20 години од најголемата руска поморска трагедија – потонувањето на подморницата Курск

Пред 20 години, на 12 август 2000, случајна експлозија на торпедо предизвика потонување на руската нуклеарна подморница Курск, гордоста на руската Северна флота, а судбината на 118 членови на екипажот заробени на 108 метри длабочина ја држеше нацијата без здив цели девет дена, сѐ до трагичниот крај и најголемата катастрофа на руската постсоветска морнарица.

EPA-EFE

Руската подморница К-141 Курск, со НАТО ознака класа „оскар 2“, беше гордост на руската флота, симбол на моќта и силата на руската морнарица. Пуштена во погон во 1994 година, 154 метри долгата нуклеарна подморница беше активна помалку од шест години во моментот кога потона.

Тоа саботно утро пред 20 години, подморницата опремена со 24 ракети и 24 торпеда учествуваше во поморска вежба во водите на Баренцовото Море, на границата на Русија и Норвешка.

Во 11:28 часот по локално време (7:20 по Гринич), норвешките сеизмографи детектираа силна експлозија, а две минути подоцна уште една посилна детонација.

Според општоприфатената теорија, водород пероксид истекол во одделот на клунот, што довело до експлозија на топедо и тоа две минути подоцна предизвикало експлозија на целото оружје. Втората експлозија имала сила од околу 6 тони ТНТ и била доволно голема да биде регистрирана на сеизмографите низ северна Европа.

Руската морнарица успеа да ја лоцира подморницата во неделата наутро, но секој радио контакт со екипажот бил прекинат, примена била само една СОС порака.

Подморницата на нуклеарен погон можела да има до 130 членови на екипажот. Во време на трагедијата во подморницата имало 118 морнари и офицери, под команда на капетанот Генадиј Лијачин. Повеќето членови на екипажот биле помлади од 30 години.

Во неделата попладне една мини-подморница тргна во извидница, но со моторот удри во трупот на Курск и морала брзо да исплови.

Несреќата на Курск руските власти ја потврдија дури два дена подоцна, на 14 август, наведувајќи како причина за тонењето „технички проблеми“.

Морнаричката команда соопшти дека експлозија во одделот за торпеда ја оштетила подморницата која морала да се спушти на дното, во меѓународна зона околу 150 километри северно од руското пристаниште Североморск и дека екипажот има доволно кислород до 18 август.

Русија во прв момент ја одби понудената спасувачка помош од Британија, Норвешка, а подоцна и САД, но со својата застарена опрема нивните обиди за спасување среде невреме беа неуспешни и подоцна прифатија меѓународна помош.

Се веруваше дека некои ја преживеале експлозијата и дека се преместиле во задните оддели на подморницата, но нивото на кислород драматично паѓаше.

На 21 август норвешки нуркачи по само 30 часа успеаја да влезат во подморницата, но предоцна. Внатрешноста беше целосно поплавена. Норвешките нуркачи најдоа само мртви тела.

Според експертите, животите на морнарите можеле да бидат спасени доколку спасувачките операции почнале порано.

Несреќата на подморницата Курск се случи рано за време на првиот претседателски мандат на Владимир Путин кој во тој момент летуваше во Сочи, на Црното Море.

Тој дури на 16 август ја даде својата прва изјава во која констатираше дека состојбата е „критична“, но дека Русија „располага со сите потребни спасувачки капацитети“. Но, по телефонскиот разговор со американскиот претседател Бил Клинтон, поранешниот агент на КГБ истиот ден ќе прифати „помош од кого и да доаѓа“.

Сепак, не го прекина годишниот одмор.

Поради потонувањето на подморницата и несмасните обиди за спасување се редеа критики во медиумите и се разгоре гнев и фрустрација не само меѓу семејствата на настраданите морнари туку и кај целата нација.

„Од првиот момент таа несреќа требаше да биде главниот приоритет на целата држава, почнувајќи со претседателот“, истакна тогаш дневниот весник Известија. Медиумите го обвинија државниот врв дека лаже и прашуваа која е цената на човечкиот живот во посткомунистичка Русија.

Путин на 18 август соопшти дека шансите за спасување на екипажот се „многу мали, но сѐ уште постојат“, и тогаш конечно реши да го прекине летувањето и да се врати во Москва.

Откако норвешките нуркачи на 21 август ја јавија тажната вест дека нема преживеани, на 23 август беше прогласен ден на жалост. Семејствата на морнарите одбија да присуствуваат на официјалната церемонија во чест на загинатите, а Путин тогаш призна дека „чувствува вина за таа трагедија“.

Руското обвинителство отвори истрага која заврши во јули 2002 без именување одговорни, на големо незадоволство на семејствата на морнарите. Во заклучокот на истрагата се наведува дека дошло до експлозија на торпедо која потоа предизвикала експлозија на целото вооружување.

Морнарите не можеле да бидат спасени и умреле најдоцна осум часа по експлозијата, се наведува во заклучокот на истрагата.

Ченел уан, телевизискиот канал кој тогаш беше во сопственост на тајкунот Борис Березовски, интензивно известуваше за тој настан, прозивајќи ја власта за неспособност во акцијата за спасување. Неспремноста во справувањето со катастрофата беше споредувано со несреќата во украинската нуклеарна централа Чернобил во 1986.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе