навистина длабоки. Секоја индустрија што зависи од близок контакт меѓу луѓето ќе биде во опасност.

Најголем дел од бродовите за крстосување и забавните паркови може да исчезнат. Исто како и многу киносали и мали спортски тимови. Долго предвиденото пропаѓање на традиционалната стоковна куќа конечно ќе се случи. Илјадници ресторани ќе бидат збришани (дури и ако на крајот бидат заменети со поинакви ресторани).

Промените што јас ги замислувам во оваа статија се засноваат на она што многу научници го сметаат за основна линија. Во ова сценарио, вакцината ќе пристигне некаде во 2021 година. Дотогаш, светот ќе претрпува бранови на болест, смрт и неизвесност.

Пред да ги разгледаме деталите, има уште едно предупредување што вреди да се спомене: многу работи нема да се променат. Ова е една од лекциите за историјата.

Финансиската криза од 2007-09 година не ги одврати Американците од купување акции и не доведе до ремонт на Вол стрит. Изборот на првиот црн претседател не придонесе за ера на расно помирување. Нападите од 11/9 не предизвикаа Американците да не сакаат да летаат. Војната во Виетнам не ги прекина сè пошироките странски војни без јасна мисија.

Сепак, ако пандемијата навистина го обликува животот во следната година, таа веројатно ќе биде запаметена како позначаен историски настан од тие преседани. Таа лесно може да биде најважното светско искуство од Втората светска војна и Големата депресија. Настаните што долго време го привлекуваат вниманието на светот - и кои ги менуваат ритмите во секојдневниот живот - имаат тенденција да остават трага.

 

Слабите компании ќе умрат

„Дури кога ќе се повлече плимата“, сака да каже Ворен Бафет, „откривате кој пливал гол.“

Неговата поента е дека компаниите со фалични деловни модели можат да изгледаат цврсто во добрите времиња. Многу клиенти од навика продолжуваат да купуваат од нив. Но кога економијата ќе ослабне, луѓето мора да донесат одлука каде ќе се вратат. Тие честопати почнуваат со производите и услугите што ги сметаат за најлоши или што можат да ги заменат со поевтина алтернатива.

Локалните весници ќе бидат една од жртвите. Тие веќе и онака се бореа за живот, затоа што Гугл и Фејсбук им го зедоа главниот извор на приход: печатените реклами. Помеѓу 2008 и 2019 година, американските весници елиминираа околу половина од сите работни места во редакциите.

Традиционалните стоковни куќи се уште еден пример. Во последниве години, тие изгубија значителен дел од бизнисот поради онлајн-трговците на мало.

Сега вирусот го прекина личното купување во продавниците и предизвика многу потрошувачи уште повеќе да го префрлат бизнисот на интернет, вели Леонхарт.

Трета индустрија што е во ризик - високото образование - е малку поразлична од другите, затоа што таа е толку силно субвенционирана од владата. Сепак, десетици колеџи, приватни и јавни, се соочуваат со вистинска неволја.

Вирусот го влошува скоро секој проблем со кој се соочуваат факултетите. Тие веќе ги загубија приходите од летните училишта, мензите, билетите за паркирање и многу повеќе. Можеби најзначајно, рецесијата е удар за државните буџети, што веројатно ќе доведе до идни кратења на финансирањето на факултетите.

 

Навиките ќе се променат

Ако разговарате со учениците, родителите и наставниците за учењето од дома за време на пандемијата - од предучилишно училиште до факултетското, веројатно ќе ви кажат дека е разочарувачко. „Многу, многу лошо“ помина пролетва, вели Јувал Левин, политички експерт од Нешнел аферс, па многу родители претпоставуваат дека нема да биде ништо подобро оваа есен.

Но ако разговарате со канцелариските работници за нивните искуства со видеоконференциите, ќе слушнете друга приказна: тие не се замена за богатството на разговорите лице-во-лице, но многу состаноци функционираат одлично преку Зум, Фејс тајм или Гугл мит.

Милиони работници се враќаат во канцеларија или наскоро ќе се вратат. Многумина немаат друг избор, како наставниците, домарите и малопродажните работници. Но за многу канцелариски работници, експериментот со работата од дома не покажува знаци дека ќе заврши - тренд што би можел да го потисне трговскиот пазар на недвижности и бизнис-патувањата долго откако ќе биде достапна вакцината.

Работата од дома има свои сопствени предности - помалку време поминато низ густ сообраќај, поголема флексибилност за родителите и за лицата што негуваат постари роднини.

Состаноците и конференциите лице-во-лице ќе продолжат. Но ќе се крене границата за тоа кога е потребно да се патува, како и за времето, цената и заморот што ги носи патувањето.

Кризите може да присилат на промени во однесувањето или да ги забрзаат. Нешто од старото однесување ќе се врати кога ќе заврши пандемијата. Но не сè. Во некои случаи луѓето ќе сфатат дека од инерција се држеле до старите навики и ќе ги претпочитаат своите нови навики.

 

Политиката ќе ја обликува економијата

Најголем извор на неизвесност за поствирусната американска економија е политичкиот. Минатите кризи ја трансформираа економијата, но скоро секогаш поради владината политика.

Граѓанската војна им овозможи на Абрахам Линколн и неговите сојузници да создадат трансконтинентална железница и национална мрежа на јавни универзитети. Големата депресија доведе до голем број федерални закони што ја намалија нееднаквоста. Станбената криза што почна во 2007 година помогна да се изберат демократски претседател и Конгрес што го проширија здравственото осигурување на милиони луѓе.

Ако претседателот Трамп биде реизбран годинава, тоа може да не доведе до некои големи нови економски закони, делумно затоа што тој нема предложено ништо. Но Трамп ќе продолжи да има огромна регулаторна власт и веројатно ќе продолжи да им дава на бизнисите поголема флексибилност да се однесуваат како што сакаат.

Една од клучните последици во поствирусниот период може да биде понатамошна консолидација во многу индустрии, при што големите компании ќе стануваат уште поголеми. Првите знаци укажуваат дека тие го преживуваат карантинот подобро од помалите ривали, делумно затоа што имаат повеќе кеш, подобар пристап до кредити и полесно се префрлаат на интернет-продажба.

Консолидацијата, пак, обично ја зголемува нееднаквоста во приходот и богатството, делумно затоа што најголемите компании ги водат добро платени извршни директори, обично со седиште во поголемите метро-области, а акциите на компаниите се несразмерно во сопственост на богатиот.

„Мојот најголем страв“, вели Хедер Бушеј, водечки прогресивен економист, „е дека ова води кон владеење на олигарсите“.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе